Статусот и улогата на адвокатурата како уставна категорија
Анализа на д-р Јелена Ристиќ на Одлуката У. бр. 134/2002 од Уставниот суд на Република Северна Македонија.
ВОВЕД
Адвокатурата претставува уставна категорија која е
определена како „самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна
помош и врши јавни овластувања во согласност со закон“.[1] Притоа,
дефиницијата на адвокатурата е поместена во рамки на уставните одредби кои се
однесуваат на гаранциите на основните слободи и права. Адвокатурата е
единствена јавна служба која е предвидена со Уставот на Република Северна
Македонија.
Во Законот за адвокатурата[2] скоро
дословно е пресликана дефиницијата на адвокатурата определена со Уставот на
Република Северна Македонија.[3] Меѓу другото, овој закон ги определи и јавните овластувања на адвокатурата.
Притоа, јавните овластувања беа поделени на две групи. Во првата група беа
предвидени јавни овластувања кои се состојат во право на составување на исправи
со изјава за потврда на факти; потврдување на заклучоци на собранија на трговски
друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на
адвокатско полномошно. Во втората група на јавни овластувања беше предвидено
право на прибавување известувања врз основа на посебно полномошно од странката,
од судовите и други државни органи, јавни служби и правни лица.
Со Одлуката У.бр. 134/2002 од 22.01.2003 година[4] на
Уставниот суд на Република Северна Македонија беа укинати неколку одредби од
Законот за адвокатурата, меѓу кои и предвидените јавни овластувања. Исто така,
меѓу укинатите одредби се и оние кои се однесуваат на врзаноста на вршењето на
адвокатската дејност исклучиво со адвокатите. По донесувањето на Одлуката У.бр.
134/2002 од 22.01.2003 година, беа донесени уште неколку одлуки и решенија во
рамки на кои Уставниот суд разгледуваше прашања во врска со статусот и улогата
на адвокатурата.
Главниот фокус на овој текст е анализа на аргументацијата
изнесена во рамки на образложението на Одлуката У.бр. 134/2002, донесена од
страна на Уставниот суд на 22.01.2003 година. Исто така, ќе биде прикажан и
краток преглед на дел од уставно-судската практика на Уставниот суд развиена по
донесувањето на Одлуката У.бр. 134/2002, во контекст на толкувањето на
адвокатурата како уставна категорија и нејзината улога и значење.
Целта е да се укаже на статусот, улогата и значењето на
адвокатурата, како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни
овластувања, чија крајна цел е остварување и заштита на слободите и правата на
човекот и граѓанинот. Истовремено, преку прегледот на уставно-судската практика
во однос на третманот на статусот и улогата на адвокатурата како уставна
категорија, ќе се укаже и на важноста и значењето на уставно-судската практика
на Уставниот суд при толкување на уставните одредби.
РЕЗИМЕ НА
ОДЛУКАТА У.БР. 134/2002
Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решение
У.бр. 134/2002 од 20.11.2002 година, поведе постапка за оценување на уставноста
на определени одредби од Законот за адвокатурата. Така, се поведе постапка за оценување
на член 2 став 1 во делот „единствено“[5]; член
4 став 1[6] и
став 2[7];
член 6 став 1 во делот „исклучиво“[8];
член 16 став 1 во делот „и вршење јавни овластувања“ и во делот „кое адвокатот
сам го заверува со свој печат“[9] и
уште неколку одредби од Законот за адвокатурата.
Повикувајќи се на член 8, член 9, член 32, член 50, член
53 и член 54 од Уставот, Уставниот суд во образложението на Одлуката У.бр.
134/2002 ја изнесе следната правна аргументација:
Од наведените уставни одредби, Уставниот суд извлече општ
заклучок дека за остварување и заштита на основните слободи и права на човекот
и граѓанинот, како една од темелните вредности на уставниот поредок, се
утврдени соодветни уставни услови и основи. Притоа, истакнува дека „посебно се значајни
гаранциите на основните слободи и права, меѓу кои е предвидена и адвокатурата, како
еден од основните предуслови за остварување и заштита на слободите и правата на
човекот и граѓанинот“.
