Приказ и коментар на пресудата Ел-Масри против Република Македонија

Анализа на д-р Љупчо Стојковски на пресудата Ел-Масри против Република Македонија од Европскиот суд за човекови права.

 

Вовед
На 24 октомври 2012 година, Големиот Совет (Grand Chamber) на Европскиот Суд за човекови права ја донесе пресудата во случајот Ел-Масри против Република Македонија. Случајот против Република Македонија беше покренат со жалба бр.39630/09, поднесена до Судот во Стразбур согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, од германскиот државјанин Калед Ел-Масри, на 20 јули 2009 година. Во жалбата, жалителот Ел-Масри, кој е роден 1963 година, a живее во Сенден, Германија, тврдел дека Република Македонија со своето (не)постапување во периодот од 31 декември 2003 година па сè до 28 мај 2004 година сторила сериозни повреди на Европската Конвеција за човекови права (ЕКЧП). Тој тврдел дека бил жртва на тајна операција за вонредно предавање (extraordinary rendition) на Американската разузнавачка Организација (ЦИА) во која учествувале и службени лица од Република Македонија и која се одвивала во и преку Република Македонија. Според жалителот, службени лица на Република Македонија, „го притвориле, го држеле incommunicado, го испитувале и го малтретирале, и го предале на аеродромот во Скопје на агенти на ЦИА кои го префрлиле со специјален авион на ЦИА, во таен објект за притвор управуван од ЦИА во Авганистан, каде бил малтретиран повеќе од четири месеци”, после што бил вратен во Германија. (став 3 од пресудата). Дополнително, тужената држава, Република Македонија, не ги презела ниту потребните мерки за да спроведе ефективна правна истрага за да ги провери неговите наводи. Со ваквото однесување, Република Македонија сторила повреда на членовите 3, 5, 8 и 13 од Европската Конвеција за човекови права, односно е одговорна за тортура, нечовечко и деградирачко однесување врз него, за повреда на правото на слобода и сигурност, правото на приватен и семеен живот и правото на ефективен правен лек. Република Македонија ги негирала тврдењата на жалитетот и тоа дека е одговорна за повреда на неговите човекови права.
Факти на случајот

Верзија на жалителот, Калед Ел-Масри
Пристигнување во Македонија и проверка на граница
На 31 декември 2003 година жалителот Калед Ел-Масри со автобус од Улм, Германија, заминал кон Скопје на туристичка прошетка и краток одмор. Во 15 часот истиот ден, кога автобусот пристигнал на српско- македонската граница на преминот „Табановце“ жалителот бил повикан на испрашување од граничните власти, бидејќи се јавил сомнеж „околу важноста на неговата неодамна издадена германска патна исправа”. Испитувањето, кое вклучувало и прашања за поврзаноста на жалителот со неколку исламски организации и групи, завршило во 22 часот истиот ден, а на неговата патна исправа „бил ставен македонски влезен печат со датум од 31 декември 2003 година”(став 17).
Притвор во хотел во Скопје
По завршувањето на испитувањето на граничниот премин, „придружуван од мажи во цивилна облека коишто биле вооружени”, Ел-Масри бил однесен во хотел во Скопје, за кој по враќањето во Германија успеал да препознае дека станува збор за хотелот „Скопски Мерак”. Жалителот бил држен во притвор во соба на најгорниот кат од хотелот и постојано бил чуван од тим од 9 лица. За време на притворот тој бил постојано испитуван и тоа на англиски јазик иако имал ограничено познавање на тој јазик. Неговата барања да контактира со германската амбасада, со адвокат по негов избор или со неговото семејство биле одбиени, а „во една пригода, кога изјавил дека има намера да замине, му бил вперен пиштол во чело со закана дека ќе биде убиен” (став 19).
