Прекршочна одговорност на физичко лице при управување на моторно возило кое не е увезено во Република Северна Македонија

ВОВЕД
Со ова правно мислење се анализира Пресудата на Вишиот управен суд, УПРЖ бр.66/2022 од 13.05.2022 година, која е донесена во постапката по изјавена жалба од страна на жалителката и на Царинската управа на Република Северна Македонија, против Пресудата на Управниот суд на Република Северна Македонија, УПРЦ бр.310/2021, УПРЦ бр.311/2021 од 02.12.2021 година, во делот на прекршочната одговорност на физичко лице при управување на моторно возило за кое не е спроведен увоз во Република Северна Македонија. Пресудата на Вишиот управен суд, ќе биде анализирана од два аспекти и тоа: од аспект на утврдување на прекршочна одговорност и од аспект на начинот и постапката на изрекување на прекршочна мерка при утврдување на прекршочната одговорност.

ФАКТИ НА СЛУЧАЈОТ
На 27 септември 2020 година, жалителката Ф.М. од Скопје, управувајќи патничко моторно возило регистрирано на име на правно лице - рент-а-кар компанија, од Република Србија, а издадено на име на нејзиниот сопруг, била запрена од полициски службеници при вршење на редовна полициска контрола. По извршената полициска контрола на возилото било констатирано дека жалителката не поседувала соодветна документација за возилото, со која можела да ја докаже сопственоста и правото да управува со истото. Притоа, полициските службеници утврдиле и дека жалителката не поседувала документација за докажување на правото да го управува моторното возило на царинското подрачје на Република Северна Македонија, иако знаела или од околностите на случајот морала да знае, дека возилото е предмет на царински прекршок, заради тоа што истото било пуштено во слободен промет. На жалителката и било одземено моторното возило, поради наводна повреда на Царинскиот закон и на 26.10.2020 година, од страна на СВР Куманово до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, било поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка против жалителката. Постапувајќи по Барањето за поведување на прекршочна постапка, Комисијата донела Решение Прк бр.0291/20 од 09.12.2020 година, со кое утврдила дека жалителката сторила прекршок согласно член 265, в.в со член 263, став 3, в.в став 1, точка 8 од Царинскиот закон и и изрекла глоба во износ од 250 (двестапедесет) евра, во денарска противвредност од 15.375,00 денари, и ја задолжила во рок од 8 (осум) дена од правосилноста на решението, да ги плати трошоците на постапката во износ од 250,00 денари. Истовремено, , Комисијата на жалителката и изрекла и задолжително предвидена посебна прекршочна мерка одземање на патничко моторно возило во сопственост на правното лице од Република Србија.

Против Решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, Прк бр.0291/20 од 09.12.2020 година, жалителката поднела тужба до Управниот суд на Република Северна Македонија. Оспорувајќи ја примената на Царинскиот закон во конкретниот случај за моторно возило кое било изнајмено од рент-а-кар компанија, како и легитимацијата на жалителката да биде прекршочно одговорна за царински прекршок, на 25.08.2021 година, Управниот суд на Република Северна Македонија, донел Пресуда УПРЦ бр. 17/2021 година, со која го поништил Решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, Прк бр.0291/20 од 09.12.2020 година. Истовремено, Управниот суд на Република Северна Македонија, утврдил дека во конкретниот случај не постоеле услови за увоз или привремен увоз на моторното возило, бидејќи станувало збор за возило сопственост на рент-а-кар компанија од Република Србија, која била овластена за изнајмување на возила за користење, при што времетраењето на користењето се определувало според барањето и потребите на барателот на услугата и истото било уредено со меѓусебен Договор.

Постапувајќи по Пресудата на Управниот суд на Република Северна Македонија, УПРЦ бр.17/2021 од 25.08.2021 година, Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, донела ново Решение Прк бр.0291/20, Бр.28-058461/20-00021 од 27.09.2021 година, со кое повторно утврдила дека жалителката сторила царински прекршок, согласно член 265, в.в. со член 263, став 3, в.в. став 1, точка 8 од Царинскиот закон и и изрекла идентична прекршочна санкција и прекршочна мерка.
Против Решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, Прк.бр.0291/20, Бр. 28-058461/20-00021 од 27.09.2021 година, жалителката повторно поднела тужба до Управниот суд на Република Северна Македонија, кој на 03.12.2021 година, донел Пресуда УПРЦ бр.310/2021, УПРЦ бр. 311/2021, со кое тужбата делумно ја уважил, оспореното решение во делот на изречената прекршочна мерка одземање на предмети-патничко моторно возило и во став 2 од диспозитивот на решението, ја преиначил, на начин што одлучили дека  патничко моторно возило кое на 27.09.2020 година. било привремено одземено,се враќа на жалителката. Во останатиот дел, Управниот суд на Република Северна Македонија, постапил целосно спротивно на судската пракса која ја востановил со Пресудата УПРЦ бр.17/2021 од 25.08.2021 година, на начин што во преостанатиот дел, односно во делот на сторениот царински прекршок, Решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, ПРК бр.0291/20, бр.28-058461/20-00021 од 27.09.2021 година, останало неизменето.

