Случај ТАСЕВ против Република Северна Македонија (по жалба бр. 9825/13)
Анализа на судија Мирјана Лазарова Трајковска на пресудата „Тасев против Република Северна Македонија“ на Евроскиот суд за човекови права, жалба број 9825/13.
Право на приватен живот
Оваа пресуда е донесена на 2 април 2019 година, во Совет од седум судии при
Првата Секција на Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Жалителот, г-дин
Славчо Тасев е македонски државјанин, судија во Апелациониот суд Штип. Тој изнел наводи за повреда на неговото право на
почитување на приватниот живот како резултат на одбивањето на властите да ја
регистрираат неговата етничка припадност, онака како што тој се изјаснил во
судскиот изборен именик. Со шест гласа наспроти еден,
утврдена е повреда на правото на приватност, бидејки Законот за Републичкиот
Судски совет не содржел јасни и предвидливи одредби.
Факти
Во септември
2012 година, бил објавен оглас за пет члена на Републичкиот судски
совет што требало да бидат избрани од редот на судиите од страна на нивните колеги судии. Жалителот
поднел барање до Министерството за правда неговата национална припадност во
судскиот изборен именик да се промени од Бугарин во Македонец, повикувајки се на член 17 од Законот за Републичкиот
судски совет. Националната припадност не била меѓу
наведените услови во огласот. Министерството за правда и управните судови во
два степени, го одбиле барањето на жалителот со образложение дека: (а) било поднесено по објавувањето
на огласот за избор на нови членови на Републичкиот судски совет (б) било
поврзано со правото на жалителот да биде биран на изборите за нови членови на
Републичкиот судски совет и (в) би ги ставила другите судии кои учествувале во изборот во неповолна положба.
Во
врска со неговата пријава на објавениот оглас, РСС
го известил жалителот дека го избришал неговото име од општата листа на
кандидати за избор во РСС што треба да бидат избрани од редот на судиите во
судовите на подрачјето на Апелациониот суд во Штип со образложение дека неговата
декларирана етничка припадност (Македонец) не кореспондирала со официјалните
податоци, според кои од 1995 година тој бил регистриран како Бугарин.
Право
Жалителот
се жалел на
правото на правично судење бидејки не му била дадена
можност да изврши увид и да се произнесе за преписите од судските изборни
именици од 2006, 2008 и 2010 година доставени како доказ до Управниот суд од
страна на Министерството за правда и наведени во образложението на Управниот
суд. Покрај тоа, тој изнел жалбени наводи за
одбивањето на властите да ја променат неговата национална припадност во
судскиот изборен именик, бидејќи со одбивањето е прекршено неговото право на
национален идентитет. Судот во Стразбур, оценил дека жалбените наводи на жалителот треба да се
разгледаат од аспект на правото на приватен живот. Владата не истакнала приговор во однос на допуштеноста на овој жалбен навод.
Жалителот
навел дека неговиот национален
идентитет е негово лично право и дека од него не треба да се бара да ја докаже
неговата национална припадност. Тој тврдел дека неговата самоидентификација како етнички Македонец била вистинска и негирал дека неговото барање во
оспорената постапка било во насока на остварување на каква било предност во
однос на другите кандидати за избор на членови на РСС.
Владата
се произнела дека жалителот го злоупотребил правото за определување на својот етнички
идентитет со цел да си ги зголеми шансите на изборите за судии во РСС. Таа
презентирала докази дека од 1995 година, кога бил назначен како судија, се декларирал дека е
етнички Бугарин. Тој не успеал да докаже дека бил етнички Македонец и неговото барање во
оспорената постапка било поднесено дури по објавувањето на огласот за избор на
нови членови на РСС. На изборите во 2012 година за РСС жалителот се пријавил за
првпат да биде вклучен како етнички Македонец на општата листа на судии кои
судат во судови на подрачјето на Апелациониот суд во Штип.
Оценка
на Судот
Судот во повеќе свои пресуди веќе утврдил
дека етничкиот идентитет е дел од идентитетот
на поединецот, кој спаѓа во личната сфера заштитена со член 8 од Конвенцијата
(види Aksu v. Turkey [GC], бр. 4149/04 и 41029/04, § 58, ECHR 2012 година, и S.
and Marper v. the United Kingdom [GC], бр. 30562/04 и 30566/04, § 66, 4
декември 2008 година). Судот утврдил дека одбивањето
на припадници на малцинство на правото доброволно да се определат претставува
не само дискриминаторски третман, туку и повреда на право за слобода на самоидентификација. При тоа, изборот за кој станува
збор е слободен и мора да се почитува и од другите припадници на малцинството и од самата држава. Ова право е заштитено со член
3 § 1 од Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните
малцинства, кој гласи: "Не смее да произлезе никаква штета од таквиот
избор или од остварувањето на правата поврзани со тој избор".