Излез од Македонија и третманот на аеродромот во Скопје
Штрајкувајќи со глад во последните 10 дена од 23 дневниот притворот во хотелот, на 23 јануари 2004 година жалителот, со „лисици на рацете и со врзани очи”, бил однесен на скопскиот аеродром, откако претходно истиот ден тој „бил снимен со видео-камера и му биле дадени инструкции да каже дека со него постапувале добро, дека не му била нанесена никаква штета и дека наскоро ќе биде префрлен со авион во Германија.” (став 20)
Некое време по пристигнувањето на аеродромот, сè уште со лисици на рацете и со врзани очи, бил сурово тепан од сите страни, облеката му била искината со ножици или нож и бил содомизиран со цврст предмет. Потоа му била ставена некаква инекција, па бил привремено заслепен со нагло пуштање на светло, кога и забележал дека во собата имало 7 или 8 лица облечени во црно со црни скијачки маски. Му била ставена пелена, па „бил облечен во темно-сини тренерки со кратки ракави”, на главата му била ставена вреќа, а на него бил ставен и ремен со синџири на неговите рачни и ножни зглобови. Луѓето во просторијата му ставиле штитници на ушите и јастучиња на очите и превез и качулка на главата и го внеле во авион (став 21). Според жалителот, постапувањето со него на аеродромот во Скопје најверојатно било изведено од страна на специјален тим за предавање на ЦИА (rendition team), бидејќи истото било „значително конзистентно со неодамна објавен документ на ЦИА во кој се опишува протоколот за т.н. постапување „шок при заробувањето (capture-shock)“” (став 22). „На патната исправа на жалителот бил ставен македонски печат за излез со датум 23 јануари 2004 година.” (став 21)

Летот од Скопје кон Авганистан и третманот во Авганистан
Летот кон Авганистан жалителот го поминал со лицето на под, со раширени и врзани раце и нозе на страните на авионот, а најголем дел од времето бил во несвесна состојба затоа што му биле ставени две инјекции и анестетик на носот (став 21). Жалителот сфатил дека не е однесен во Германија веднаш штом бил изваден од авионот заради топлото време на аеродромот каде што пристигнал. Веднаш бил однесен во „мала, нечиста, темна бетонска ќелија”, каде бил брутално тепан и удиран од ѕидовите на ќелијата, особено по главата и вратот. Sидови „биле покриени со ракопис на арапски, урду и фарси.” Според тоа сфатил дека е во Авганистан, во „објект управуван од ЦИА којшто извештаите од медиумите го идентификувале како „Salt Pit“, фабрика за цигли северно од деловниот округ во Кабул што била користена од ЦИА за притворање и испитување на осомничени терористи од висок ранг.” (став 24).
Во текот на притворот постојано бил испитуван, секогаш ноќе, а „неговите постојани барања за средба со претставник од германската Влада биле игнорирани”. За време на притворот, кој траел нешто повеќе од четири месеци, жалителот во знал на протест во два наврати одреден период протестирал со глад, како резултат на што неговата здравствена состојба значително се влошила. Медицинска помош не му била пружена, а првиот протест му бил прекинат со насилно хранење преку цевка ставена преку носот до неговиот желудник (став 26, 27). Неколку дена подоцна, жалителот почувствувал слаб земјотрес.
Трансферот во Албанија и пристигнувањето во Германија
На 28 мај 2004 година, седум дена по отпочнувањето на вториот штрајк со глад, жалителот, со врзани очи и лисици на рацето, бил однесен со лет во Албанија. По слетувањето, со кола бил одвезен до некоја напуштена, темна патека. Чуварите му ги дале неговите работи и патната исправа, му ги симнале лисиците и го упатиле да оди пеш по патеката без да се врти наназад. Жалителот „верувал дека ќе биде застрелан од грб и оставен да умре.” Меѓутоа набрзо потоа наишол на три албански граничари кои му кажале дека се наоѓа во близина на албанската граница со Република Македонија и Србија и го одвеле кај нивниот претпоставен. Од таму бил однесен на аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана и ставен во авион за Франкфурт, Германија. Пристигнал во Франкфурт на 29 Мај 2004 година, а на неговата патната исправа бил ставен албански печат за излез (став 30-32).