Според Уставниот суд, член 53 од Уставот има за цел „да
се утврди статусот и положбата на адвокатурата како самостојна и независна
јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност
со закон, што е израз на фактот дека правната помош дадена од
стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна гаранција за
остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот“.
Во однос на оспорените делови од членовите 2 и 6 од
Законот за адвокатурата, Уставниот суд утврдил дека овие одредби, според кои
правната помош единствено и исклучиво ја обезбедуваат адвокатите, односно
адвокатурата, не е во интерес на граѓаните и е премногу рестриктивно во однос
на кругот на лица од кои што граѓаните може да избираат кој ќе ги застапува во
постапките пред судовите, органите на државната управа или други организации и
институции што вршат јавни овластувања.
Понатаму, Уставниот суд смета дека решенијата според кои
адвокатите се единствено надлежни за давање и обезбедување правна помош не може
да се оправда ниту од аспект дека тие се единствено квалификувани за тоа.
Имено, Уставниот суд констатира, адвокатите имаат исто знаење и способности
како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит.
Според тоа, фактот што овие лица не се определиле професионално да се бават со
адвокатура не ги прави помалку квалификувани од адвокатите да и тие даваат
правна помош.
Поради сето горенаведено, Уставниот суд оцени дека
оспорените делови на членовите 2 и 6 од Законот за адвокатурата не се во
согласнот со Уставот во целина, а посебно со член 8 алинеи 1 и 3, член 9, член
50, член 53, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.
Во продолжение, Уставниот суд премина на оценување на
уставноста на оспорениот член 4 од Законот за адвокатурата, каде што се
утврдени работи кои адвокатурата ќе ги врши како јавни овластувања, „што според
член 53 од Уставот не е спорно како можност да се утврдат со закон“. Имено, за
Уставниот суд не е спорно вршењето на јавни овластувања од страна на
адвокатите. Забелешките на Уставниот суд се во насока на недостатокот на
одредби во смисла на определување на формата, содржината и начинот на кој
адвокатите ќе ги вршат јавните овластувања, како и одредби за тоа на каков
начин и кој државен орган ќе врши контрола и надзор над законитото вршење на
овие овластувања.
Оттука, според Уставниот суд, „не е спорно дека
составувањето на исправи и потврдувањето на заклучоци утврдени во член 4 став 1
точка 1 од Законот[10],
место Нотаријатот, од сега натаму можат да ги вршат адвокатите како јавно
овластување“. Но, имајќи предвид дека нивното извршување не е утврдено на начин
кој обезбедува еднаквост, правна сигурност и владеење на правото, од претходно
наведените причини, Уставниот суд оцени дека член 4 став 1 точка 1 од Законот за адвокатурата не се во согласност со член 8 алинеја 3 и член 9 од
Уставот.
Во однос на јавното овластување предвидено во член 4 став
1 точка 2 што се состои во правото на адвокатите, врз основа на посебно
полномошно од странката, од судовите и другите државни органи, јавни служби и
правни лица да бараат да им доставуваат определени податоци, Уставниот суд
смета дека „не е спорно од аспект на ефикасност и растеретеност на органите самите
да ги бараат наведените податоци кога се потребни тие да одлучуваат по барања
од граѓаните“. За Судот е спорно тоа што посебното полномошно од странката
всушност претставува основ за вршење на јавно овластување. Имено, јавното
овластување се пренесува и остварува врз основа и по сила на закон.
Од овие причини, Уставниот суд оцени дека точката 2 на
ставот 1 на член 4 од Законот за адвокатурата во целина не е во согласност со
Уставот. Покрај тоа, Уставниот суд оцени дека и ставот 2 на член 4, иако не е
оспорен, е во функција на извршување на јавните овластувања предвидени со
ставот 1, па поради тоа не е во согласност со Уставот. Исто така, со оглед дека
со овој став се поврзани и оспорените делови на член 16 став 1 од Законот за
адвокатурата, Судот оцени дека и овие одредби не се во согласност со Уставот.
