Анализа на начелно правно мислење на Врховниот суд на Република Северна Македонија - право на слободен избор на адвокат

ВОВЕД

 

Фокусот на оваа анализа е ставен на Правните мислења на Врховниот суд на Република Северна Македонија („РСМ“), донесени на 23.02.2015 година, кои се однесуваат на трошоците на постапката во врска со Законот за парничната постапка. Притоа, едно од донесените правни мислења се однесува на (не)постоењето на обврска за спротивната странка да ги надомести како потребни трошоците кои се предизвикани за адвокат кој има седиште надвор од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, а во која општина има адвокати. Споменатото правно мислење ќе биде анализирано главно низ призмата на правото на слободен избор на адвокат, како своевидна гаранција за обезбедување ефективна правна помош и ефективен пристап до правда, а имајќи ги предвид принципот на независност на адвокатската професија и принципот на доверба меѓу адвокатот и странката.

РЕЗИМЕ НА ФАКТИТЕ

Врховниот суд на РСМ, како највисок суд во државата, е задолжен за обезбедување на единствена примена на законите од страна на судовите.[1] Имено, Врховниот суд на РСМ на општа седница, inter alia, утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите, по сопствена иницијатива или по иницијатива на седниците на судиите или судските оддели од судовите, а може и да разгледува прашања во врска со работата на судовите, примената на законите и судската практика.[2] Ова значи дека Врховниот суд обезбедува единство во примена на законите од страна на основните, апелационите и специјализираните судови во РСМ,[3] од што произлегува дека истиот има клучна улога во процесот на обезбедување на воедначена судска практика.[4] Имено, Врховниот суд на РСМ, практикувајќи ја претходно споменатата надлежност, придонел значително кон унапредување на степенот на правната сигурност и владеењето на правото.
Врховниот суд на РСМ има на располагање уште неколку алатки, кои исто така се користат со цел да се обезбеди единство во примена на законите и воедначена судска практика. Една од нив е донесување правни мислења и заклучоци, во врска со правни прашања од интерес за единствена примена на правото и воедначување на судската практика, во рамки на судските оддели кои се формирани во Врховниот суд.
Во оваа смисла, Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на РСМ, расправајќи по правни прашања од интерес за единствена примена на правото и воедначување на судската практика во врска со примена на Законот за парнична постапка,[5] на седницата одржана на ден 23.02.2015 година, донесе повеќе правни мислења и заклучоци кои се однесуваат на трошоците на постапката. Едно од усвоените правни мислења, конкретно Правното мислење бр. 1, гласи како што следи:  „Спротивната странка нема обврска да ги надоместува како потребни трошоците кои се предизвикани за адвокат кој има седиште надвор од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, а во која општина има адвокати, туку единствено е должна да ги надомести вообичаените трошоци во висина на оние кои би биле предизвикани за адвокат кој дејноста ја врши во општината во која се наоѓа седиштето на судот.“[6]