Незадоволна од Пресудата на Управниот суд на Република Северна Македонија, УПРЦ бр.310/2021 и УПРЦ бр.311/2021 од 02.12.2021 година, жалителката поднела жалба до Вишиот управен суд на Република Северна Македонија. Истовремено, жалба била поднесена и од страна на Царинската управа на Република Северна Македонија. Жалителката ја оспорила Пресудата на Управниот суд на Република Северна Македонија, УПРЦ бр.310/2021, УПРЦ бр.311/2021 од 02.12.2021 година,  поради тоа што сметала дека не е прекршочно одговорна за сторен царински прекршок, туку за непоседување на полномошно за управување на предметното моторно возило, односно дека има одговорност согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, како и дека моторното возило не можело да биде предмет на царинска постапка, бидејќи со договор било изнајмено од рент-а-кар компанија од Република Србија.    

По доставување на одговори на жалбите од страна жалителката и на Царинската управа на РСМ, Вишиот управен суд  донел Пресуда УПРЖ бр.66/2022 од 13.05.2022 година, со која ја уважил жалбата на жалителката,  Пресудата на Управниот суд на Република Северна Македонија, УПРЦ.бр.310/2021, УПРЦ.бр.311/2021 од 02.12.2021 година, ја преиначил, одлучил дека тужбата на жалителката се уважува и Решението на Царинската управа на Република Северна Македонија, Прк бр.0291/20, Бр. 28-058461/20-00021 од 27.09.2021 година, го поништил. Истовремено, Вишиот управен суд, ја одбил како неоснована жалбата која била изјавена од страна на Царинската управа на Република Северна Македонија.

Во образложението на Пресудата УПРЖ бр.66/2022 од 13.05.2022 година, Вишиот управен суд навел дека во конкретниот случај фактичка состојба била нецелосно  утврдена и тоа како од страна на судот така и од страна на прекршочниот орган, поради што останало отворено прашањето дали жалителката го сторила прекршокот кој и се става на товар, затоа што истата го управувала возилото кое нејзиниот сопруг го изнајмил од рента- кар компанија од Република Србија. Оттука, Вишиот управен суд, навел дека во случајот не постојат услови за увоз или привремен увоз, бидејќи станувало збор за возило сопственост на рент-а кар компанија од Република Србија, овластена за изнајмување на возила за користење, при што времетраењето на користењето се определувало според барањето и потребите на барателот на услугата и истото се уредувало со меѓусебен договор. Предвид наведеното, Вишиот управен суд сметал дека во конкретниот случај погрешно бил применет членот 265 од Царинскиот закон затоа што жалителката не го купила, продала, распродала, добила на подарок, прикрила, примила на чување или на превоз, чувала, користела или добила во сопственост возилото, туку со своето дејствие неовластено го управувала возилото без соодветно полномошно, кое дејствие можело да биде прекршок според друг Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Во делот на изречената прекршочна мерка, имајќи предвид го фактот дека предмет на управен спор било Решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Северна Македонија, Прк.бр.0291/20, Бр.28-058461/20-0021 од 27.09.2021 година, кое се поништува во целост, а во истото решение во ставот II била содржана и одлуката за одземање на патничкото моторно возило на име на правното лице од Република Србија, како и фактот што жалителката не била сторител на прекршокот кој и се ставал на товар, Вишиот управен суд  утврдил дека не може да биде изречена и прекршочната мерка - одземање на возило предмет на сторениот прекршок, односно дека истата била беспредметна. Сепак, Вишиот управен суд утврдил дека жалбениот навод на Царинската управа во делот на законитоста на прекршочната мерка, бил неоснован, со образложение дека одземањето на возилото било спротивно на членот 71 од Законот за прекршоци, бидејќи барањето за поведување на прекршочна постапка било поднесено по истекот од 15 дена од денот на привременото одземање на возилото.

Оттука, Вишиот управен суд нашол дека има потреба од повторно одлучување во однос на прекршочната одговорност на жалителката и му дал напатствија на тужениот орган дека во повторната постапка треба да ги има предвид укажувањата дадени во пресудата и да утврди дали жалителката е сторителка на прекршокот кој и се става на товар, односно дали со опишаното дејствие на сторителката е исполнето законското битие на прекршок кој е утврден со Царинскиот закон.

ПРАВО

При донесување на Пресудата УПРЖ бр.66/2022 од 13.05.2022 година, Вишиот управен суд ги применил одредбите на Царинскиот закон, Законот за прекршоци и Кривичниот законик.