АНАЛИЗА НА
ОДЛУКАТА У.БР. 134/2002
Имајќи го предвид образложението на Уставниот суд дадено
во Одлуката У.бр. 134/2002 од 22.01.2003 година, во врска со укинувањето на
неколку одредби од Законот за адвокатурата, може да се тврди дека Судот го потврди
јавно-правниот статус на адвокатурата, како и нејзината улога во заштитата на
слободите и правата на човекот и граѓанинот. Сепак,
постојат и определени делови на образложението коишто се недоволно јасни и
прецизни, до извесен степен и содржински контрадикторни, во контекст на вака утврдените
статус и улога на адвокатурата.
Имено, од една страна, според Уставниот суд, целта на
член 53 од Уставот е да го утврди статусот и положбата на адвокатурата како
самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни
овластувања во согласност со закон, што претставува израз на фактот дека правната
помош дадена од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна
гаранција за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и
граѓанинот. Од друга страна, Судот утврдува
дека адвокатската професија не ја вршат исклучиво адвокати. Уште повеќе, според
Судот, не постои разлика помеѓу адвокатите и лицата кои завршиле правен
факултет и положиле правосуден испит, но не се определиле професионално да се
бават со адвокатура.
Меѓународната правна заедница одамна ја препозна и ја
призна улогата на адвокатот во обезбедувањето на човековите права. Во оваа
смисла, во 1990 година, на Осмиот Конгрес на Обединетите нации за превенција на
криминалот и третман на сторителите, беа усвоени и Основните принципи на ОН за
улогата на адвокатите[11]. Овие
основни принципи на ОН за улогата на адвокатите не бea само нова објава за
важноста на улогата на адвокатот, туку бea дизајнирани за да ја нагласат и зацврстат
централната поставеност на адвокатската професија при обезбедувањето на основните
човекови права утврдени, пред сè, со Универзалната декларација за човекови
права.
Со цел да се реализира целосно улогата на адвокатите во
заштита на човековите права, треба да се обезбеди правна помош којашто е
ефективна, а не илузорна. Притоа, за да може правната помош којашто ја
обезбедува адвокатот да биде ефективна, таа, меѓудругото, мора да се спроведе
независно. Ова е препознаено и во Преамбулата на Основните принципи на ОН за
улогата на адвокатите од 1990 година, каде се наведува дека „... соодветната
заштита на човековите права и основни слободи кои им припаѓаат на сите лица,
без оглед дали се работи за економски, социјални и културни или граѓански и
политички права, бара сите лица да имаат ефективен пристап до правни услуги кои
ги обезбедува независна адвокатска професија...“.[12]
Независноста на адвокатурата, слично како и независноста
на судството, зависи од расположливите механизми кои овозможуваат пристап до
правдата, како и соодветно ограничување на владините актери во однос на
можноста да се ограничат правата на адвокатите за формирање независни здруженија и изразување на нивните мислења за важни
прашања од јавен интерес, но секако и од квалитетот и етиката на самите
адвокати, кои се обезбедуваат преку соодветно образование и спроведување на
етички правила.
Основните принципи на ОН за улогата на адвокатите
упатуваат на секој од овие елементи преку детално предвидени обврски кои треба
да се преземат во областите на (1) пристап до адвокати и правни услуги; (2)
посебни заштитни мерки во областа на кривичната правда; (3) квалификации и
обука на адвокатите; (4) гаранции за функционирање на адвокатите; (5) слобода
на изразување и здружување на адвокатите; (6) улогата на професионалните
здруженија на адвокати; и (7) дисциплинска постапка за несоодветно однесување
на адвокат.