АНАЛИЗА НА ПРАВНОТО МИСЛЕЊЕ НА ВРХОВНИОТ СУД НА РСМ

Во делот на Уставот на РСМ посветен на гаранциите на основните слободи и права, предвидено е дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на РСМ. Во истиот дел на Уставот, предвидена е и дефиницијата на адвокатурата, која е определена како „самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.“[7]
Не случајно креаторите на Уставот ја предвиделе адвокатурата како уставна категорија, во форма на самостојна и независна јавна служба, и тоа токму во делот на Уставот каде се определуваат гаранциите на основните слободи и права. Имено, меѓународната правна заедница одамна ја препозна и ја призна улогата на адвокатот во обезбедувањето на човековите права. Во оваа смисла, во 1990 година, на Осмиот Конгрес на Обединетите нации („ОН“) за превенција на криминалот и кривичната правда, беа усвоени и Основните принципи на ОН за улогата на адвокатите. Овие основни принципи на ОН за улогата на адвокатите не биле само нова објава за важноста на улогата на адвокатот, туку биле дизајнирани за да ја нагласат и зацврстат централната поставеност на адвокатската професија при обезбедувањето на основните човекови права утврдени, пред сè, со Универзалната декларација за човекови права.
Со цел да се реализира целосно улогата на адвокатите во заштита на човековите права, треба да се обезбеди правна помош која е ефективна, а не илузорна.[8] Меѓутоа, за да може правната помош којашто ја обезбедува адвокатот да биде ефективна, таа мора да се спроведе независно. Ова е препознаено и во Преамбулата на Основните принципи на ОН за улогата на адвокатите, каде се наведува дека „соодветната заштита на човековите права и основни слободи кои им припаѓаат на сите лица, без оглед дали се работи за економски, социјални и културни или граѓански и политички права, бара сите лица да имаат ефективен пристап до правни услуги кои ги обезбедува независна адвокатска професија“.[9]
Поимот независност овде означува слобода од несоодветно мешање од властите или јавноста, односно слобода на остварување на професијата без несоодветно мешање. Исто така, овој поим го означува и организацискиот контекст кој би можел да спречи таков притисок. Со други зборови, може да се каже дека концептот на независност на адвокатурата во себе содржи две компоненти: независност на адвокатите како индивидуи и независност на професионалните здруженија на адвокатите, односно адвокатските комори.
Јасно е дека принципот на независна адвокатура претставува принцип кој е признаен на меѓународно ниво. Основните принципи на ОН за улогата на адвокатот, при обезбедувањето на основните човекови права утврдени, пред сè, со Универзалната декларација за човекови права, ја докажуваат универзалноста на овој концепт како суштинска вредност на меѓународното право. Важноста што ја придава меѓународната заедница на независноста на адвокатурата произлегува од бројни меѓународни и регионални договори, резолуции на Обединетите нации и слично, како и од безброј национални устави, од причина што таа е од фундаментално значење за да се обезбеди одржување на владеењето на правото и заштита од кршење на човековите права и слободи.
Токму во контекст на принципот на независна адвокатура и ефективен пристап до правда, меѓу другото, е предвидено и правото на слободен избор на адвокат. Имено, можноста странката слободно да избере адвокат кој ќе ги застапува нејзините права и интереси претставува своевидна гаранција за независноста на адвокатот од сите релевантни чинители и засегнати страни, имајќи предвид дека странката во теорија секогаш ќе одбере адвокат за кој смета дека е независен и кој најдобро би ги застапувал нејзините права и интереси, односно кој би пружил квалитетна и ефективна правна помош, со што би се овозможил ефективен пристап кон правда. Од друга страна, правото на слободен избор на адвокат, во контекст на принципот на независна адвокатура, истовремено е поврзано и со правото на адвокатот да одбие да пружи правна помош во случаи кога за тоа постои оправдана причина.
Уште еден важен принцип на адвокатската професија поврзан со правото на слободен избор на адвокат е принципот на доверба меѓу адвокатот и странката. Имено, со цел, меѓу другото, да се обезбеди ефективна правна помош и ефективен пристап кон правда, помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба, при што односот на доверба може да се постигне исклучиво доколку адвокатот поседува лично достоинство, чесност и интегритет. Овие традиционални вредности за адвокатот се и професионална обврска.[10]Во оваа смисла, можноста странката слободно да избере адвокат кој ќе ги застапува нејзините права и интереси претставува своевидна гаранција за ефектурање на принципот на доверба меѓу адвокатот и странката, имајќи предвид дека странката во теорија секогаш ќе одбере адвокат за кој смета дека поседува определени квалитети кои упатуваат на тоа дека може во него да има доверба, односно кои гарантираат дека може да се очекува дека ќе обезбеди ефективна правна помош и ефективен пристап кон правда.
