Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице

Предмет на анализата:
1. Пресуда У-4.бр.538/2019 од 03.10.2019 на Управниот суд, со којa тужбата против решението број 10-2088/2019 од 07.06.2019 на Министерство за труд и социјална политика – МСТП се уважува, решението се поништува и предметот се враќа на повторно одлучување;
2. Пресуда У4. бр. 436/2020 од 15.02.2021 година на Управен суд со која тужбата против решението бр. 10-2088/2019 од 11.09.2020 година на МТСП се уважува, решението се поништува, предметот се враќа на повторно одлучување и се задолжува тужениот орган да донесе поединечен управен акт во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.
Опис на случајот:
Лицето Д.Р. од Скопје се соочуваа со низа сериозни здравствени проблеми. Од  2016 година започнува да го остварува правото на надоместок за помош и нега од друго лице одобрено со решение број 3728 УП1/353/16 од 20.10.2016 година на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа (ЈУМЦСР) Скопје – Центар.  Во решението е наведена обврска за лицето да направи контролен преглед по 24 месеци.
По истекот на 24 месеци, а по поднесено ново барање за продолжување на правото, Д.Р. примила ново решение бр. 3728-УП1/812 од 21.05.2019 година на ЈУМЦСР Скопје Центар. Со ова решение престанува правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, во чие образложение е наведено дека според наод, оценка и мислење за потребата од помош и нега од друго лице на Стручната комисија бр.1104-23270/2 од 06.11.2018 година не се исполнети условите согласно Законот за социјална заштита.
Д.Р. во законски предвиден рок поднела жалба до МТСП. Решавајќи по жалбата, МТСП носи решение бр. 10-2088/2019 од 07.06.2019 со кое жалбата ја одбива како неоснована и оспореното решението го потврдува. Во решението на МТСП е наведено дека е донесено разгледувајќи ги списите во предметот, приложената медицинска документација и врз основа на наодот, оцената и мислењето за потребата од помош и нега на Второстепената комисија.  
Назодоволна од ваквото решение Д.Р. повела управен спор пред Управниот суд. На ден 03.10.2022, Управниот суд донел пресуда У-4,бр.538/2019 со која тужбата ја уважува, оспореното решение на МТСП го поништува и предеметот го враќа на повторно одлучување. Со пресудата, судот смета дека органите незаконито ја спровеле постапката, а на таа основа неправилно и нецелосно ја утврдиле фактичката состојба и донеле незаконита одлука. Ваквиот став судот го заснова на утврдени повреди на процесни правила, од причина што Наодот на стручната комисија е изготвен врз основа на медицинска документација, а не и преку непосреден преглед утврден во член 11 од Правилникот за начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како задолжителен. Судот смета дека без непосредниот преглед, стручната комисија не дала доволно образложение во што е подобрена здравствената состојба на тужителката за да нема потреба од туѓа нега. Судот констатирал дека во решението во делот на збирни резултати од прегледот и испитувањата, тужениот само ги цитирал бројот на специјалистички извештаи, а не ги земал предвид дијагнозата и фактот дека Д.Р е старо лице, со два мозочни удари, со нестабилен од, нарушена рамнотежа, неможност самостојно да се движи, со изразени болки во мускулите и зглобовите, со отежнат и неразбирлив говор и потреба од помош при изведување секојдневни потреби.
Дополнително, судот констатирал контрадикторност помеѓу диспозитивот и образложението на првостепеното решение, оценувајќи ја изреката како нејасна. Причината за ова, судот ја наоѓа во фактот што во став 1 од решението е наведено дека престанува правото, додека во став 2 е наведено дека престанува да важи решение без број и датум поради немање претходна обнова пред Центарот.
Судот дава насоки дека во повторената постапка органите се должни да извршат непосреден преглед врз тужителот и јасно и недвосмислено да ја образложат здравствената состојба на тужителката.
Според насоките на Управен суд постапило Министерството за труд и социјална политика со решение број 10-2088/2019 од 30.10.2019 година. Со ова решение, министерството ја уважило жалбата на Д.Р, го поништило решението број 3728-УП1/812 од 21.05.2019 на ЈУМЦСР Скопје, а предметот го вратило на повторно разгледување и одлучување на првостепениот орган со насока да постапи според укажувањата на Управниот суд.
Во повторна постапка пред надлежниот ЦСР, донесено е решение бр.3728-УП1/812/1 од 07.07.2020 година. Во изреката на ова решение е наведено дека со денот на влегување на сила на ова решение, престанува да важи решението бр.3728/УП1/812 од 21.05.2019 година , како и дека ова решение ќе се применува од 28.09.2018 година односно ретроактивно. Решението е донесено врз основа на Наод, оцена и мислење за потребата за помош и нега од друго лице на Стручната комисија со бр.1-1085/20 од 10.06.2020 година, во кој наод, а врз основа на приложената документација, комисијата потврдила дека нема потреба од помош и нега од друго лице со забелешка да се достави нова документација.
