Права на жртвите на трговија со луѓе во судските постапки

ВОВЕД
До пред околу две децении, во рамки на кривично-процесната материја, главниот фокус беше ставен на правата на одбраната, додека правата на жртвата не беа доволно акцентирани. Денес тоа повеќе не е случај. Имено, покрај правата на одбраната, фокусот сè повеќе се насочува и кон правата на жртвата во кривичната постапка и зајакнување на механизмите за заштита на жртвата, вклучително и жртвите на трговија со луѓе.
Во оваа смисла, текстот ја анализира Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр. 86/19 од 12.03.2020 година, потврдена со Пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр. 49/20 од 05.10.2020 година, која инволвира кривично дело „Трговија со дете“, при што главен предмет на анализа се процесните права на жртвата и  нејзиниот пристап до правда. Истата ќе биде елаборирана низ призмата на меѓународните правила и стандарди, имајќи ја особено предвид Конвенцијата за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа, како најзначаен документ за борба против трговија со луѓе на европско ниво, чиј главен фокус е заштита на правата на жртвите. Целта е да се укаже на развојот на позитивна домашна судска практика, во контекст на заштита на правата на жртвите на трговија со луѓе во судските постапки.

РЕЗИМЕ НА ФАКТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
Во првата половина од месец април 2019 година, обвинетиот С.О., кој сакал да се ожени со оштетената-детото С.Ј., иако знаел за возраста на детото, ја купил оштетената од нејзиниот братучед С.С.-детето во судир со закон над 16 години за износ од 1.600,00 евра, врз основа на претходен договор меѓу обвинетиот С.О. и братучедот С.С.-детето во судир со законот над 16 години за присилен брак помеѓу малолетното дете и обвинетиот С.О. Имено, откако го договориле присилниот брак, на 17.04.2019 година детето во судир со закон над 16 години, С.С., дошол во домот на оштетената-детето С.Ј., и ја повикал на прошетка и кафе, со оглед дека како братучеди често се дружеле. Детето С.Ј. се согласило, па со мотор управуван од детето во судир со закон над 16 години, се довезле во шумски предел на локација надвор од локален пат, каде обвинетиот С.О., согласно на претходниот договор, скриен во околната шума чекал да пристигнат.
Во моментот кога пристигнале, детето во судир со закон над 16 години застанал со моторот, па додека оштетената сè уште била на задното седиште од моторот, обвинетиот во погоден момент од зад грб ѝ се приближил, со едната рака ја фатил за устата за да ја спречи да вика, а со другата рака ѝ го земал мобилниот телефон, кој детето го држело во рака. Детото пружило отпор, но обвинетиот ја фатил за половината, присилно ја симнал од моторот и ја фрлил на земја, по што на детето во судир со закон над 16 години му платил 1.600,00 евра. Потоа детето во судир со закон над 16 години си заминало, иако неговата братучетка-детето С.Ј. викала по него за помош. Откако детето во судир со закон над 16 години си заминало, обвинетиот, со намера да ја присили на брак, се обидел во околната шума во три наврати да изврши обљуба врз детето, на што таа се спротиставила. Потоа обвинетиот почнал да ја влече држејќи ја за коса и така се движеле низ шумата, при што сакајќи да побегне паднала на земја и си го повредила коленото.
Со оглед дека обвинетиот не успеал да изврши обљуба врз детето, вербално ѝ се заканил дека тоа ќе го стори во неговиот дом, за таа да стане негова жена, па со таа цел му се јавил на сведокот И.П., нерегистриран такси превозник, со кој се договорил да дојде да ги земе и да ги превезе до неговиот дом. Додека патувале, детето побарало вода и обвинетиот побарал сведокот И.П. да застане, по што влегол во продавница да купи вода. Користејќи го моментот на отсуство на обвинетиот, детето успеало да ја отвори вратата од возилото и со трчање се упатила кон куќата на нејзин роднина, од каде што се јавила на нејзиниот брат. Нејзиниот брат дошол да ја земе заедно со нивниот чичко, по што се упатиле во полициска станица каде го пријавиле настанот.
Првостепениот суд го осудил обвинетиот С.О. на казна затвор во траење од 4 (четири) години, со оглед дека со погоре опишаните дејствија сторил кривично дело „Трговија со дете“ од член 418-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Исто така, делумно го усвоил предјавеното имотно-правно барање за надомест на нематеријална штета на оштетеното дете-жртва С.Ј., поднесено преку нејзиниот полномошник-адвокат, при што го задолжил обвинетиот С.О. да ѝ плати на оштетеното дете-жртва вкупен износ од 300.000,00 денари на име справедлив паричен надомест на нематеријална штета од повреда на нејзините лични праа на телесно и душевно здравје. Во спротивно, судот определил наплатата на имотно-правното барање да се изврши од парите во износ од 24.800,00 евра што од обвинетиот биле привремено одземени. Обвинетиот бил задолжен да ги надомести и трошоците на постапката за награда и нужни издатоци на полномошникот-адвокат на оштетеното дете. Второстепениот суд ја потврдил пресудата на првостепениот суд.