Имајќи го предвид горенаведеното, може да се тврди дека Правното мислење бр. 1 на Врховниот суд на РСМ од 23.02.2015 година, со кое странката практично до определен степен се принудува да избере адвокат кој има седиште во општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, претставува ограничување на правото на слободен избор на адвокат, кое е нераскинливо поврзано со принципот на независност на адвокатската професија и принципот на доверба меѓу адвокатот и странката, при што споменатото ограничување носи потенцијал да резултира со одреден степен на ограничување на обезбедувањето ефективна правна помош и ефективен пристап до правда. Дополнително, доколку странката сепак одлучи да одбере адвокат од друга општина по сопствен избор, тогаш ќе биде доведена во нерамноправна полжба со странката која одбрала адвокат од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд. Последното особено би дошло до израз во спорови кога странката-тужителот е од друга општина (различна од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд), додека тужениот е од подрачјето на судот каде што се води постапката. Имено, како што беше споменато, односот меѓу адвокатот и странката претставува однос кој е заснован на доверба, па во оваа смисла странката треба да има слобода на избор во однос на одлуката кој адвокат ќе го ангажира да ги застапува нејзините права и интереси.
Од друга страна, исто така треба да се има предвид дека со определувањето спротивната странка да нема обврска да ги надоместува како потребни трошоците кои се предизвикани за адвокат кој има седиште надвор од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, а во која општина има адвокати, туку единствено да е должна да ги надомести вообичаените трошоци во висина на оние кои би биле предизвикани за адвокат кој дејноста ја врши во општината во која се наоѓа седиштето на судот, практично се доведуват во нерамноправна положба сите останати адвокати кои немаат седиште во општината каде што се наоѓа надлежниот суд. Имено, последното повторно се доведува во директна корелација со ограничувањето на правото на слободен избор на адвокат, од причина што адвокатот кој нема седиште во општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, би ја чинел странката повеќе од адвокатот чие седиште е во рамки на општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, со оглед дека во постапката нема да му бидат признаени патните трошоци. Повторно, последното особено би било нагласено во спорови кога странката-тужителот е од друга општина (различна од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд), додека тужениот е од подрачјето на судот каде што се води постапката.
Конечно, во контекст на сето претходно наведено, особено правото на слободен избор на адвокат, исто така е вредно да се истакне дистинкцијата помеѓу правната помош која ја обезбедуваат адвокатите и за која трошоците ги сносат самите странки и правната помош која ја обезбедуваат адвокатите на товар на буџетот, односно бесплатната правна помош, каде што трошоците за правната помош ги сноси државата и истата е бесплатна за странките. Имено, простор за евентуално ограничување на правото на слободен избор на адвокат постои, генерално, кога се работи за правна помош финансирана од страна на државата. Така, согласно воспоставените меѓународни стандарди и меѓународната судска практика, во случај кога се работи за правна помош финансирана од државата, правото на слободен избор на адвокат може да биде предмет на определени ограничувања, со оглед дека државата ги контролира критериумите за доделување и за финансирање на правната помош.[11]
Во оваа смисла, членот 6(1) од Европската конвенција за човекви права[12] и членот 47 од Повелбата за основните права на ЕУ[13] го гарантираат правото на правна помош во граѓанските постапки. Ова им овозможува на поединците пристап до правда без оглед на нивните финансиски средства. Притоа, правната помош генерално подлежи на тест за финансиски средства и заслуги. Државите можат да одлучат дали е во интерес на правдата да се обезбеди правна помош, земајќи ги предвид: важноста на случајот за поединецот; сложеноста на случајот; и капацитетот на поединецот да се застапува себеси.[14]