Сите претходно наведени принципи и услови за обезбедување
на улогата на адвокатот во насока на обезбедување на човековите слободи и
права, преку обезбедување на правна помош, се интегрирани во Законот за
адвокатурата, како и актите на Адвокатската комора на Република Северна
Македонија.[13] Конечно, може да се тврди дека суштината и смислата на член 53 од Уставот е
базирана токму во обезбедувањето на улогата на адвокатурата како основна
гаранција за заштита на човековите слободи и права, согласно Основните принципи
на ОН за улогата на адвокатите, па оттаму адвокатурата е предвидена како
единствена јавна служба која е овластена да ги врши сите видови на правна
помош. Истовремено, токму во оваа смисла таа е определена како независна и
самостојна јавна служба.
Имајќи го предвид сето претходно наведено, со право би се
поставило прашањето дали е основано и оправдано, пред сè во смисла на заштита
на човековите слободи и права, да се дозволи адвокатската дејност да не ја
вршат исклучиво адвокати, односно да се тврди дека истата може да ја вршат и
лица кои завршиле правен факултет и положиле правосуден испит, а не се запишани
во Именикот на адвокати на Адвокатската комора. Имено, лицата кои не се
адвокати немаат никаква професионална одговорност, односно обврска да се
придржуваат до определени професионални стандарди, чија крајна цел е
обезбедување на квалитетна правна помош и заштита на слободите и правата на
човекот и граѓанинот. Истовремено, може да се тврди дека ваквото резонирање оди
на линија на поттикнување на неовластено давање на правна помош, односно надриписарство.
Конечно, не помалку важно е да се истакне дека адвокатурата, како професија,
располага со механизми за независно и самостојно вршење на адвокатската
дејност, како едни од клучните принципи за ефективно обезбедување на правна
помош, признат на меѓународно ниво.
Во однос на предвидените јавни овластувања со Законот за
адвокатурата, Уставниот суд констатирал дека не е спорно дека составувањето на
исправи и потврдувањето на заклучоци утврдени во член 4 став 1 точка 1 од
Законот, место Нотаријатот, можат да ги вршат адвокатите како јавно
овластување. Слично, во однос на правото од судовите и другите државни органи,
јавни служби и правни лица да бараат да им доставуваат определени податоци,
констатирал дека истото не е спорно од аспект на ефикасност и растовареност на
органите самите да ги бараат наведените податоци кога тие се потребни
одлучуваат по барања на граѓаните.
Имено, Уставниот суд признава дека адвокатурата мора да
има јавни овластувања, при што не ги оспорува ниту конкретните предвидени јавни
овластувања како такви. Сепак, Судот ги
укина јавните овластувања предвидени со Законот за адвокатурата, главно поради
тоа што смета дека не се обезбедени инструменти за надзор. Во оваа насока би
можело да се тврди дека надзорот е обезбеден преку институтот одговорност на
адвокатите за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, при
што како потешка повреда се смета неизвршување или очигледно несовесно вршење
на работите на правна помош и вршење јавни овластувања. Притоа, овие повреди
поблиску се уредуваат со акт на Адвокатската комора, при што против конечната
одлука на органите на Адвокатската комора е предвидена и судска заштита.
Во контекст на јавните овластувања, Уставниот суд ја
укина и одредбата со која се определува остварувањето на службени контакти и
соработка меѓу адвокатите и судовите и државните органи. Имено, се работи за
уште една одредба чие укинување допринесува кон впечатокот дека образложението
на Судот во определени делови е недоволно јасно и прецизно, како и во извесна
мера контрадикторно, во контекст на утврдениот јавно-правен статус на
адвокатурата. Уште повеќе, во оваа насока треба да се имаат предвид и
Принципите на ОН за улогата на адвокатите, каде се предвидува дека
„професионалните здруженија на адвокати соработуваат со владите за да се
осигури дека ... адвокатите се во можност, без несоодветно мешање, да ги
советуваат и да им помагаат на своите клиенти во согласност со законот и
признатите професионални стандарди и етика“.