РЕЛЕВАНТНА МЕЃУНАРОДНА ПРАВНА РАМКА ЗА ПРАВАТА НА ЖРТВИТЕ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ
Најзначаен меѓународен документ за борба против трговија со луѓе е Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговија со луѓе, особено жени и деца[1], усвоен од страна на Организацијата на Обединетите Нации (ООН) во 2000 година (попознат како: Протокол на ООН за трговија со луѓе или Протокол од Палермо). Овој Протокол претставува дополнување на Конвенцијата против транснационален организиран криминал[2], донесена од страна на ООН во 2000 година. Република Северна Македонија ги ратификуваше Конвенцијата против транснационален организиран криминал  и Протоколот од Палермо на 12 јануари 2005 година.
Протоколот од Палермо предвидува дефиниција на трговијата со луѓе, која оттогаш станува меѓународно прифатен стандард. Така, според член 3 од Протоколот, дефиницијата на трговијата со луѓе е следна: „регрутирање, превезување, пренос, засолнување или прифаќање на лица, по пат на закана, или со употреба на сила, или други форми на присилба, или грабнување, или измама, или залажување, или со злоупотреба на моќ или состојба на немоќ или со давање или примање пари или корист за да се добие согласност на лице кои има контрола над друго лице, заради експлоатација.“ Притоа, експлоатацијата, во најмала мерка, вклучува: „експлоатација на проституција на други лица или други форми на сексуална експлоатација, принудна работа или услуги, ропство или практики слични на ропството, слугување или отстранувањето на органи“, додека согласноста на жртвата е ирелевантна за постоење на кривично дело кога било кое од средствата, односно начините претходно наведени во дефиницијата, биле користени. Што се однесува до трговијата со деца, овој Протокол предвидува дека регрутирање, превезување, пренос, засолнување или прифаќање на дете заради ескплоатација ќе се смета за трговија со луѓе, дури и во случај кога тоа не вклучува ниту едно од средствата, односно начините на извршување на овие дејствија, кои се предвидени во претходно споменатата дефиниција на трговијата со луѓе. Истовремено, Протоколот од Палермо воспоставува и рамка во однос на заштитата на жртвата.
Најзначаен документ за борба против трговија со луѓе на регионално, односно европско ниво, е Конвенцијата за акција против трговија со луѓе,[3] донесена од страна на Советот на Европа во 2005 година. Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе на 27 мај 2009 година, а на 1 септември 2009 година Конвенцијата влезе во сила. Дефиницијата за трговијата со луѓе која е предвидена со Протоколот од Палермо е скоро пресликана во член 4 на оваа Конвенција. Притоа, членот 1 од Конвенцијата вклучува пристап базиран на човекови права во трговијата со луѓе. Исто така, оваа Конвенција, за разлика од Протоколот од Палермо, освен справување со транснационалниот организиран криминал, вклучува и стандарди за справување со внатрешната трговија со луѓе и трговијата што не вклучува организирана криминална група. Сепак, главниот фокус на Конвенцијата е заштитата на правата на жртвите и нивната целокупна благосостојба.[4]
Во контекст на правата на жртвите на трговија со луѓе во судските постапки, особено треба да се имаат предвид неколку одредби од Коневенцијата за акција против борба за трговија со луѓе на Советот на Европа. Според Конвенцијата, секоја држава договорничка на жртвите треба да им обезбеди помош за да се овозможи нивните права и интереси да бидат презентирани и разгледани во соодветни фази на кривичната постапка против сторителите.[5] Исто така, на жртвите треба да им биде обезбедено правото на правна помош и бесплатна правна помош,[6] како и правото на надомест на штета од сторителите.[7] Понатаму, во согласност со Европската конвенција за човекови права, особено член 6, во текот на судската постапка треба да се обезбеди заштита на приватниот живот и, каде што соодветно, идентитетот на жртвите, како и на нивната безбедност, а доколку се работи за деца-жртви, треба особено да се води грижа за потребите на децата и обезбедување на нивното право на посебни мерки на заштита.[8]

