Експерти

Ивица Пеповски
Дипломиран правник на насоката меѓународно право, магистер по финансии и финансово право како и виш експерт во циклусот на управување со проекти и резултатски ориентирано буџетирање и управување. Работел во Мисиите на ОБСЕ во Скопје и на Косово, како и во Секретаријатот на ОБСЕ во Виена, Австрија. Во Секретаријатот на Меѓународната Агенција за Атомска Енергија при Обединетите Нации работи како Шеф на Секторот за Финансии во одделот за Техничка Соработка. Ивица има големо искуство во меѓународното управно право и е одлично запознаен со функционираањето на ЕУ и меѓународните стандарди за работа и имплементација на проекти.“
Викторија Спасовска Симоноска
Викторија Спасовска-Симоноска работи како адвокат во Адвокстско друштво „Гоџо, Кичеец и Новсковски“. Додипломските студии на Правен Факултет„ Јустинијан Први“ ги завршува со особено висок успех, за што добива награда од Универзитетот „Кирил и Методиј“-Скопје за најдобро дипломиран студент за генерацијата. Магистерски студии ги завршува со одбрана на магистерската теза „Регулирање на алогенеичкото оплодување во македонското и во споредбеното право“. По завршување на формалното образование, во континуитет го надградува своето знаење со учество на семинари, конференции, работилници. Активно се јавува во улога на предавач на семинари од областа на трудовото и деловното право, вклучително и пред Стопанската комора на Република Македонија.
Елена Максимова
Елена Максимова, доцент по кривично право и криминологија, а воедно и продекан за образование на Правниот факултет, Универзитет Гоце Делчев – Штип. Максимова дипломирала, магистрирала и докторирала на Правниот факултет „Јустиниј Први“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2018 година на истиот факултет ја одбранила докторската теза со наслов „Криминалноста на жената во периодот 2005-2015 година, со акцент на виктимолошките аспекти“, а од 2012 година работи како асистент на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Република Македонија од казнено-правна област.Од февруари 2019 година е избрана за доцент на истиот факултет, од септември 2019 година е именувана за продекан за образование (реизбрана на истата позиција во 2022). Максимова е тренер на студенти за учество на moot court натпревари во познавање на праксата на Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права.
Елена Максимова присуствуваше на низа конференции, семинари и обуки. Таа, исто така, била вклучена во неколку проекти и има многу публикации, како автор или коавтор во национални и меѓународни списанија.
Олга Кошевалиска
Проф. д-р Олга Кошевалиска е вонреден професор од областа на Кривично право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и моментално е Декан на истиот. Кошевалиска има присуствувано на многу конференции во државата и во странство и има остварено неколку студиски престои во странство. Член е на работаната група за измени на Законот за кривична постапка, член е на Македонското пенолошко друштво како и Здружението за кривично право и криминологија. Кошевалиска има објавено два универзитетски учебници, неколку монографии и прирачници, како и повеќе од 80 научни трудови во домашни и странски списанија. Моментално е ангажирана како експерт и консултант во неколку научно-истражувачки и стручно апликативни проекти во врска со правда за децата, криминал од омраза, миграции и азил, медијација, оддржлив развој, постпенална помош итн.
Јелена Кадриќ
Јелена Кадриќ е дипломиранправник со положен правосуден испит. Таа е со најдолгоработно искуство во Институтот за човекови права.
Нејзините главни задолженија се спроведување на програмата на ИЧП, спроведување на одлуките на Управниот одбор, го води финансиското работење на Институтот и сл.
Нејзиното претходно работно искуство се состои од: раководител – координатор на стручно програмски работиво Здружението на судии на РМ и раководител на одделението за управувањесо човечки ресурси во Академијата за обукa на судии и јавни обвинителина Република Македонија.
Кадриќ се одликува со големи организаторски особини и комуникациски способности.
Зоран Дранговски
Зоран Дранговски, правник кој што работи во областа на меѓународна заштита и управување со миграциите.  Активно е вклучен во реформите на поврзани со поглавјето 24 на ЕУ Правда, слобода и безбедност.  Од 2016 до 2021 беше претседател на Македонското здружение на млади правници. Учествувал во повеќе работни групи за измени на закони од областа на странци, меѓународна заштита, реформи во безбедносниот сектор, кризен менаџмент и др. Има дипломирано на Правниот факултет “Јустинијан Први”, учествувал во студиски програми како US International Visitors Leadership Program (IVLP) и U.S. Congress Open World Leadership Center (2022).