Верзија на тужената страна, Република Македонија
Единствено нешто од погоре прикажаниот опис на фактите на случајот кои ги дал жалителот со кое се сложила Република Македонија, како тужената страна, е тоа дека истиот бил испрашуван од пограничните власти на 31 декември 2003 година. Македонија негирала „дека жалителот бил притворен и малтретиран од државни агенти во хотелот, дека бил предаден на агенти на ЦИА, и дека истите го малтретирале на аеродромот во Скопје и го префрлиле во затвор во Авганистан управуван од ЦИА. Според неа, жалителот слободно влегол, престојувал и заминал од територијата на тужената држава” (став 40).

Пристигнување во Македонија и проверка на граница
Според македонската страна, Калед Ел-Масри пристигнал во Македонија со автобус од Германија на 31 декември 2003 година. Во согласност со засилените безбедносни и контролни мерки за новогодишните празници, „патниците со автобус биле изложувани на темелна безбедносна проверка, вклучително и проверка на нивните документи за идентификација”. По проверката на патната исправа на г-дин Ел-Масри, кај македонската гранична полиција се појавиле одредени сомневања и затоа одлучила да го „задржи”, а на автобусот му било дозволено да продолжи со цел другите патници да не чекаат на границата. Со жалителот бил спроведен информативен разговор „во согласност со сите важечки европски стандарди”. Била извршена дополнителна проверка на неговата патната исправа со базата на податоци на Интерпол, под сомнение дека истата може да е лажна или фалсификувана, бидејќи г-дин Ел-Масри е роден во Кувајт, а сепак тврдел дека поседува германско државјанство. Затоа што граничниот премин во Табановце не бил поврзан со мрежата на Интерпол, информациите морало да се пренесат во Скопје, од каде било испратено електронско барање до централната база на податоци на Интерпол во Лион. Македонските органи не можеле да презентираат запис пред Судот за барањето до Интерпол, бидејќи службено лице од УБК во Одделот за аналитика истото го направило со употреба на електронски код. Г-дин Ел-Масри морал да чека на граничниот премин додека да се изврши проверката во Интерпол. Кога се утврдило дека Интерпол нема издадено потерница против г-дин Ел-Масри и немало дополнителен основ да се задржи, тој бил пуштен да влезе во Македонија околу 21 часот истиот ден.
Престој во хотел во Скопје и излез од Македонија
Вечерта на 31 декември 2003 година, г-динот Ел-Масри се пријавил во хотелот „Скопски Мерак” каде остварил 23 ноќевања. Сметките од хотелот ги платил во готово, а се одјавил од таму на 23 јануари 2004 година. Истиот тој ден г-дин Калед Ел- Масри ја напуштил Република Македонија, пеш, преку граничниот премин „Блаце“ кон државата Србија и Црна Гора (на делот кон Косово)“ (став 37-41).

