Утврдување на право на сопственост на трговска марка

ВОВЕД
Со ова правно мислење се анализира Пресудата на Апелациониот суд Скопје, ГЖ-3207/22 од 17.11.2022 година, со којa во постапката по жалба изјавена од тужениот, е одбиенo жалбеното барање и е потврдена Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, П1-524/21 од 27.04.2022 година (еднаш преиначена од страна на Врховниот суд). Пресудата на Апелациониот суд Скопје, се анализира од аспект на образложението што го дава судот кога ја потврдува првостепената пресуда.

ФАКТИ НА СЛУЧАЈОТ
Лицата (, Н. М, Д. М и Д.М-тужители), поднеле тужба против Б.М за утврдување на право на сопственост на трговска марка.
Првотужителката е сопруга, а второ и третотужителите се деца на Д. М бивш од Скопје и истите се негови наследници. Д.М е починат на ден 15.07.2014 година. Д. М е брат на тужениот Б. М и истите во 1993 година, започнуваат семеен бизнис основајќи А. Продукција. Согласно официјалната страна на А. П, за десет години постоење (1993-2003), преку активностите кои ги превземале Д. М и Б. М како основачи, А.П како продукција, а со тоа и како бренд од конкретната област, станала толку препознатлива што истата добила статус на прв купувач за Македонија и Србија кога се во прашање најголемите агенти на светската музичка индустрија, односно А. П прераснува во најголема промотерска и извршно-продуцентска куќа во Република Македонија. За правното лице, каде Д. М. е управител ,,Друштво за културно забавни продукции, трговија, угостителство, сообраќај и услуги” Г. Агенција. А. П. ДООЕЛ експорт импорт Гостивар, поднесуваат пријава за регистрација на трговска марка. Носител на правото на трговската марка е Друштвото за културно забавни продукции, трговија, угостителство, сообраќај и услуги Глорија А- А. П ДООЕЛ експорт импорт Гостивар, каде управител е Д. М. Од статијата за А. П направена за целите на Superbrand евидентно е дека и од страна на Superbrand е посочено дека развојот на брендот А. П е заеднички удел на Д. М и Б. М. Во 2009 година, е поднесена нова пријава за трговска марка каде се бара признавање на право на трговска марка на истото лого за кое веќе имаат решение за призната трговска марка, но сега, во новата пријава бараат заштита и на нови класи, односно, новата пријава се однесува на истото лого за класа 35 и класа 41. Поради практичност во работењето и преземањето на активностите, како подносител на пријавата за трговска марка во 2009 година се јавува единствено Б.М. Б.М никогаш не приговарал дека Д. М неосновано ја користи трговската марка кое го претставува логото кое е станато препознатлив бренд.
Тужителите со тужбеното барање, барале да се утврди дека Д. М е сопственик на 1/2 идеален дел од правото на трговската марка, запишан во регистарот на трговски марки и да се задолжи тужениот Б. М, врз основа на оваа пресуда да трпи упис во регистарот на трговските марки при Државниот завод за индустриска сопственост.

ПРОЦЕСНИ ДЕЈСТВИЈА, ПРВОСТЕПЕНА И ВТОРОСТЕПЕНА ПРЕСУДА
Основниот граѓански суд Скопје го усвоил тужбенот барање на тужителите.
При повторното постапување, судот ги имал во предвид напатствијата на Врховниот суд, кои упатуваат на оценка на евентуална застареност на тужбата на која се повикува тужениот во оваа постапка, согласно чл. 295 од Законот за индустриска сопственост. Овој суд оценил дека наведената законска одредба не наоѓа примена во овој случај, бидејќи не станува збор за тужба за заштита на права од трговска марка  за кои се применува наведениот закон, туку станува збор за сопственичка тужба согласно Законот за сопственост и други стварни права, според кој, остварувањето на ваквото право не застарува.
            Во конкретниот случај спорно помеѓу странките е дали сега покојниот Д.М се стекнал со сосопственичко право на 1/2 идеален дел од наведената трговска марка поради еднаков придонес и создавањето на истата, во семејна заедница и поради непречената употреба на трговската марка, заедно со тужениот се до неговата смрт во 2014 година.