ЗАВРШНИ ЗАБЕЛЕШКИ

Надлежноста на Врховниот суд на РСМ за обезбедување на единствена примена на законите од страна на судовите е од исклучително значење во насока на унапредување на правната сигурност и владеењето на правото, при што може да се тврди дека, практикувајќи ја споменатата надлежност, придонел значително во оваа смисла. Токму важноста на улогата на Врховниот суд на РСМ за обезбедување на воедначена судска практика наложува високо ниво на внимателност и холистички пристап во овој процес, при што задолжително треба да се имаат предвид и релевантните меѓународни стандарди и меѓународната судска практика.
Од анализата на Правното мислење бр. 1 на Врховниот суд на РСМ од 23.02.2015 година, може да се заклучи дека правото на слободен избор на адвокат е нераскинливо поврзано со принципот на независност на адвокатската професија и принципот на доверба меѓу адвокатот и странката, при што евентуалното ограничување на споменатото право носи потенцијал да резултира со определен степен на ограничување на обезбедувањето ефективна правна помош и ефективен пристап до правда. Притоа, простор за евентуално ограничување на правото на слободен избор на адвокат постои, генерално, во случај кога се работи за правна помош финансирана од страна на државата. Со оглед на сето претходно наведено, во рамки на идните активности во насока на воедначување на судската практика би било целисходно да се имаат предвид горенаведените забелешки во однос правото на слободен избор на адвокат и неговата корелација со степенот на обезбедување ефективна правна помош и ефективен пристап до правда, а имајќи ги предвид принципот на независност на адвокатската професија и принципот на доверба меѓу адвокатот и странката.







[1] Член 101 од Уставот на РСМ, Службен весник на РСМ бр.52/1991, 1/1992, 31/1998, 91/2001. 84/2003, 107/2005, 3/2009, 49/2011 и 6/2019
[2] Член 37 од Законот за судовите, Службен весник на РСМ бр. 58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018, 198/2018 и 96/2019        
[3] Шкариќ, С. и Силјановска-Давкова, Г., Уставно право, Култура, Скопје, 2007, стр.729
[4] Ristić, Ј., The Role of the Supreme Court in Ensuring Uniformity of Court Practice in the Republic of Macedonia, Annual of ISPRJ, Institute for Sociological Political and Juridical Research, University Ss. Cyril and Methodious Skopje, Volume XLI, Number 2, 2017, стр.61
[5] Службен весник на РСМ бр79/05, бр.110/08, бр.83/09, бр116/10
[6] Врховен суд на РСМ, Правни мислења, 23.02.2015 година, достапно на: http://www.vsrm.mk/wps/wcm/connect/vsrm/9d63866e-4066-4899-b866-f8eba3e24fcf/%D0%A2%D1%80%D0%BE%D1%88%D0%BE%D1%86%D0%B8+%D0%BD%D0%B0+%D0%BF%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%BF%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0.pdf?MOD=AJPERES&CACHEID=ROOTWORKSPACE.Z18_L8CC1J41L0B520APQFKICD0CU3-9d63866e-4066-4899-b866-f8eba3e24fcf-lpadyMd
[7] Член 53 од Уставот на РСМ, Службен весник на РСМ бр.52/1991, 1/1992, 31/1998, 91/2001. 84/2003, 107/2005, 3/2009, 49/2011 и 6/2019
[8] Artico v. Italy, 13 May 1980, § 33 Series A no. 37
[9] United Nations, Basic Principles on the Role of Lawyers, 7 September 1990
[10] Council of Bars and Law Societies in Europe, Code of Conduct of European Laywers, достапен на: https://www.ccbe.eu/NTCdocument/EN_CCBE_CoCpdf1_1382973057.pdf ; Адвокатската комора на РСМ, Кодекс на етика, достапен на: https://www.mba.org.mk/index.php/mk/akti/kodeks-etika
[11] Еuropean Union Agency for Fundamental Rights and Council of Europe, Handbook on European Law Relating to Access to Justice, 2016, стр.84; Croissant v. Germany, 25 September 1992, § 29,  Series A no. 237-B
[12] Council of Europe, European Convention for the Protection of Human Rights and Fundamental Freedoms, as amended by Protocols Nos. 11, 14 and 15, 4 November 1950, ETS 5
[13] European Union, Charter of Fundamental Rights of the European Union, 18 December 2000 (2000/C 364/01)
[14] Еuropean Union Agency for Fundamental Rights and Council of Europe, Handbook on European Law Relating to Access to Justice, 2016, стр.58

Анализа на начелно правно мислење на Врховниот суд на Република Северна Македонија - право на слободен избор на адвокат | Justice Observers