Проценка на Судот
Откако најпрво го отфрлил прелиминарниот приговор на тужената страна дека жалителот го пропуштил рокот од шест месеци по исцрпувањето на домашните правни лекови во кој требал да ја поднесе жалбата, предвиден во член 35(1) од ЕКЧП (став 148, 134-147), Судот целосно ја прифатил верзијата на фактите изнесена од жалителот(став 167). Тужената страна не дала кредибилни и задоволителни објаснувања и докази за случувањата со жалителот откако државните власти го презеле на 31 декмеври 2003 година (став 166). Од друга страна, Судот, во поткрепа на исказите на жалителот, меѓу другите докази, се потпрел и на големиот број меѓународни, национални и експертски истраги за општите практики на ЦИА/САД со вонредно предавање (extraordinary rendition) и третман на (наводни) терористи, но и специфично за случајот на жалителот, Калед Ел-Масри. Поконретно, Судот ги навел: Извештаите на Советот за правни работи и човекови права на Советот на Европа од 2006 и 2007 година (ткн. Извештаи на Марти), Извештај од 2007 година на Привремена комисија за вонредни предавања и наводното користење на европски земји од страна на ЦИА за транспорт и нелегален притвор на затвореници формирана од Европскиот Парламент (ткн. истрага на Фава), Заклучните согледувања за Република Македонија од 2008 година од Комитетот на ОН за човековите права, Извештај од 2009 година на Првата комисија за истрага од шеснаесеттиот законодавен период за да ги преиспита активностите на тајните служби, формирана од германскиот Парламент, експертскиот извештај од 2011 година на г-динот Џ.Г.С, кој бил вклучен и во истрагите на Марти и на Фава и др. (став 43-75). Како доказен материјал во овие истраги за предметниот случај биле искористени: записи за летови (вкучително и од органите на скопскиот аеродорм) кои потврдуваат дека авион слетал на скопскиот аеродром од Палма де Мајорка и заминал по три часа во правец на Багдад, а потоа за Кабул на 23 јануари 2004 година; записи за летови кои потврдуваат дека лет на ЦИА полетал од Кабул и слетал во воена база во Албанија на 28 мај 2004 година; резулати од вештачењето од фоликули од косата на жалителот кои потврдуваат дека некое време поминал во јужна Азија и бил лишен од храна подолг временски период; геолошки записи кои потврдуваат постоење на земјотрес на територијата на Авганистан во април 2004 година; скици кои жалителот ги направил за авганистанскиот затвор во кој бил сместен кои биле препознаени и од друга жртва која била притворена во тие простории и предадена од тим на ЦИА, итн. (став 157-160).
Особена важност во оценката на фактите на случајот и како единствен непосреден доказ во овој случај, Судот дал на писмената изјава дадена за потребните на овој предмет на тогашниот Министер за внатрешни работи, а подоцна и премиер на Македонија, Хари Костов. Целосно спротивно од она што го тврдела Република Македонија пред Судот, Костов изјавил дека македонски агенти од УБК, делувајќи со негово овластување како Министер и под директна контрола на шефот на УБК, го притвориле Калед Ел-Масри на 31 декември 2003 година по официјално барање (и валидна потерница) на разузнавачките партнери од САД кои сметале дека г-дин Ел-Масри е осомничен за вмешаност во исламистички тероризам. Македонската Влада се согласила да го задржи г-дин Ел-Масри додека тој не биде предаден на органите на САД за понатамошно испитување, па затоа тој бил држен извесен период на локација во Скопје, тајно и без инцидент, под постојан надзор на агенти од УБК. На 23 јануари 2004 година, г-дин Ел-Масри бил предаден на ‘тимот за предавање‘ на ЦИА на аеродромот во Скопје и бил однесен надвор од Македонија со авион управуван од ЦИА. Според Костов, целата операција била детално документирана од македонска страна од персоналот на УБК во Министерството за внатрешни работи и истата би требало да се наоѓа во досиејата на Министерството. На крај во изјавата, тој истакнал дека Македонија делувала во согласност со домашните правила и процедури и дека и покрај сознанието дека ситуацијата со г-дин Ел-Масри била резултат на грешка, тоа не била грешка на Македонија и на македонските државни органи. (став 74)
Судот истакнал дека вообичаено ги зема со резерва изјавите од поранешни или актуелни политичари или функционери бидејќи тие најчесто се во корист на државата која е тужена. Меѓутоа, кога изјавите на овие лица, кои што имале централна улога во релевантниот случај, одат во насока против тужената држава, а во прилог на верзијата на жалитетот, тогаш „истите можат да бидат интерпретирани како форма на признание” (став 163). Изјавата на Костов само ги потврдила фактите на случајот презентирани од жалителот и утврдени од Судот преку гореспоменатите доказни материјали (став 161). Освен тоа, тужената држава во овој случај воопшто не му предочила на Судот никаква причина со која би се фрлало сомнеж во веродостојноста на оваа изјава (став 164).