Благоја Пандовски
Дипломирал на Правниот факултет Јустинијан Први - Скопје во 2004. Во 2007 година го положува правосудниот испит а работи како адвокат од 2009 година. Има завршено мастер студии по право на интелектуална сопственост во програма на двојна диплома помеѓу Правниот факултет во Скопје и Универзитетот во Стразбур. Има долгогодишно искуство во застапување пред националните судови во Македонија, како и пред судот за заштита на Човековите права во Стразбур. Поседува искуство во одржување на обуки за млади правни професионалци во областа на владеење на правото и човекови права. Активен член и соработник во невладини организации кои работат во областа на на правото и транспарентноста и борба против корупција. Има поголем број на публикации во стручни списанија како и авторски и коавторски анализи од областа на правото и владеење на правото.
Зоре Треневска
Судија во пензија. Родена на 05.03.1954 година во Скопје. По завршување на Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, вработена е во тогашниот Окружен стопански суд во Скопје во 1981 година, од каде во 1985 година е превемена како стручен соработник во Врховниот суд на Република Македонија и работно ангажирана во Одделението за управни спорови.  Во Ноември 1987 година избрана е за судија во Општинскиот суд Скопје 2 – Скопје, сега Основен суд Скопје 2 - Граѓански суд. Како граѓански судија работела на работни спорови, имотни спорови и семејни спорови. Во АСЈО од основањето била ангажирана како ментор и предавач во почетна и континуирана обука од областа- семејно право, наследно право, стварно право и процесно право, каде сеуште е повремен предавач. Во 2016 година е избрана во Апелациониот суд Скопје каде работела како граѓански судија до исполнувањето услови за пензија во месец Март 2018 година.
Жарко Алексов
Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 2001 година. Магистрирал на Универзитетот во Болоња, Италија во 2003 година и докторирал на Правниот факултет во Скопје во 2012 година. Поседува ЕУ Специјализација во владеењето на правото на Европската академија во Берлин, Германија. Алексов има работено во неколку меѓународни организации, вклучувајќи го Институтот за меѓународно право, Вашингтон Д.С., Полициската мисија на ЕУ и Полицискиот советодавен тим на ЕУ во Македонија, Набљудувачка мисија на ОБСЕ во Скопје, SIDA, и УНДП.
д-р Милица Шутова
Доц. д-р Милица Шутова од 2017 година е доцент на Правниот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип на Катедрата по граѓанско право. Од 2008-2012 била избрана за демонстратор на Катедрата по граѓанско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ –Скопје а во периодот од 2012-2016 година била избрана за асистент на Факултетот за правни науки на ФОН Универзитетот во Скопје на катедрата по граѓанско право. Има објавено учебно помагало и повеќе брошури и над 50 научни и стручни трудови од областа на граѓанското право и правото од интелектуална сопственост. Учествувала на неколку научно-истражувачки и апликативни проекти, како и на повеќе од 50 научни конференции. Шутова била предавач на повеќе семинира од областа на граѓанското право. Од 2018 година е Национален тутор на HELP програмата на Советот на Европа. Учествувала во работната група на измена на Законот за управните спорови.
д-р Александра Максимовска Стојкова
Д-р Александра Максимовска Стојкова, редовен професор по финансово право на Правниот факултет Јустинијан Први, при УКИМ и Раководител на мастер студиите - насока Финансово право. Предмет на професионален интерес и се даноците и буџетското право, а посебно правото на локално финансирање, за кои има објавено над 60 научни и стручни трудови во реномирани меѓународни и домашни списанија. Автор е на три универзитетски учебници, а како раководител и член учествува во повеќе од 20 научни и физибилити проекти и студии. Во 2013та година е визитинг професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон, во САД, а од 2018г година избрана за постојан член Европската асоцијација на професори по даночно право.
Љупчо Стојковски
д-р Љупчо Стојковски е доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, во областите меѓународно јавно право и меѓународни односи. Во 2019 година го одбрани својот докторат, под наслов „Реформа на Советот за безбедност на ОН во ера на ‘Одговорноста да се заштити’“. Главни научни интереси, засега, му се меѓународните конфликти, хуманитарната интервенција, меѓународното воено и хуманитарно право, ‘Одговорноста да се заштити’ и Советот за безбедност на ОН.