Д.Р повторно поднела жалба до МТСП, во која доставила доказна документација за нејзината здравствена состојба особено за нејзината тешка телесна попреченост, со докажување дека од моментот кога и одобрено правото, здравствена состојба воопшто не е променета, туку напротив, е многу повеќе влошена. Во жалбата е наведено дека Стручната комисија наодот повторно го донела врз основа на приложена документација, а не и спроведен непосреден контролен преглед. 
На ден 11.09.2020 година, МТСП постапило по жалбата и донело Решение бр. 10-2088/2019 со кое ја одбил жалбата како неоснована, а оспореното решение на надлежниот ЦСР е потврдено.
На ваквото решение, ДР повела постапка пред Управниот суд. На ден 15.02.2021 година Управниот суд ја донел Пресудата У4 бр. 436/2022 со која тужбата се уважува, решението се поништува, предметот се враќа на повторно одлучување и се задолжува тужениот орган да донесе поединечен управен акт во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.
Судот го зел предвид член 60 став 3 и 5 од Законот за управните спорови, согласно кој кога судот ќе поништи акт против кој бил поведен управен спор предметот се враќа во состојба во која се наоѓал пред да е донесен поништениот акт. Со тоа, судот укажува дека тужениот орган е врзан со правното мислење на судот, во однос на примената на материјалното право и за неговите ставови кои се однесуваат на постапката дадени во пресудата и по правосилноста на оваа пресуда по истите да постапи токму во таа насока. Судот укажал на потребата при повторното одлучување тужениот, да ги има предвид сите посочени одредби од ЗОУП (член 10), Закон за социјална заштита (член 48 и 49), Правилникот за начинот за остварување на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице (член 10),  како и укажувањата на Управниот суд. Особено, судот дал насока да се утврди фактот дали во конкретниов случај се остварени условите за остварувањето на правото, како и да се изврши непосреден преглед на тужителката, да се преоценат доказите, а со цел да се донесе правилна и законита одлука.
По приемот на оваа пресуда, првостепениот орган - ЦСР ја увидел грешката која ја повторува во претходните две постапки и носи решение со кое и се признава правото на користење на паричен надоместок за помош и нега од друго лице. Но, при носењето на ваквото решение, првостепениот орган повторно не ги следи насоките на Управниот суд и повторно не е извршен непосреден предглед на барателката согласно насоките во пресудата на Управниот суд на РСМ за да се утврди нејзината здравствена состојба, туку решението е донесено само врз основа на медицинската документација, која е доставувана и во сите претходни барања и жалби.



Заклучок и значење на пресудите:
Пресудите на Управниот суд се од суштинско значење  бидејќи не само што правилно го насочува органот за донесување на законита одлука со правилна примена на материјалното право и утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, туку и дава упатство за секое идно или слично постапување од центрите за социјална работа кога одлучуваат по барања за социјални парични права.  
Од аспект на специфичноста на случајот што може да се преслика и во други предмети, потенцирано е повеќекратното донесување решенија од првостепениот и второстепениот орган  без воопшто да ја утврдат фактичката состојба и истите имаат низа на пропусти во самите акти и процедури, што е директно на штета на ранливо лице кое неправилно и незаконски го оставаат без социјална заштита три години. Упрвниот суд во двете пресуди утврдува повреди на постапката и ги насочува правилно кон целосно утврдување на  фактичката состојба, кое е едно од основните начела на законита одлука. Дискуталбилно е што органот и по овие насоки, последната одука со која се одобрува барањето, ја носи без извршен непосреден преглед.  Преку овие пресуди на Уравниот суд конечно се расчистува дилемата дали е законско или не проценка на правото само врз основа на документација, а не и врз основа на непосреден преглед од кој јасно и целосно би се опишала здравствена состојба.
Од аспект на ценење на доказите, значењето на овие пресуди се огледа и во спроведените јавни расправи на Управниот суд, според кои се дава упатство за спроведување и третман на начелото на слободна оценка на доказите. Постапувањето на судот, особено неговиот третман на ценење на секој доказ поединечно и понатаму на нивно ценење во меѓусебна поврзаност, се посочува пример и упатство за правилно и целосно утврдување на фактичката состојба. Уште повеќе,  преку спроведување на јавните расправи, Судот, прави непосреден увид во личноста на тужителот, присутна на денот на расправата, и ги утврдува сите законски елементи и предуслови според кои тужениот требало да се води за да го одобри правото.
Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице | Justice Observers