Пресуда
Преминувајќи на правниот дел, откако оценил дека жалбените барања за повреда на членовите 3, 5, 8 и 13 од ЕКЧП на жалителот Калед Ел-Масри се процедурално допуштени согласно член 35 (3) од Конвенцијата (ставови 180, 229, 247, 254), Судот едногласно пресудил дека тужената страна е одговорна за повреда по сите овие членови.
Член 3 – тортура, нечовечко и деградирачко постапување или казнување
Истакнувајќи дека членот 3 од ЕКЧП е апсолутен и од него не се дозволени никакви искучоци или отстапувања, независно од однесувањето на засегнатото лице и дури ни во случај на јавна опасност која се заканува на животот на нацијата, ниту во борбата против тероризмот (став 195), Судот заклучил дека Република Македонија е одговорна:1) за нечовечко и понижувачко постапување на кое бил изложен жалителот додека бил во хотелот, 2) за неговата тортура на аеродромот во Скопје и 3) за тоа што истиот го предала на властите на САД, со што го изложила на ризик од понатамошен третман спротивен на членот 3 од Конвенцијата (став 223).
1) Иако е точно дека при држењето во хотелот во Скопје над жалителот не била употребена физичка сила, Судот истакнал дека „членот 3 не се однесува само на нанесување на физичка болка, туку исто така и на психичко страдање, кое е предизвикано со создавање на состојба на страв и стрес со други средства, а не со физичка повреда. „Несомнено е” продолжил Судот, „дека држењето на жалителот затворен во хотелот, го заплашило, како поради самото лишување од слобода, така и од аспект на тоа што ќе му се случи следно и тоа морало да предизвика кај него емоционално и психичко страдање”, кое било зголемено заради „тајната природа на операцијата и со фактот дека бил чуван инкомуникадо 23 дена во хотел, во вонредно место за притвор.” Ваквото третирање на жалителот во хотелот било намерно, и со цел од него „да се изнуди признание или информации за неговите наводни врски со терористички организации.” Затоа, Судот заклучил дека истото претставува нечовечко и понижувачко постапување, спротивно на членот 3 од Конвенцијата. (став 202-204)
2) Постапувањето со жалителот на скопскиот аеродром – интензивното тепање, присилното соблекување, ставањето качулка на глава, инјектирањето супозитории и др. – Судот го окарактеризирал како торутра над него. Употребата на вакви средства била целосно неоправдана и прекумерна, а со намера кај жалителот „да се предизвика голема болка или страдање за да се добие информација, да се нанесе казна или да се заплаши” (став 211, 207-211). Иако третманот на кој бил изложен жалителот бил извршен од специјален тим од ЦИА, Македонија исто така е одговорна за повреда на членот 3 од Конвенцијата, затоа што дејствијата за кои се жалел жалителот биле извршени во присуство на нејзини службеници и под нејзина јурисдикција. „Како последица на тоа, тужената држава мора да се смета за одговорна според Конвенцијата за дејствијата извршени од страна на странски службеници на нејзината територија и со знаење или учество на нејзините власти” (став 206).  
3) Република Македонија го прекршила член 3 од ЕКЧП и со вонредното предавањето (extraordinary rendition) на жалителот на властите на САД, со што  „со знаење истиот го изложиле на реален ризик од мачење и на услови на притвор кои биле спротивни на членот 3 од Конвенцијата” (став 220, 221). Предавањето не било извршено согласно некое барање за екстрадиција или каква било друга постапка призната со меѓународното право за трансфер на затвореник на странски органи, ниту пак во тоа време постоел налог за апсење на жалителот. Дополнително, доказите сугерираат дека македонските власти знаеле за дестинацијата до која што требало да лета жалителот од скопскиот аеродром, а имајќи предвид обемната и јавно достапна релевантна меѓународна и странска јуриспруденција и медиуски написи за практики на САД со лица осомничени за тероризам во оваа (и други) дестинација, „македонските власти знаеле или требало да знаат, во релевантното време, дека постоел реален ризик дека жалителот би бил предмет на постапување спротивно на член 3 од Конвенцијата.” (став 217, 218). Македонските власти не побарале ниту никакви гаранции од властите на САД за отстранување на ризикот од мачење на жалителот, па затоа, имајќи го сето ова предвид, Судот заклучил дека со предавањето тужената страна го повредила и членот 3 од ЕКЧП (став 219, 220).