Беса Арифи
Проф. д-р Беса Арифи е вонреден професор по казнено-правни науки на Правен факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Таа е автор и коавтор на повеќе научни трудови, правни анализи и книги и учествувала во повеќе истражувачки проекти, во бројни меѓународни, регионални и национлни семинари, специалистички курсеви, конференции и собири во рамки на кои се одвојуваат три специалистички курсеви по меѓународно казнено право во Иниститутот за високи студии по кривично право во Сиракуза како и шестнеделен студиски престој во Универзитетот на Масачусетс во Амерхест, САД.
Проф. д-р Арифи е член на Мечународното здружение за кривично право (International Association for Penal Law) и на Македонското здружение за кривично право и криминологија. Таа е член на Советот за следење на реформите во правосудството, советник на Претседателот на РСМ за правни прашања и член на извршниот одбор на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Таа е редовен колумнист во Нова и Порталб.
Јелена Ристиќ
Јелена Ристиќ е адвокат, доктор на правни науки од областа на меѓународното право, заменик претседател на Адвокатската комора на РСМ, доцент на Правниот факултет на Универзитет Американ колеџ и национален тутор во рамки на HELP програмата на Совет на Европа.
Нејзиното професионално искуство вклучува петнаесетгодишно работно искуство во правната област во разни меѓународни и национални организации и институции, вклучително и Европскиот суд за човекови права, Американската адвокатска комора Иницијатива за владеење на правото (ABA ROLI), Американската адвокатска комора Централна и источна европска правна иницијатива (ABA CEELI) и Агенцијата на САД за меѓународен развој (USAID). Определен период работи и како извршен директор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија. Автор е на повеќе научни трудови и книги, претежно од областа на меѓународното и европското право за човекови права. Правен експерт е во неколку проекти во врска со реформите во правосудниот сектор и владеењето на правото.
Наташа Габер Дамјановска
Проф. д-р Наташа Габер Дамјановска актуелно е директор на Академијата за судии и јавни обвинители “Павел Шатев“. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а докторирала на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде била и вработена. Реизбрана во звањето редовен професор во 2006 година. Таа е поранешен судија на Уставниот суд (2008-2017) и поранешен директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (2018). Таа е и национален тутор на HELP програмата на Совет на Европа. Била вклучена во бројни научни проекти и е автор на бројни домашни и странски стручни и научни трудови, стратешки документи, евалуации, истражувања и анализи. Работела во комисии за подготовка на закони, национални програми и реформски активности во обласите на: уставно право, избори и изборни права, човекови права, граѓанско општество, политички систем, мир и стабилност.
Бобан Мисоски
Д-р Бобан Мисоски е вонреден професор на Правниот факултет “Јустинијан Први”, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје на научната област Казнено процесно право. На Правниот факултет “Јустинијан Први”, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов ”Гаранцијата како мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на казнената постапка”, а магистрирал на истиот факултет со одбрана на магистерски труд насловен како “Постапка за спогодување за вината како начин за забрзување на казнената постапка”.
Автор е на повеќе од четириесет научни и стручни трудови објавени во рефрентни домашни и странски списанија и зборници. Коавтор е на три универзитетски учебници: Судско право, Компаративно казнено процесно право и Казнено процесно право.
Има остварено повеќе научни и стручни патувања меѓу кои најзначајни се студиските престои на: Макс Планк Институтот за меѓународно и компаративно казнено право во Фрајбург, СР Германија; Европа Институтот на Универзитет Сар, Сарбрукен, СР Германија;  Правниот факултет на Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, Илиноис, САД и Квинс Универзитетот во Белфаст, Обединетото Кралство.