Примена на општите принципи на конкретниот случај
ЕСЧП забележал дека Владата не негирала дека одбивањето на
властите да се промени националната припадност на жалителот во судскиот изборен
именик претставувало вмешување во неговиот "приватен живот" во контекст на значењето на ова право согласно Конвенцијата. Тој имал предвид дека
со домашното право на судиите им се дава право и се бара од нив да ја
декларираат својата национална припадност во судскиот изборен именик во
контекст на изборите за РСС. Затоа, Судот влегол во анализа дали
таквото вмешување е во
согласност со вториот став од член 8 од Конвенцијата – односно дали е "во
согласност со закон", заради една или повеќе од легитимните цели наведени
во тој став и дали било "неопходно во едно демократско општество". Во
конкретниот случај, Министерството за правда и судовите во две инстанци одбиле
да го прифатат барањето бидејки барањето било поднесено по објавувањето на огласот за избор на нови членови на
РСС; тоа се однесувало на изборните права на жалителот во претстојниот избор за
нови членови на РСС; и бидејки ќе ги ставело другите судии вклучени во овој избор во неповолна положба. При тоа, во ниту една фаза во
оспорената постапка не било побарано од жалителот да обезбеди било каков доказ
дека неговиот навод е точен.
Судот
сметал дека главната причина за
оспореното одбивање било времето на поднесување на барањето на жалителот,
гледано во контекст на неговото пријавување на претстојниот избор за РСС и забележал дека ниту
Министерството, ниту Управниот суд не упатиле на некоја законска или друга
правна одредба при образложувањето на основот на своите заклучоци, без оглед на
експлицитните жалбени наводи
на жалителот во тој поглед. Само Вишиот управен суд се произнел дека оспореното
одбивање на барањето на жалителот се засновало на Законот за РСС и Законот за општата управна постапка; тој,
дополнително, ги идентификувал одредбите што ги сметал за релевантни за својата
одлука.
Судот
утврдил дека иако достапен, правниот основ врз кој се
засновало оспореното одбивање на барањето не бил предвидлив, поради што дошол до заклучок дека
вмешувањето во правата на жалителот според член 8 не било "во согласност
со законот" поради што не
навлегол во утврдување дали се исполнети
другите услови од член 8 § 2 и утврдил повреда на правото на приватност.
Покрај
жалбениот навод во врска со правото на приватност, жалителот навел дека правото на правично судење било повредено бидејки не
му била дадена можност да изврши увид и да се произнесе за преписите од
судските изборни именици од 2006, 2008 и 2010 година доставени како доказ до Управниот суд од
страна на Министерството за правда и наведени во образложението на Управниот
суд.
Судот
утврдил дека жалителот не
претрпел значителна штета што Управниот суд не му доставил преписи од
извадоците од судските изборни именици доставени како докази од страна на
Министерството. ЕСЧП оценил дека предметниот случај бил соодветно разгледан од страна на домашните судови
во двете инстанци и дека почитувањето на човековите права не бара разгледување
на овој жалбен навод во однос на основаноста поради што тој дел од жалбениот навод го прогласил за недопуштен.
Одлучувајќи за правото на правичен надомест,
Судот му доделил на жалителот 4.500 евра, плус било какви такси кои може да бидат наплатени. Покрај тоа, утврден е износ од 1.800
евра, во кои се опфатени трошоците по сите основи, плус било која такса што може да биде наплатена на
жалителот.
Бидејќи
оваа пресуда е донесена со шест гласа за и еден глас против, кон пресудата објавена
на HUDOC е и издвоеното
мислење на судијата Војтичек, кој не се согласил со своите колеги во врска со
постоењето на повреда на правото на приватен живот.
Значење на пресудата
Досега,
ЕСЧП има донесено повеќе пресуди за Македонија во однос на правото на приватен
и семеен живот во кој утврдил повреда на ова право поради процедурални пропусти
или поради суштиска повреда на ова право. Такви пресуди се Попоски (12316/07,) Митови (12316/07,) Ел-Масри(12316/07), Ивановски (29908/11) Карајанов (2229/15) Х.( 29683/16) итн. Пресудата Тасев против Северна Република Македонија
поаѓа од примената на трипартитниот тест во заштитата на правото на приватност,
односно дали постоела законска основа за вмешувањето во правото на приватност,
дали постоела легитимна цел и на крајот дали таквото вмешување било неопходно
во едно демократско општество. Според судската пракса на ЕСЧП, изразот "во
согласност со закон" бара оспорената мерка да има некој основ во домашното
право; покрај тоа, таа, исто така, упатува на квалитетот на законот за кој
станува збор, односно се бара тој да биде достапен на засегнатото лице и
предвидлив во однос на неговите ефекти. Уште со примената на тестот на првото
скалило на овој тест, односно дали постоела законска основа за вмешување во
правото на приватност,во предметот на Тасев, Судот сметал дека законската рамка
не нудела предвидливост за можно вмешување во правото на самоопределување за
етничката припадност на жалителот и заклучил дека нема потреба од понатамошна
анализа на останатите аспекти на трипартитниот тест и дека има повреда на
правото на приватност. Ова е прва пресуда за
Македонија во која ЕСЧП дошол до повреда на правото на приватност врз основа на
квалитетот на законот.