Член 5 – право на слобода и сигурност
Освен член 3 од Конвенцијата, Судот пресудил дека Република Македонија, повредувајќи го член 5 од Конвенцијата, е одговорна и за „присилно исчезнување” (enforced disappearance) на жалителот во текот на целиот негов период во заложништво (став 240, 241).
Македонските власти арбитрерно, без судска одлука или наредба, го држеле жалителот во притвор во Македонија, воопшто не го информирале за причините на одземањето на слободата, го испрашувале на нему не толку познат јазик, не го извеле пред суд, ниту пак имал пристап или контакт со адвокат, неговото семејство или германската амбасада, а за неговиот притвор  не биле водени никакви записи (став 236). Покажувајќи разбирање кон тешкотијата при справувањето со делата на тероризам, Судот сепак истакнал дека „иако истрагата за делата на тероризам несомнено претставува посебен проблем за властите, тоа не значи дека властите имаат carte blanche според членот 5 да апсат сомнителни лица и да ги држат во полициски притвор, ослободени од ефективна контрола на домашните судови, и конечно од контролните институции на Конвенцијата, секогаш кога тие сметаат дека се работи за дела на тероризам” (став 232). Непотврдениот и incommunicado притвор во кој бил држен жалителот во Македонија, особено во „вонредно место за притвор кое е надвор од секаква правна судска рамка, како што во случајот бил хотелот” – што за Судот е целосно неприфатливо да се случува во една држава во која владее правото – претставува „особено тешка повреда на неговото право на слобода и сигурност гарантирани со член 5 од Конвенцијата.” (став 237)
Повикувајќи се на претходна своја јуриспруденција, Судот укажал и на тоа дека „во случај на серија на погрешни дејствија или пропуштања, повредата се проширува на целиот период почнувајќи од првото дејствие и продолжува онолку колку што се повторуваат дејствијата или пропуштањата и тоа е во спротивност со меѓународната обврска за која што станува збор” (став 240).  Оттука, „македонските власти не само што пропуштиле да постапат во согласност со нивната позитивна обврска за заштита на жалителотод притвор спротивен на членот 5 од Конвенцијата, туку тие активно го олесниле неговото подоцнежно притворање во Авганистан со неговото предавање на ЦИА, и покрај фактот што биле свесни или требало да бидат свесни за ризикот од таквиот трансфер. Судот според тоа, смета дека постои одговорност на тужената држава и во поглед на притворот на жалителот помеѓу 23 јануари и 28 мај 2004 година” (став 239).
Член 8 – право на приватен и семеен живот
Со своите дејствија и пропуштања, Република Македонија го повредила и правото на приватен и семеен живот на жалителот. Според членот 8, „секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката”, а јавните власти не смееат артибрено да се мешаат во ова право, туку само по исклучок и само доколку е во согласност со правото и неопходно „во интерес на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба на земјата, за спречување на нереди и криминал, за заштита на здравјето или моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.” Судот смета дека со третманот на жалителот – кој, меѓу другото, бил четири месеци целосно одделно од неговото семејство без тоа воопшто да знае каде е и што му се случува – тужената држава се вмешала во правото на приватен и семеен живот на жалителот на арбитререн начин и истото не било „во согласност со правото”, како што бара член 8 од ЕКЧП (став 249, 250).