Јасмина Димитриева
Jасмина Димитриева има докторирано правни науки на Правниот факултет во Љубљана. Сега е насловен доцент на Правниот факултет во Штип и работи на проектот на Совет на Европа и ЕУ за превенција и борба против трговијата со луѓе. Таа има работено во Европскиот суд за човекови права како правник. Јасмина Димитриева има објавено книга и повеќе научни трудови во кои ја анализира судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Елена Мујоска Трпевска
Д-р Елена Мујоска Трпевска е Научен соработник во Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите. Со научен степен доктор на правни науки се стекнала во 2017 година, по одбраната на својата дисертација на тема „Кратки казни лишување од слобода во македонскиот систем на санкции“. Од 2019 година е предавач на Правниот факултет при УАКС на прв и втор циклус на студии, на предмети од областа на казнено материјално и процесно право, а во 2020 година го има положено и правосудниот испит. Д-р Мујоска Трпевска била член на работните групи на Министерството за правда за изработка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со Акциски план (2017), измена на Законот за извршување на санкции (2018) и измена и кодификација на Кривичниот законик (2019-2020). Таа е автор и коавтор на низа трудови објавени во релевантни домашни и меѓународни публикации и има учествувано на многубројни национални и меѓународни конференции. Во своето работење била координатор на бројни домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти, кои претежно се занимаваат со прашања поврзани со казненото право, реформата на казнено-правниот систем, пенитенцијарното право, состојбите во казнено-поправните установи, заштитата на човековите права, делата и говорот на омраза и слично. Д-р Елена Мујоска Трпевска е активен член на невладината заедница и од 2017 година е избрана за претседател на Македонското пенолошко друштво.
Елена Игновска
Елена Игновска e вонреден професор на Правниот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Завршила правни студии и магистратура по граѓанско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и магистерска програма по биоетика на Католичкиот универзитет во Лувен (Белгија), Радбуд униврзитетот во Најмехен (Холандија) и Универзитетот во Падова (Италија). Доктoрирала на Правниот факултет на Универзитетот во Гент (Белгија). Автор е на четири монографии и бројни стручни и научни трудови.
Александра Цветановска
Александра Цветановска е родена на 08 јануари 1988 година во Скопје. Дипломирала и магистрирала на правниот факултет ,,Јустинијан Први,, при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј "во Скопје. Од 2010 година работи во Македонското здружение на млади правници на имлементација на проекти од областа на заштита на човековите права.  Автор е на многубројни анализи, правни мислења и е предавач во областа на заштита од дискриминација. Учествуваше во работната група за измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација и e член на Национално координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област.
Мирјана Лазарова Трајковска
Роденa  1963 во Струмица. Од 2017 работи какo меѓународен експерт за човекови права, предавач на повеќе универзитети ширум Светот. Поранешен судија на Европскиот суд за човековите права и Претседател на Првата секција во тој суд, Поранешен судија на Уставниот суд, поранешен член на Европската комисија за демократија преку правото на Советот на Европа (Венецијанската комисија). Експерт за избори и изборно право и поранешен потпретседател на Европскиот совет за избори. Магистрирала и докторирала на Правниот факултет во Љубљана. Автор е на бројни научни и стручни трудови објавени во земјата и странство.
Ана Павловска Данева
Проф. д-р Ана Павловска Данева е родена на 22.2.1973 година во Скопје. Таа е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Носител е на наставата на предметите од областа на административното право и јавната администрација на сите три циклуси на студии на Правниот факултет. Таа е поранешен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, предавач во Академијата за судии и јавни обвинители и македонски претставник на Група на држави против корупција на Советот на Европа - ГРЕКО.
Проф. д-р Борче Давитковски
Проф. д-р Борче Давитковски е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и негов Декан во периодот од 2008 до 2016. Носител на настава е на предметите од областа од административното право и јавната администрација, на сите три циклуси на студии на Правниот факултет.
Маргарита Цаца Николовска
Маргарита Цаца Николовска е родена на 28 ноември 1950 година во Скопје.
Дипломирала на Правниот Факултет во Скопје 1975 година, како најдобар студент во генерација, а последователно работела како приправник во Регионалниот суд во Скопје. За судија во Окружниот суд во Скопје е именувана во 1978 година, а од 1987 год. е судија во Регионалниот суд во Скопје (подоцна преименуван во Апелационен суд), каде што работи претежно на граѓански случаи. Од 1997 до 1998 е судија во Врховен суд на Република Македонија (работи на управни случаи, но и на граѓански и кривични случаи. Во 1998 год. беше избрана за прв македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција и таа функција ја извршуваше до 2008 год. Во 2011 год. е избрана за судија во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, а во 2015 е назначена за потпретседател на судот.
Маргарита Цаца Николовска е член на основачкиот одбор на Македонското Здружение на судии и претседател на неговиот комитетот за меѓународни односи. Во периодот од 1995 до 2006 е претставник на Македонското Здружение на судии во Европското и Меѓународното Здружение на судии.
Во 1994 год. била претседател на Комисијата за парламентарни избори. Маргарита Цаца Николовска е еден од основачите на Институтот за човекови права и негов претседател.