При донесување на пресудата, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд, ги применил членовите 59 и 63 Законот за сопственост и други стварно права („Службен веснник на Република Македонија“ бр. 18/2001; 92/2008; 139/2009 и 35/2010), и членовите 3,6,7,8 175, 176, 206, 217 од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015, 53/2016 и 83/2018 и 31/2020).
Имајќи во предвид дека е неспорна околноста на придонесот на двајцата браќа во создавањето и стекнувањето на правата е подеднакво (што се потврдило и од исказот на тужениот на расправата), не постои законска пречка, заедничката сопственост да се трансформира во сосопственичко право на 1/2 идеален дел на трговска марка, во смисла на чл. 63 од ЗСДСП.
Апелациониот суд Скопје, жалбата на тужената ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје. Констатирал, дека правилно постапил првостепениот суд, кога утврдил дека сега покојниот Д. М. се стекнал со сосопственичко право на 1/2 идеален дел од трговската марка поради еднаков придонес и создавањето на истата, во семејна заедница и поради непречената употреба на трговската марка, заедно со тужениот се до неговата смрт во 2014 година. Нотирал, дека тоа што како носител на правото на трговска марка во регистарот на Заводот за индустриска сопственост кој претставува јавна книга, запишан е само тужениот, не го исклучува правото на тужителите како законски наследници да го докажуваат правото на нивниот правен претходник, стекнато во семејна заедница и со заеднички придонес со тужениот.


АНАЛИЗА НА ПРЕСУДАТА
Правото на интелектуална, односно индустриска сопственост е дел од граѓанското право бидејќи се работи за систем од норми кои регулираат граѓанско правни односи кои настануваат при создавање на исклучивите субјективни граѓански право.
Апелациониот суд, правилно постапил кога ја потврдил првостепената пресуда и ја одбил жалбата на тужениот како неоснована. Од содржината на пресудата, може да се заклучи дека А.П е семеен бизнис, започнат да се создава во моменти кога двајцата браќа живееле во семејна заедница,  продолжил да функционира и да дејствува на сите полиња и во сите аспекти како семеен бизнис и во сите одлуки и во сите дејствувања, заеднички удел имаат како браќа, Д.М и Б.М. Согласно чл.92 од Законот за сопственост и други стварни права – “во семејна заедница секој член, освен брачните и вонбрачните другари стакнува право на сопственост на стварите за себе (посебен имот) освен ако поинаку не се договорат или ако тоа не произлегува од околностите на случајот”.
 Согласно чл.93 од Законот за сопственост и други стварни права “кога е договорено правото на сопственост на стварите во семејна заедница да се стекнува за повеќе членови или тоа произлегува од околностите, големината се определува согласно договорот, а според ст.2 од истиот член, ако нема посебен договор големината на делот за секој член се утврдува врз основа на придонесот на членовите кои учествувале во стекнувањето на правото на сопственост, зависно од вложениот труд. Согласно коментарот на Законот за сопственост и други стварни права на овој член од д-р Кирил Чавдар (издание 2012) ,,ако постои договор, па и молкумно постигнат или ако тоа произлегува од околностите на случајот и во семејната заедница се создава заеднички имот (додека не се утврди делот на секој член на семејната заедница, настанува заедничка сопственост).  Согласно чл.59 од Законот за сопственост и други стварни права “кога стварта е во заедничка сопственост на тоа нема влијание фактот што во јавната книга таа е запишана како сопственост само на некој од нив”.  Согласно чл.63 од Законот за сопственост и други стварни права секој заедничар може да бара утврдување на делот од заедничката ствар, ако такво утврдување е допуштено и можно. Ова правно не застарува.  Исто така, во овој член е утврдено дека секој заедничар може да  бара во секое време во заедничката ствар да се утврдат деловите, така што ќе се определи колкав дел му припаѓа на заедничарот за неговиот дел во заедничката сопственост. Со определувањето на неговиот дел тој станува сосопственик со другите кои остануваат заеднички сопственици. Согласно чл.3 од Законот за индустриската сопственост - трговска марка е право од индустриска сопственост, односно правото од трговска марка е сопственичко право (субјективно имотно право). Субјекти на правата од индустриска сопственост како е нормирано во чл.5 од Законот за индустриска сопственост може да бидат домашни и странски физички и правни лица. Законот за индустриска сопственост нормира дека правото на сопственост стекнато согласно Законот за индустриска сопственост може да биде регулирано и остварувано од субјектите и согласно меѓународен договор, друг домашен закон и договор (член 6 и 8 од Законот за индустриска сопственост).