Согласно член 91, став 1 од Царинскиот закон ("Службен весник на Република Македонија" бр.39/2005, 4/08, 48/10, 158/10, 44/11, 53/11, 11/12, 171/12, 187/13, 15/15, 129/15, 154/15, 192/15, 23/16 и 144/2018) предвидено е дека: "Со пуштање во слободен промет странската стока добива статус на домашна стока.", додека согласно став 2 предвидено е дека: "За да се пушти стоката во слободен промет, треба да се применат мерките на трговска политика, да се завршат другите формалности пропишани за увоз на стока и за плаќање на сите давачки пропишани со царински и други прописи.".

Согласно член 265 од Царинскиот закон, предвидено е дека: "На правно лице или трговец поединец, одговорното лице во правното лице или во трговец поединец или на физичко лице, кое ќе купи, продаде, распродаде, добие на подарок, прикрива, прими на чување или на превоз, чува, користи или добие во сопственост врз која било основа стока за која знае или според околностите на случајот морал да знае дека со тоа бил направен прекршок од членовите 263, 263-а или 264 на овој закон, доколку сторителот извршил некое од дејствијата од членовите 263, 263-а или 264 на овој закон, му се изрекува глоба која со членовите 263, 263-а или 264 на овој закон се изрекува на сторителот.".

Согласно член 267, став 1 од Царинскиот закон, предвидено е дека: "Стоката која е предмет на прекршок од членовите 263 и 265 во врска со членот 263 од овој закон, се одзема.", додека согласно став 5 предвидено е дека: "Ако стоката која е предмет на прекршок не се пронајде од сторителот на прекршокот се наплатува нејзината вредност.".

Согласно член 1 од Законот за прекршоците ("Службен весник на Република Македонија" бр.96/19), предвидено е дека: "Со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишуваат прекршочните постапки.", додека согласно член 2, став 1 предвидено е дека: "За прекршокот и прекршочната одговорност соодветно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик.".

Согласно член 3, став 1 од Кривичниот законик ("Службен весник на Република Македонија" бр.37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/04, 81/05, 60/06, 73/06, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15, 97/17 и 248/18), предвидено е дека: "Врз сторителот на кривично дело се применува законот што важел во времето на извршувањето на кривичното дело.", додека согласно став 2, предвидено е дека: "Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот.".

АНАЛИЗА НА ПРЕСУДАТА
Вишиот управен суд со донесување на Пресудата УПРЖ бр.66/2022 од 13.05.2022 година, јасно и на недвосмислен начин воспоставува позитивна судска пракса во прекршочно-правната област во однос на три аспекти.

Првиот аспект е правното стојалиште на Вишиот управен суд кој се однесува на примена на Царинскиот закон. Имено, согласно Вишиот управен суд, моторно возило кое се користи од страна на физичко или правно лице врз основа на склучен договор за изнајмување од рент-а-кар компанија од странска земја не може да биде предмет на царинење од страна на Царинската управа на Република Северна Македонија. Со ова правно стојалиште, Вишиот управен суд го потврдува и правното стојалиште на Управниот суд на Република Северна Македонија,  изразено во Пресудата УПРЦ бр.17/2021 од 25.08.2021 година.

Вториот аспект е правното стојалиште на Вишиот управен суд кое се однесува за утврдување на прекршочна одговорност. Имено, Вишиот управен суд со оваа пресуда утврдил дека физичко лице кое неовластено управува со моторно возило кое е изнајмено од странска рент-а-кар компанија, не може да биде прекршочно гонето за сторен прекршок согласно Царинскиот закон туку може евентуално да биде прекршочно гонето за сторување на прекршок поради неовластено управување со моторно возило согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.   

И третиот аспект е правното стојалиште кое се однесува на примената на Законот за прекршоците во делот на изрекување на прекршочна мерка - одземање на предмети во прекршочна постапка. Имено, Вишиот управен суд со оваа пресуда всушност ја потврдил својата пракса изразена во Пресудата УПРЖ бр.331/2019 од 18.09.2019 година, која јасно и недвосмислено укажува дека овластените службени лица кои привремено ќе одземат предмети се должни во рок од 15 дена од денот на одземањето на истите, да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочниот орган и да го известат за извршеното привремено одземање на предметите. Доколку овластените службени лица не поднесат барање за поведување на прекршочна постапка во законски предвидениот рок од 15 дена, судот односно прекршочниот орган врз основа на поднесено барање од лицето од кое сеодземени предметите ќе донесе одлука за враќање на предметите. Оттука, Вишиот управен суд по утврдувањето од страна на Управниот суд на Република Северна Македонија, дека СВР Куманово поднело барање за поведување на прекршочна постапка по изминување на 15 дена од заплената на моторното возило, утврдил дека надлежниот орган бил должен одземеното возило да го врати на жалителката.
Прекршочна одговорност на физичко лице при управување на моторно возило кое не е увезено во Република Северна Македонија | Justice Observers