Од страна на Американскиот биографски институт од Ралеи, САД е избрана за жена на годината за 2000 година.
Славица Чубриќ
Славица Чубриќ е магистер по човекови права. Работела во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје и како правник во Европскиот суд за човекови права во Стразбур од 2007 до 2011 година.
Емил Мифтари
Роден во Скопје на 21 април 1977 година. Диполмира на правниот факултет „Јустинијан Први“ во 2000та година. Во текот на студиите по право бил член на Извршниот одбор на ЕЛСА, а понатаму учествува во Националниот демократски форум, Македонското здружение на млади правници и Комората на медијатори на Република Северна Македонија. Кариерата ја започнува како практикант во Националниот демократски институт, а како адвокат започнува да работи во 2002 година. Неговата главна специјализација е кривичното право, судството и човековите права.
Иван Штерјовски
Дипломирал правни студии на Правниот факултет Јустинијан Први - Скопје во 2003 година. По дипломирањето е работно ангажиран во Истражувачки центар за граѓанско општество, каде работи на обезбедување на правна помош на баратели на азил и лица кои се жртви на повреди на човекови права. Во периодот 2008-2013 година работи како адвокат. Од 2013 година работи како независен консултант. Надворешен соработник на повеќе домашни и меѓународни организации во областите човекови права и миграции.
Бранко Наумовски
Роден 1951 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1975 година, а во 1977 година го положил и правосудниот испит.
Работел како стручен соработник и заменик јавен обвинител во Основното јавно обвинителство од 1975 до 1987 година, Од 1987 до 1995 година во два мандата во Владата на РМ ја вршел функцијата Помошник министер во Министерството за правосудство и управа. Од 1995 до 1997 година е Директор на Државниот управен инспекторат.
На 03.07.1997 од страна на Собранието на РМ избран е за прв Народен правобранител (Омбудсман) и функцијата ја извршува се до 06.12.2004 година, кога е и избран за Судија во Уставниот суд на РМ која функција ја извршувал до 06.12.2013 година. За време на мандатот како Судија на Уставниот суд од 2010 година до крајот на 2013 година во еден мандат бил и Претседател на Уставниот суд на РМ.
Елена Михајлова Стратилати
Елена Михајлова Стратилати е професор по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Покрај класичните теми на меѓународното јавно право, нејзина посебна област на интерес се човековите права, граничните области на говор на омраза и дела од омраза, транзиционата правда и демократијата.
проф. д-р Игор Камбовски
Проф. д-р Игор Камбовски од 2015 година е вонреден професор и раководител на Катедрата за граѓанско право на Правниот факултет во Штип. Член е на Сенатот на Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип. Од 2005-2015 работел на Факултетот за правни науки на ФОН Универзитетот во Скопје, а во периодот од 2010-2011 година бил декан на Факултетот за правни науки. Има објавено десетина монографии, учебници, прирачници и брошури и над 80 научни и стручни трудови од областа на граѓанското, облигационото и правото на електронска трговија во домашни и странски публикации. Учествувал на неколку научно-истражувачки и апликативни проекти, како и на повеќе од 60 научни конференции. Камбовски бил предавач и обучувач на десетина работилници и обуки од областа на граѓанското право и човековите права. Од 2018 година е Национален тутор на HELP програмата на Советот на Европа. Учествувал во работната група за измени на Законот за медијација.
Владимир Атанасов
Владимир Атанасов, судија на Врховен суд на Република Северна Македонија, во пензија. Судија од кариера почнувајќи со Основен суд Битола до Окружен и Апелационен суд Битола на крај завршувајќи ја кариерата во Врховниот суд на Република Северна Македонија. Долгогодишен едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители. Повеќе пати држел предавање на семинарите организирани за континуирана едукација на судиите. Во еден мандат заменик претседател на Здружението на судии во Македонија. На два пати бил на студиски престој во Судот за чoвекови права во Стразбург.
проф. д-р Гордан Калајџиев
Роден на 10 јануари 1962 година во Скопје, Македонија, проф. Калајџиев е доктор по казнено право од Правниот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј "во Скопје, Република Македонија.
Тој е редовен професор по кривична постапка, малолетничка правда, компаративно казнено право, меѓународно кривично право, философија на правото и меѓународно право за човекови права на Правниот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј "во Скопје, а исто така предава на Полициската академија во Скопје и на Академијата за судии и обвинители во Скопје.