УСТАВНО-СУДСКАТА
ПРАКТИКА ПО ОДЛУКАТА У.БР. 134/2002
Уставниот суд, според својата уставна положба,
претставува гарант за остварување на владеењето на правото и заштита на
слободите и правата на човекот и граѓанинот, при што неговата уставно-судска
практика претставува водилка за преземање на понатамошни чекори во насока на
обезбедување на владеењето на правото и заштита на човековите слободи и права. Имајќи ја предвид улогата на Уставниот суд и
значењето на неговата уставно-судска практика, од голема важност е да се
осигури доволна јасност, прецизност и конзистентност при толкување на
определени уставни одредби.
По донесувањето на Одлуката У.бр. 134/2002 од 22.01.2003
година, Уставниот суд во уште неколку прилики имаше можност да разгледува и
толкува прашања во врска со статусот, улогата и надлежностите на адвокатурата.
Во Одлуката У.бр. 31/2007 од 09.01.2008 година[14],
каде што се одлучувало за уставноста на определени одредби од Законот за
адвокатурата, Уставнот суд потврди дека од содржината и значењето на одредбите
предвидени во член 53 од Уставот произлегува дека „со утврдувањето на
адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна
помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, се изразува јасната
определба дека правната помош дадена од стручно - квалификувана, самостојна и
независна служба е основна гаранција за остварување и заштита на слободите и
правата на човекот и граѓанинот како темелна вредност на уставниот поредок на
Република Македонија“.
Во Решението У.бр. 48/2008 од 04.02.2009 година[15],
каде што се разгледувала уставноста на одредби од Законот за вонпарнична
постапка во однос на пренесувањето на јавни овластувања на нотар како повереник
на судот, Уставниот суд тргна од член 53 од Уставот, во кој е поместена
дефиницијата за адвокатурата како јавна служба која обезбедува правна помош и
врши јавни овластувања, со цел да се дојде до уставниот основ на нотаријатот
како јавна служба.
Во оваа смисла, Судот го констатира следното: „Прашањето на
пренесувањето на јавните овластувања својот основ го имаат во Уставот на
Република Македонија. Имено, според член 53 од Уставот адвокатурата е утврдена
како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши
јавни овластувања во согласност со закон ... Од
оваа уставна одредба произлегува дека целта на член 53 од Уставот е да го
утврди статусот и положбата на адвокатурата како самостојна и независна јавна
служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со
закон ... во прашање е залагање Уставот
да се толкува креативно односно идејата за пренесување на вршењето на јавните
овластувања врз недржавни институции не само што не му е туѓа на Уставот, туку
неа тој ја претпочита“.
Во Одлуката У.бр. 2/2016 од 28.09.2016 година[16],
Уставниот суд одлучувал за уставноста на одредба од Законот за кривичната
постапка. Во образложението на одлуката, по цитирање на определени уставни и
законски одредби, меѓу кои и член 53 од Уставот, Уставниот суд констатира: „Од наведената уставна и законска
регулатива произлегува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба
која единствено обезбедува и дава правна помош во согласност со закон.
Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со Законот за адвокатура и
други закони“. Во понатамошното образложение, Судот утврди дека „обезбедување
на стандардите и квалитет на одбраната се остварува токму со пропишувањето дека
во кривичната постапка бранители можат да бидат само адвокати“.
Во Решението У.бр. 141/2016 од 05.07.2017
година[17],
Уставниот суд ја разгледувал уставноста на неколку одредби од Законот за
нотаријатот, во врска со задолжителното присуство на адвокат во постапките пред
нотар. Притоа, Уставниот суд оценил дека од содржината на оспорените одредби „ јасно и недвосмислено произлегува интенцијата на законодавецот
за заштита на слободите и правата на граѓанинот во постапката пред нотарот...“.