Правото од индустриска сопственост, како сопственичко право, е дел од оставинска маса и истото може да се наследува, па оттука и активната легитимација на сега тужителите. 
Со оглед на тоа дека во Законот за индустриска сопственост, конкретно не е регулирано стекнувањето на ваквите права во брачна или семејна заедница, во согласност со имотниот карактер кој е содржан и во правото на трговската марка, соодветна примена наоѓаат и одредбите од Законот за сопственост и други стварни права во поглед на начинот на стекнување на правата во ваква заедница. Имено, од содржината на пресудата  може да се утврди дека судот не прави целосно изедначување на правото на трговската марка со стварното право, но со оглед на правниот основ на тужбеното барање, со примена на овие законски одредби го карактеризира начинот на стекнување на заедничкото, односно сосопственичкото право на трговската марка која е предмет на овој спор.
Неспорно е дека  регистрацијата на трговската марка согласно Законот за индустриска сопственост подлежи на формални правила и на носителот на правото на трговската марка му дава заштита од трети лица кои неосновано и неовластено би ја користеле трговската марка во прометот. Но, околноста што овој закон предвидува и можност од наследување, упатува на заклучок дека трговската марка може да  преставува оставина на носителот.
Со оглед на тоа дека предмет на овој спор е утврдување на сосопственичко право на трговска марка стекнато во семејна заедница, соодветна примена имаат конкретните одредби од Законот за сопственост и други стварни права на кои се повикуваат тужителите во оваа постапка. Тужителите како законски наследници од прв наследен ред на починатиот брат на тужениот имаат  правен интерес за водење на овој спор, при состојба кога тужениот како запишан носител на правото во јавна книга, го оспорува истото на нивниот правен претходник, односно на сега тужителите.
Тоа што како носител на правото на трговска марка е запишан само тужениот, не го исклучува правото на тужителите, како законски наследници во овој спор да го докажуваат правото на нивниот правен претходник, стекнато во семејна заедница и со заеднички придонес со тужениот, преку создавање, користење и непречена употреба на трговската марка, од моментот на заедничкото создавање во текот на 90-тите години па  се до  смртта на Д. М во 2014 година.
Имајќи во предвид, дека придонесот на двајцата браќа во создавањето и стекнувањето на правата е подеднакво, што е потврдено и од исказот на тужениот на расправата, не постои законска пречка заедничката сопственост да се трансформира во сосопственичко право на 1/2 идеален дел на трговска марка, во смисла на чл. 63 од овој закон.
Во поглед  на  имотно правните овластувања во делот на создавањето, располагањето, користењето, односно фактичката употреба на истата, лицата кои се стекнале со вакво право во брачна или семејна заедница, со формално запишаниот носител на правото, независно што истовремено и формално не го заштитиле своето право, согласно одредбите од Законот за индустриска сопственост, имаат право, според одредбите од Законот за сопственост и други стварни права, во граѓанска постапка, да го докажуваат своето право на трговската марка, доколку истото им е оспорено од запишаниот носител на правото. Законот за индустриска сопственост не го исклучува ваквото право, а истото произлегува и од имотниот карактер на правото од индустриска сопственсот.
И покрај тоа што по смртта на Д.М, тужениот продолжил самостојно да ја користи трговската марка, упатува на фактот дека починатиот брат (во смисла на одредбите од Законот за индустриска сопственост која се однесува на остварување, заштита и престанок на правото на трговска марка односно за да се оддржува потребно е нејзино користење  во прометот...), не го изгубил стекнатото право на трговска марка, туку е спречен поради смртта да ја користи.
Согласно член 201 од Законот за индустриска сопственост кој предвидува можност во регистарот на трговски марки да се вршат промени на уписот кои се однесуваат на носителите на правото или на самото право, судот правилно одлучил кога го усвоил  тужбеното барање. Со оваа пресуда тужениот треба да трпи промена на упис во регистарот на Заводот и утврденото право да се запише на име на правниот претходник на тужителите. На овој начин, истите врз основа на запишаното право во регистарот, ќе имаат можност во соодветна постапка пред надлежен орган да го остварат и правото на наследување, кое исто така е предвидено согласно наведениот закон.
Утврдување на право на сопственост на трговска марка | Justice Observers