Тој беше лидер на проектот во реформскиот процес на системот на кривичната правда во Македонија и е член на Советот за реформа на судството во Министерството за правда. Покрај учеството во изработката на неколку акти како што се Законот за судови, Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за јавни обвинители, Законот за стручни сведоци итн., тој е автор и на повеќе од 200 објавени трудови и статии за прашања од кривичното право и постапка, полициски овластувања и човекови права.
Проф. Калајџиев е истакнат член на невладината заедница и во моментов е претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија.
Владимир Доневски
Владимир Доневски е адвокат од Скопје, основач и управител во Адвокатското друштво Доневски од Скопје. Тој дипломирал на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Правниот факултет "Јустинијан Први" - Скопје, во 1999 година. По дипломирањето, тој практикува право во Основниот суд Скопје 1 во Скопје и во адвокатската канцеларија Александар Новаковски и присуствува на голем број обуки и семинари за заштита и унапредување на човековите права загарантирани со Европската конвенција за човекови права и за пружање на бесплатна правна помош. Во 2002 година го положил правосудниот испит кога почнал да работи како адвокат. Негови главни области на интерес се граѓанското право, трговското право, кривичното право. Тој исто така работел на повеќе апликации до Европскиот суд за човекови права и има богато искуство во застапување во судски постапки, правни истражувања и анализи и адвокатура.
Борјанка Моневска
Борјанка Моневска е адвокат од Скопје, партнер во Адвокатското друштво Доневски од Скопје и член на Управниот одбор на Македонското здружение на млади правници. Таа е дипломиран правник и има магистрирано граѓанско право на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Правниот факултет "Јустинијан Први" - Скопје, во 2011 година. Во меѓувреме, таа практикува право во Адвокатска канцеларија Доневски и присуствува на голем број обуки и семинари за заштита и унапредување на човековите права загарантирани со Европската конвенција за човекови права. Во 2014 година го положила правосудниот испит кога почнала да работи како адвокат. Нејзини главни области на интерес се човековите права, граѓанското право, трговското право и таа е правен експерт во програмите за подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Република Северна Македонија, како и овластен обучувач за човекови права. Таа исто така работела (заедно со други колеги) на повеќе апликации до Европскиот суд за човекови права и има богато искуство во застапување во судски постапки, правни истражувања и анализи.
М-р Велимир Деловски
Дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со завршени постдипломски (LL.M.) студии во областа на човековите права на Европскиот универзитет Виадрина, Германија и на Универзитетот Queen Mary во Лондон. Стажирал во Собранието, Европскиот центар за малцински прашања во Фленсбург и во Секретаријатот на Поткомитетот за превенција на тортурата при канцеларијата на Високиот комесар на ООН за човекови права во Женева. Работел како Правник-асистент во Регистарот на Европскиот суд за човекови права, Помлад соработник во Бирото на Владиниот агент за застапување на РМ пред ЕСЧП и Правен советник и Проектен координатор во Хелсиншкиот комитет за човекови права. Има одржано поголем број обуки во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и е национален координатор на ХЕЛП програмата на Советот на Европа за едукација на правните професионалци. Консултант во повеќе проекти спроведени од AIRE Центар Лондон, кои имаа за цел унапредување на имплементацијата на Европската конвенција за човекови права. Моментално ангажиран како Правен консултант на Врховниот суд за судската пракса на ЕСЧП во рамките на проект кој е имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Игор Спировски
Роден  во 1960 во Скопје. Од 2013 работи какo адвокат во Скопје. Застапува пред домашните судови и пред Европскиот суд за човекови права. Поранешен судија на Уставниот суд, поранешен заменик член на Европската комисија за демократија преку право на Советот на Европа (Венецијанската комисија), како и член на советот на Меѓународното здружение за уставно право. Стекнал диплома за Овластен едукатор за прашања на Европската унија од Институтот за европска политика во Берлин, 2002. Автор е на триесеттина научни и стручни трудови објавени во земјата и странство.