Уште повеќе, Уставниот суд констатирал
дека „од анализата на содржината на наведените законски норми јасно произлегува
дека оспорените членови од Законот за нотаријат кои предвидуваат присуство на
адвокат во постапката пред нотарот, не е во спротивност со принципот на
владеењето на правото, туку напротив истото е со цел обезбедување на правната
сигурност на граѓаните“, а сето ова „дотолку повеќе што и во смисла на членот
53 од Уставот, адвокатурата е независна јавна служба што обезбедува правна
помош и врши овластувања во согласност со закон“. Според Уставниот суд, „во
оваа смисла е и уредувањето на Законот за нотаријат и со цел обезбедување на
правна помош на граѓаните во постапка пред нотар“.
Во Решението У.бр. 129/2016 од
01.11.2017 година[18],
Уставниот суд повторно ја разгледувал уставноста на одредби од Законот за
нотаријатот, поврзани со задолжителното присуство на адвокат во постапката пред
нотар. Притоа, Уставниот суд повторно ја потврдил уставноста на задолжителното
присуство на адвокат во постапката пред нотар.
Во Одлуката У.бр.135/2016 од 24.01.2018
година[19],
Уставниот суд одлучувал за уставноста на неколку одредби од Законот за
извршување, во врска со задолжителното инволвирање на
адвокат во постапката пред извршител. Во образложението на одлуката, Уставниот суд не оспорува дека
задолжителното инволвирање на адвокатот во постапката пред извршител ќе
придонесе кон обезбедување на правната сигурност на граѓаните и правните
лица. Сепак, оценил дека
оспорените законски решенија содржат елементи кои воспоставуваат определен
различен третман на граѓаните и правните лица.
Исто така, вреди
да се истакне дека еден од судиите кои одлучувале по предметот и кој гласал
против одлуката, решил да го издвои и образложи своето мислење[20].
Така, тргнувајќи од определени уставни одредби, меѓу кои и член 53 од Уставот,
како и од определени законски одредби, меѓу кои и Законот за адвокатурата, во
издвоеното мислење било нагласено дека од оспорените одредби јасно произлегува
намерата на законодавецот за заштита на слободите и правата на граѓанинот во постапката
пред извршител и дека со нив се обезбедува поголема правна сигурност. Имено,
токму во смисла на член 53 од Уставот е и уредувањето на Законот за извршување,
со цел обезбедување на правна помош на граѓаните во постапка пред извршител.
Истовремено, дал и поинакво толкување во однос на елементите за кои се утврдило
дека воспоставуваат определен различен третман.
Во Решението У.бр. 18/2018 од 22.05.2018
година[21],
Уставниот суд повторно разгледувал неколку одредби од Законот за нотаријатот,
кои веќе ги разгледувал во рамки на претходно донесеното Решение У.бр. 141/2016
од 05.07.2017 година, во врска со задолжителното
присуство на адвокат во постапките пред нотар. Уставниот суд уште еднаш ја
потврдил уставноста на оспорените одредби од Законот за нотаријат, односно
утврдил дека нема основ за поинакво одлучување. Притоа, Судот експлицитно се
повикал на образложението дадено во Решението У.бр. 141/2016 од 05.07.2017 година, односно
ја потврдил претходно воспоставената уставно-судска практика.
ЗАВРШНИ
ЗАБЕЛЕШКИ
Од анализата на Одлуката У.бр. 134/2002 од 22.01.2003
година произлегува општиот заклучок дека Уставниот суд во своето образложение јасно
и недвосмислено го потврди јавно-правниот статус на адвокатурата, која како самостојна
и независна јавна служба претставува основна гаранција за остварување и заштита
на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Имено, во својата аргументација,
при утврдувањето на положбата, улогата и надлежностите на адвокатурата, Судот
тргнува од статусот на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба
која обезбедува правна помош и врши јавни овластувања.
Истовремено, од анализата произлегува дека во рамки на
образложението на претходно наведената Одлука постојат и определени делови кои
не само што се недоволно јасни и прецизни, туку се во извесна мера и
контрадикторни во однос на содржината на други делови од образложението и
потврдениот јавно-правен статус на адвокатурата, со што се остава простор за
погрешни толкувања во однос на нејзината положба и улога. Имено, во определени
делови на образложението се стекнува погрешен впечаток дека предмет на разгледување
е дејност која не припаѓа во сферата на јавното право.