Право на ефективен правен лек
Судот на крајот заклучил и дека жалителот бил лишен од правото на ефективно правно средство, предвиден во член 13 од ЕКЧП, за повредата на неговите права според членовите 3, 5 и 8 од Конвенцијата. Имајќи ја предвид сериозноста и иреверзибилната природа на повредите кои би можеле да настанат со прекршување на овие членови, особено на оние за тортура и нечовечко однесување, „поимот на ефективно правно средство според член 13 бара од државата спроведување на независна и ригорозна анализа на тврдењето [на жалителот] дека постојат суштествени основи за страв од реален ризик за постапување спротивно” релевантите членови (особено членот 3) (став 257). „Во случај кога поединецот има основана наводи дека бил малтретиран од страна на агенти на државата, поимот „ефективен правен лек“ вклучува, покрај исплатата на обештетување, и опсежна и ефективна истрага што може да доведе до откривање и казнување на одговорните како и ефективен пристап на жалителот до истражната постапка” (став 255). Истрагата би требала да е темелна, брза, да бидат преземни сите разумни чекори што и се на располагање на државата за да се обезбедат докази (вклучувајќи меѓу другото и изјави на сведоци и судско-медицинско вештачење), да е независна, во практична смисла, од извршната власт и да овозможи ефективно учество на жртвата во истрагата во одредена форма (став 182-185).
Во конкретниот случај, Република Македонија воопшто не постапила на овој начин. Јавното обвинителство на РМ спровело само површна истрага по кривичната пријава на жалителот поднесена во октомври 2008. Истата ја отфрила по два и пол месеци заради наводно немање докази, иако поднесениот доказен материјал на жалителот – која во голема мера се засновал на гореспоменатите меѓународни истраги – бил обемен и „поставил основа за prima facie случај на злоупотреба од страна на органите за безбедност на тужената држава, што укажувало на потребата за истрага” (став 186, 187). Обвинителството одлучило единствено врз информациите, објаснувањата и документите што ги дало Министерството за внатрешни работи, „чии агенти, впрочем и биле осомничени за вклученост во постапувањето со жалителот. Освен барањето информации од МВР, Јавното Обвинителство не презело никакви други истражни мерки за да се испитаат наводите на жалитетот. Ниту го сослушало жалителот и персоналот на хотелот „Скопски Мерак”, ниту пак ги испитало аеродромските записници за причините на слетувањето и полетувањето на авионот со кој бил пренесен жалителот, ниту го утврдиле идентитетот на лицето кое било качено во авионот (став 187, 188). Оттука, Судот заклучил дека „површна истрага која била спроведена во овој случај не може да се смета за ефективна истрага”, со што е повреден членот 13 и процедуралните аспекти на членовите 3, 5 и 8.

Коментар на пресудата
После сите овие утврдени повреди на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, Судот, во согласност со член 41 од Конвенцијата, одлучил дека тужената страна, Република Македонија, треба да му исплати на 60.000 евра парично обештетување на жалителот Калед Ел Масри (став 270). Судот истакнал дека ја има предвид сериозноста на повредите на кои бил изложен жалителот, но не дал објаснување како дошол до таа сума, особено затоа што жалителот, наведувајќи слични случаи во кои национални судови доделувале многу поголеми суми и од онаа која тој ја барал, побарал 300.000 евра обештетување (став 267). Меѓутоа, паричното обештетување е само еден, веројатно помалку битен дел од пресудата. Веројатно многу поголемо значење на пресудата за жртвите на вакви повреди е јавното објавување на вистината. Како што укажуваат повеќе организации кои се занимаваат со практиките на вонредно предавање и торура и нечовечки третман, освен паричното обештетувањето, потребно е да се обезбедат други значајни компоненти на репарација кои имаат долгорочни ресторативни цели, како што се сатисфакција - признавање на повредата, изразување на жалење или формално извинување, гаранции дека истото нема да се повтори и рехабилитација (став 177). Клинички психолози потврдуваат дека јавното објавување на вистината има