Правно мислење за актите поврзани со случајот за азил од лицето Хинд Алболооки од Дубаи, Обединетите Арапски Емирати
Анализа на проф. д-р Борче Давитковски на пресуди на Управниот суд и Вишиот управен суд поврзни со предметот Хинд Алболооки.
ФАКТИЧКА СОСТОЈБА
Хинд Алболооки од Дубаи, Обединетите Арапски Емирати поднела барање до Министерството за внатрешни работи, Сектор за азил за
добивање на азил. Секторот за азил на 02.11.2018 закажал и одржал разговор со подносителката.
Подносителката на повеќе наврати престојувала во
Република Македонија и тоа на 06.05.2018, 01.09.2018 и 04.10.2018.
По извршениот увид во документацијата и одржаниот
разговор, а врз основа на членот 5 и член 9 од Законот за меѓународна и
привремена заштита (Службен весник бр. 64/18), началникот на Секторот за азил
со Решение бр. 12.3-83436/8 од 07.11.2018 година го одбил барањето за признавање
на азил во Република Македонија на именуваната.
Именуваната преку свој полномошник, адвокат од
Скопје, покренала постапка пред Управниот суд за оценка на законитоста на
веќеспоменатото решение.
Управниот суд со своја Пресуда У-6. бр. 658/2018
ја одбива тужбата како неоснована со образложение исто како во оптуженото
решение, односно согласно член 5 и членот 9 од Законот за меѓународна и
привремена заштита.
Незадоволна од оваа пресуда именуваната преку
полномошник, адвокат од Скопје, ја обжалува оваа пресуда до Вишиот управен суд
кој со своја пресуда од 31.01.2019 година жалбата на тужителката ја одбива како
неоснована од истите причини како и во првостепеното решение и пресудата (член
5 и член 9 од Законот за меѓународна и привремена заштита).
ПРАВО
Би требало да се истакнат двата клучни члена од
Законот за меѓународна и привремена заштита. Така, во членот 5 е предвидено:
„лице со статус на бегалец е странец за кој по испитување на неговото барање му
се признава статус на бегалец и за кое е утврдено дека ги исполнува условите
определени со Женевската конвенција, односно лице кое поради оправдан страв
дека ќе биде прогонето заради својата раса, вера, националност, припадност на
одредена социјална група или поради своето политичко уверување, е надвор од
државата чиј државјанин е и не може, или поради таков страв, не сака да биде
под заштита на таа држава или кое доколку е без државјанство е надвор од
државата во која имало вообичаено место на престој, не може или поради таков
страв не сака да се врати во неа“. Во членот 9, пак, е предвидено: „Лице под
супсидијарна заштита е стране кој не се квалификува како лице со статус на
бегалец, а на кој Република Македонија ќе му признае право на азил и ќе дозволи
да остане во рамките на нејзината територија, бидејќи постојат причини да се
верува, дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, или доколку е лице
без државјанство, во својата држава на претходен вообичаен престој, ќе се соочи
со реален ризик од претрпување на сериозни повреди. Сериозни повреди се смртна
казна или егзекуција, тортура или нечовечно или деградирачко постапување или
казнување или сериозни и индивидуални закани по животот или личноста на цивилно
лице, по пат на недискриминаторско насилство, во ситуација на меѓународен или
внатрешен вооружен конфликт“.
Анализа
на постапување на управните судови
Доколку се споредат датите кога е донесен
управниот акт и двете пресуди на Управниот и Вишиот управен суд ќе може да се заклучи
дека се работи за исклучително ажурни и експедитивни органи, односно целокупната
постапка е завршена за нецели три месеци. Доколку, се има предвид ажурноста на
Управниот суд кој предметите во 2017 година ги решавал во просек за 254,7 дена
и Вишиот управен суд кој за истата година предметите ги решавал за 61 ден[1] зачудува нивната експедитивност и ажурност во овој предмет.
Се добива впечаток како органот на управата и
судовите да работат координирано со цел што побргу именуваната да биде
експедирана од нашата држава.
Доколку се споредат образложенијата на решението и
на пресудите на Управниот и Вишиот управен суд, ќе се констатира идентичност на
правните основи за одбивањето на барањето за признавање на азил, односно членот
5 и 9 од Законот за меѓународна и привремена помош.
Имено, се добива впечаток дека ниту органот на
управата (Сектор за азил при Министерството за внатрешни работи) ниту советите
во Управниот и Вишиот управен суд не се обиделе да ја утврдат вистинската
фактичка состојба, односно не се обиделе да ги истражат и утврдат причините на
именуваната за барање на азил. Тие секако требало да претпостават и да утврдат
што ќе се случи во нејзината матична држава кога ќе дознаат дека именуваната
барала азил, а особено нејзиниот сопруг и татко. Од нејзината апликација може
да се заклучи дека таа сигурно ќе претрпи трауми дури и по цена на нејзиниот
живот доколку не ѝ се одобри правото на азил.
Органите кои учествувале во оваа постапка
(Министерството за внатрешни работи и судовите) морале да ги испитаат нејзините
наводи и, како што и законот предвидува, доколку тие се точни требало да
постапат така што ќе ѝ доделат право на азил во Република Македонија.[2]
ЗАКЛУЧОЦИ
Основен правен заклучок од анализата на овие три одлуки
е дека изостанува квалитетот на одлучувањето на органите, односно ниту
првостепениот орган (МВР) ниту Управниот и Вишиот управен суд не се обиделе да
ја утврдат вистинската фактичка состојба односно не се потрудиле да ги испитаат
причините на подносителката за барање на азил коишто се од круцијално значење
за носењето на решението и пресудите. Органите морале поаналитички да ги
испитаат причините и соодветно на тоа да го применат законот за азил.
Доколку именуваната покрене постапка пред Судот за
човекови права во Стразбур, мислам дека истиот, иако не го прифаќа членот 6 од
Европската конвенција за човекови права во поглед на барателите на азил, сепак
од истата ќе утврди дека со овие акти се извршени повреди на:
член 2, параграф 1 (правото на живот)
член 2, протокол 4 (правото на слобода на движење и правото на напуштање на било која држава)
член 3 каде што се предвидени условите за задржување – сместување во прифатни центри за странци
член 5 (немање на ефективен правен лек за заштита) и
член 13 (право на ефективен правен лек – процедурални гаранции).
Со носењето на овие акти Република Македонија може
да биде предмет на овој Суд и да биде утврдено дека извршила повреда на
одредбите на Европската конвенција за човековите права.
[1] Функционална анализа на капацитетите на управното судство во Република
Македонија од 31.08.2018 година.
[2] Синхронизацијата помеѓу Секторот за азил во МВР и судовите може да се види и од
Решението од 07.12.2018, потпишано од Министерот за внатрешни работи, со кое се
изрекува мерка сместување во прифатен центар за странци, поради заштита на јавниот
ред или националната безбедност во период од три месеци. Која национална
безбедност Република Македонија ќе ја штити кога истиот орган утврдил дека
именуваната доброволно престојувала три пати во 2018 година во Република
Македонија? Иако против ова решение е поднесена тужба, сепак Управниот суд не е
толку брз и ефикасен како во претходното решение за одбивање на азил?!