Сепак, неоспорно е дека Уставниот суд го признава и
потврдува јавно-правниот статус на адвокатурата, како и дека адвокатурата мора
да има јавни овластувања, при што како такви не ги оспорува ниту конкретните
јавни овластувања предвидени во Законот за адвокатурата. Уште повеќе, преку
донесување на понатамошни одлуки и решенија, каде што ја разгледува уставноста
на определени законски одредби во контекст на прашања поврзани со статусот и
улогата на адвокатурата, Уставниот суд разви уставно-судска практика во рамките
на која не само што го потврдува јавно-правниот статус на адвокатурата и
нејзината улога при заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот,
туку и ги појаснува и отстранува претходните недоволно јасни тврдења и
уставно-правни нелогичности.
Имено, во понатамошната уставно-судска практика, Уставниот
суд потврдува дека правната помош дадена
од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна гаранција за
остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како и
дека адвокатите имаат јавни овластувања. Исто така, во рамките на понатамошната
уставно-судска практика утврдува дека токму статусот на адвокат е гаранција за
обезбедување на стандардите и квалитетот на одбраната, односно на правната
помош, додека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која
единствено обезбедува и дава правна помош во согласност со закон. Притоа,
адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со Законот за адвокатура и
други закони.
Ваквиот развој на уставно-судската практика во однос на
статусот, улогата и надлежностите на адвокатурата понатаму конзистентно се
надоградува со потврдување на задолжителното присуство на адвокат во постапката пред
нотар, со цел да се обезбеди правна помош на граѓаните во овие постапки заради
заштита на слободите и правата на граѓанинот, како и обезбедување на правна
сигурност на граѓанинот, во смисла на член 53 од Уставот. Овој став на
Уставниот суд е зацврстен на начин што е потврден уште два пати во рамки на
неговата уставно-судска практика.
Во однос на
задолжителното инволвирање на адвокат во постапката пред извршител, вреди да се
истакне дека Уставниот суд во принцип не го оспорил самото задолжително
инволвирање на адвокат во постапката пред извршител, туку сметал дека постојат
определени елементи кои воспоставуваат определен различен третман на граѓаните.
Исто така, вредно да се посочи дека оспорените одредби на Законот за нотаријат
и Законот за извршување не се во целост идентично определени. Уште повеќе, може
да се тврди дека определени делови од образложението не се целосно конзистентни
со претходно воспоставената уставно-судска практика. Токму во оваа смисла е
дадено и издвоеното мислење од страна на еден од уставните судии.
Сепак, може да
се тврди дека Уставниот суд генерално го задржал континуитетот на конзистентно
толкување така што својот став за задолжителното присуство на адвокат во
постапката пред нотар го потврдил уште два пати. Притоа, вредно е да се
потенцира дека втората потврда на ваквиот став на Судот е изразена во рамки на
решение на Уставниот суд, чие донесување хронолошки следи по донесувањето на
одлуката на Уставниот суд, во која се разгледува задолжителното инволвирање на
адвокат во постапката пред извршител. Уште
повеќе, Судот во решението експлицитно ја потврдил претходно воспоставената
уставно-судска практика.
Со оглед на сето
претходно наведено, може да се тврди дека и покрај тоа што Одлуката У.бр. 134/2002 од 22.01.2003 година содржи определени нејаснотии и
управно-правни нелогичности во однос на статусот и улогата на адвокатурата,
сепак понатамошниот развој на уставно-судската практика се карактеризира со
солидна конзистентност, при што Уставниот суд во голема мера ги отстрани
првичните нејаснотии и го потврди во неколку наврати јавно-правниот статус на
адвокатурата, како основен гарант за остварување и заштита на слободите и
правата на човекот и граѓанинот. Исто така, Уставниот суд потврди дека статусот
на адвокат претставува гаранција за обезбедување на стандардите и квалитетот на
правната помош, како и дека адвокатите мора да имаат јавни овластувања.