психолошки бенефити за жртвата. Според Робертсон, „јавното признавање на вистината и соодветното признание преку некои форми на обештетување би можеле да играат интегрална улога во заздравувањето на преживеаниот. Спротивно, доколку вистината остане скриена и сторителите продолжат да шетаат на слобода, тоа би можело да го зголеми чувството на беспомошност на преживеаниот и борбата за остварување на целта и разрешница”(став 177). А вистината во случајот на Калед Ел-Масри, не е само дека бил изложен на груби повреди на неговите човекови права, туку и дека сето тоа е резултат на грешка на американските разузнавачки служби, кои го помешале германскиот државјанин за некое лице со исто[i] или слично[ii] име на неговото.[iii]
Од аспект на меѓународното право, пресудата е значајна затоа што таа е првиот случај пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со кој се осудува практиката на вонредно предавање. После овој случај биле покренати (а некои веќе и завршени) голем број слични случаи и пред ЕСЧП, но и пред Интер-американскиот Суд за човекови права, пред Африканскиот суд за човекови и права на народите и Источно-африканскиот Суд на правдата.[iv] Воедно, пресудата во овој случај е и прв пат било кој меѓународен суд да го окарактеризира како торутра постапување при таквото предавање,[v] со уште еднаш се потврдува апсолутниот карактер и значењето на забраната за тортура во меѓународната заедница. Имајќи предвид дека ЕКЧП е директно инспирирана од Универзалната Декларација за човекови права, а правата пак содржани во Декларацијата се инкорпорирани и во многу други меѓународни документи и договори, пресудата може да послужи и како „упатство за тоа како овие норми да се применуваат во иднина во поглед на програмите за вонредно предавање”.[vi] Конечно, со пресудата уште еднаш се афирмира и правото на вистина, и се посочува на можност од злоупотреба на концептот на „државна тајна” особено кога станува збор за системски политики на тајни притвори, програми за испрашување и предавање, разузнавање, и други практики за кои нема многу информации, а за кои има генерална неказнивост, што секако е спротивно на идејата на владеење на правото и почитување на човековите права. 


[i]  Во еден наврат, еден од адвокатите на Калед Ел-Масри сметал дека САД го помешале неговиот клиент со Калид ел-Масри, лице кое бил осомничен од САД за нападите од 11 септември 2001 година. Don van Natta Jr., Souad Mekhennet, German's Claim of Kidnapping Brings Investigation of U.S. Link, New York Times, 9 January 2005, https://www.nytimes.com/2005/01/09/world/europe/germans-claim-of-kidnapping-brings-investigation-of-us-link.html
[ii] Во друга изјава, одбраната на Ел-Масри посочила дека САД го помешале Калед ел-Масри со Абу Хамза Ал-Масри, кој во 2014 бил осуден по 11 ставки за тероризам во судот во Менхетен. Академик, Ел-Масри против Македонија, 1 Август 2012, https://akademik.mk/sudenje/el-masri-protiv-makedonija/
[iii] САД грешката и ја признала на Германија и тоа на највисоко државно ниво, а потоа и јавно. NBC News, German sues CIA, alleging Torture, 12 June 2005, http://www.nbcnews.com/id/10348907/ns/world_news-terrorism/t/german-sues-cia-alleging-torture/ ; Б. Најт, Н. Домазетовиќ, ЦИА го призна погрешното апсење на Калед Ел-Масри, DW, 12 Јули 2017 https://www.dw.com/mk/%D1%86%D0%B8%D0%B0-%D0%B3%D0%BE-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B7%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B5%D1%88%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%B0%D0%BF%D1%81%D0%B5%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%BA%D0%B0%D0%BB%D0%B5%D0%B4-%D0%B5%D0%BB-%D0%BC%D0%B0%D1%81%D1%80%D0%B8/a-19395125
[iv] Hellen Duffy, The ‘War on Terror’ and the Framework of International Law, Cambridge University Press, 2015, p.838,839.
[v] Marta A. Orpiszewska, El Masri v. Former Yugoslav Republic of Macedonia: Implications for the CIA Extraordinary Rendition Program, North Carolina Journal of International Law and Commercial Regulation, vol.39, no.4, p.1188.
[vi] Ibid, p.1187.

Приказ и коментар на пресудата Ел-Масри против Република Македонија | Justice Observers