Мирјана Најчевска
Мирјана Најчевска, доктор по правни науки, редовен професор/научен советник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Клучните квалификации се од областа на човековите права (дискриминација, права на малцински и маргинализирани групи, слобода на мислата и изразувањето, владеење на правото и правна држава), меѓуетнички односи, децентрализација и локална самоуправа. Посветена на промоција на концептот на човековите права и слободи и механизмите за нивна заштита и практикување. Вклучена во работата на повеќе невладини организации и неформални граѓански здружувања (поранешен претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права и сегашен претседател на Центарот за човекови права и разрешување конфликти) со цел практична употреба на теориските знаења и непосредно инволвирање во дизајнирање на легислативата и мониторинг на власта. На меѓународен план била/е дел од работата на неколку професионални и експертски тела во рамките на ООН, ЕУ и Советот на Европа (член и претседател на Работната група на експерти за лицата од африканско потекло, член на Европската мрежа на правни експери за родова еднаквост, член на Европската мрежа на правни експерти за дискриминација...). 
Гордана Лажетиќ
Проф. д-р Гордана Лажетиќ од 2012 година е редовен професор на Кривичното процесно право на Правниот факултет "Јустинијан Први" во Скопје. Од 2008-2014 година беше продекан за финансии и продекан за наука. Член e на Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје; Вклученa e во работни групи за измена на кривичното законодавство и член на Владиниот совет за реформа на правосудството. Има објавено повеќе од 30 монографии, универзитетски учебници и брошури, повеќе од 100 статии во домашни и странски списанија, a остварила учество на повеќе од 100 конференции, научни и научно-апликативни проекти.
Елена Нешовска Ќосева
Д-р Елена Нешовска Ќосева е доцент на научната област Финансово право на Катедрата по финансово право при Правниот факултет ,,Јустинијан Први” – Скопје. Предмет на професионален интерес ù се јавните финансии генерално, поточно даноците, оданочувањето и даночниот систем, меѓународното даночно право и двојното оданочување. Магистрира во 2010 година, на тема ,,Даночна прогресија versus рамен данок”, додека, пак, во 2015 година се стекнува со звање доктор на правни науки на научната област финансово право со одбрана на докторската дисертација ,,Даночен третман на прекуграничните активности низ призмата на билатералните договори за избегнување на двојно оданочување на доходот и капиталот”, која веќе е публикувана како научна монографија. Доц.д-р Нешовска Ќосева се јавува како автор и коавтор на низа трудови објавени во релевантни домашни и меѓународни публикации, а има учествувано на бројни национални и меѓународни конференции.
Александар Гоџо
Дипломирал на Правниот факултет Јустинијан Први - Скопје 1998 година. Адвокат е од 2001 година. Основач и партнер на адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски. Член на Адвокатска комора на Република Македонија и Меѓународната Адвокатска Комора  (IBA). Има повеќегодишно искуство во застапување и решавање на спорови пред домашни и меѓународни институции помеѓу кои ICSID при Светска банка Вашингтон, Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија - ICTY, Европски суд за човекови права - ECHR. Член е на постојаниот арбитражен суд при Стопанска Комора на Македонија. Член на групата за стратешко застапување при Македонското здружение на млади правници, Ко - автор на Прирачник за правнички вештини и Прирачник за адвокатски вештини во кривична материја. Предавач и тренер на обуки и семинари од областа на правото. Национален тутор на HELP програмата на Совет на Европа. Искуство во истражувачки проекти  и проекти за јакнење на капацитетите на судството (Проект за техничка подрдршка на академијата за судии и обвинители, развивање на индикатори за мерење на перформансите на судството, развивање на индикатори за мерење на перформансите на јавното обвинителство, Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во Македонскиот правен систем итн..).
Билјана Пулеска Јанушевска
Проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска e вработена со звање вонреден професор на Правниот факултет при Унивeрзитет ФОН - Скопје од 2005 година. Предава предмети на прв и втор циклус студии од наставно-научната област меѓународно право, а научно истражувачката работа ја врши во областа на Меѓународното право и право на ЕУ. Пулеска Јанушевска учествува во спроведување на меѓународни и национални проекти за хармонизација на националното законодавство, подготовка на правни акти за прекугранично управување со природни ресурси и имплементација на меѓународни договорни инструменти во внатрешното право. 
Константин Битраков
Константин Битраков е Асистент-истражувач во Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите. Има завршено магистерски студии по право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а го има и положено правосудниот испит на Република Македонија. Во моментов е докторант на Правниот факултет при Универзитетот во Белград. Неговите досегашни истражувања гравитираат околу управото право, додека пак докторската дисертација е насочена кон антикорупциското право и спречувањето на корупција во јавниот сектор.