Имајќи го предвид значењето на Уставниот суд како гарант
за остварување на владеењето на правото и заштитата на слободите и правата на
човекот и граѓанинот, може да се тврди дека неговата уставно-судска практика треба
да се има предвид при понатамошното донесување на нови закони или соодветна измена на
постојните. Сето ова дотолку повеќе ако се има предвид дека преку улогата да го
обезбедува приматот на Уставот над законите и сите останати прописи, Уставниот
суд всушност ја обезбедува коегзистенцијата на правниот поредок.
[1] Член 53 од
Уставот на РСМ, Службен весник на РСМ бр.
52/1991; 1/1992; 31/1998; 91/2001; 84/2003; 107/2005; 03/2009; 49/2011; 6/2019
[2] Службен
весник на РСМ бр. 59/2002
[3] Член 2
од Законот за адвокатура, Службен весник на РСМ бр.
59/2002
[4] Службен
весник на РСМ бр. 10/2003
[5] Член
2 став 1 од Законот за адвокатурата гласи: Адвокатурата е самостојна и
независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош.
[6] Член
4 став 1 од Законот за адвокатурата гласи: Јавните овластувања се состојат од
вршење на правните работи: 1) право на составување на исправи со изјава за
потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека,
потврдување на заклучоци на собранија на трговски друштва, здруженија на
граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно и
2) право на прибавување известувања врз основа на посебно полномошно од
странката, од судовите и другите државни органи, јавни служби и правни лица,
кои се должни без одлагање да му ги достават на адвокатот за странката и
спротивната странка, а се однесуваат на: податоци за плата на вработен, односно
висина на пензија на корисни на пензија, социјална помош, инвалидна и социјална
или друга рента, податоци од казнена, матична, даночна и земјишно книжна
односно катастарска евиденција, заложно-правна и хипотекарна евиденција,
податоци за состојбата на сметките на правни и физички лица во штедно кредитни
односи, односно организации на платен промет и деловни банки, освен податоци за
штедни влогови на граѓаните, податоци од евиденција за интелектуална
сопственост авторски и други сродни права и индустриска сопственост, податоци
за износите на дивиденди, акции и удели на физички и правни лица.
[7] Член 4
став 2 од Законот за адвокатурата гласи: Во вршењето јавни овластувања адвокатот
остварува службени контакти и соработка со судовите, организте за внатрешни
работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни
овластувања и правни лица цо текот на целото работно време.
[8] Член
6 став 1 од Законот за адвокатурата гласи: Адвокатската дејност ја вршат
исклучиво адвокати.
[9] Член
16 став 1 од Законот за адвокатурата гласи: Овластувањата за давање правна
помош и вршење јавни овластувања адвокатот поединец и адвокатите здружени во
адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странката, кое
адвокатот сам го заверува со свој печат.
[10] Се мисли на Законот за
адвокатурата (заб. на авторот)
[11] United Nations, Basic
Principles on the Role of Lawyers, 7 септември 1990, достапни
на: https://www.ohchr.org/en/professionalinterest/pages/roleoflawyers.aspx
[пристапено 10 април 2020]
[12] International
Commission of Jurists, International
Principles on the Independence and Accountability of Judges, Lawyers and
Prosecutors, Practitioners Guide No.1, Geneva, 2007, p.64
[13] Шкариќ, С.,
Силјановска-Давкова, Г., Уставно право,
Култура, Скопје, 2009, стр.748-750
[14] Службен весник на РСМ бр. 8/2008
[15] http://ustavensud.mk/?p=9781
[16] Службен весник на РСМ бр.193/2016
[17] http://ustavensud.mk/?p=11712
[18] http://ustavensud.mk/?p=11734
[19] Службен весник на РСМ бр.25/2018
[20] http://ustavensud.mk/?p=13107
[21] http://ustavensud.mk/?p=16385