АНАЛИЗА НА ПРЕСУДАТА ОД АСПЕКТ НА СТЕПЕНОТ НА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ЖРТВАТА
Фактот што жртвата на кривичното дело во овој случај претставува особено ранлива категорија жртва, односно дете, наложува постапување со особена грижа и внимание со цел заштита на интересите на детето. Во оваа смисла, судот, имајќи го предвид предметното кривично дело и субјектот на заштита-детето жртва, во согласност со член 354 и 356 од Законот за кривична постапка,[9] а во врска со одребите од член 54 став 2 во врска со став 4 точка 2 од Законот за кривична постапка, како и во согласност со одредбите од член 147 став 1 алинеја 1, 4, 5, 6, 8 и 10 од Законот за правда на децата,[10] донел решение да се исклучи јавноста во целиот тек на главната расправа, пред сè заради заштита на приватниот живот и интересите на детето-жртва.
Понатаму, во овој случај, кривичниот суд делумно го усвоил имотно-правното барање поднесено од адвокатот на жртвата, при што обвинетиот е задолжен да ѝ плати на оштетеното дете-жртва вкупен износ од 300.000,00 денари на име справедлив паричен надомест на нематеријална штета од повреда на нејзините лични права на телесно и душевно здравје. Имено, за предјавеното оштетно побарување жртвата не е упатена на граѓански спор-парница, како што е вообичаената практика во слични предмети. Уште повеќе, направен е напор за да се обезбеди извршувањето на одлуката за имотно-правното побарување, што исто така не претставува вообичаена практика. Во оваа смисла, судот определил дека доколку обвинетиот не го плати имотно-правното побарување во определен рок, наплатата ќе се изврши од парите во вкупен износ од 24.800,00 евра што на обвинетиот му биле привремено одземени во текот на претрес во неговиот дом од страна на Министерството за внатрешни работи и биле предадени во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Исто така, судот определил по извршувањето на одлуката во овој дел, преостанатиот износ од вкупно одземените пари од 24.800,00 евра да му се врати на обвинетиот, со оглед на тоа што судот утврдил дека тие не се предмети кои потекнуваат од кривичното дело, ниту пак биле наменети или употребени за извршување на кривичното дело.
Исто така, вредно е да се истакне дека оштетеното дете-жртва на трговија со луѓе во текот на целата постапка била застапувана од полномошник-адвокат. Имено, анализата на слични предмети покажува дека последното не е секогаш практика, што остава простор за нецелосно остварување на правата на жртвата во текот на постапката, како што впрочем и покажуваат релевантните истражувања и анализи.[11] Притоа, обвинетиот е задолжен од страна на судот да ги надомести и трошоците на постапката за награда и нужни издатоци на адвокатот.
Во смисла на остварување на правата на жртвите на трговија со луѓе, исто така е вредно да се напомене и дека пресудата е доставена на оштетеното дете-жртва преку нејзината мајка како законски застапник, како и до полномошникот на жртвата. Имено, од анализата на слични предмети произлегува дека доставувањето на пресудите на оштетениот-жртвата, со цел евентуално понатамошно остварување на нејзините права, не е редовна практика.

ЗАВРШНИ ЗАБЕЛЕШКИ
Од анализата на Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр. 86/19 од 12.03.2020 година, потврдена со Пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр 49/20 од 05.10.2020 година, може да се заклучи дека истата претставува позитивна судска практика од повеќе аспекти, во контекст на остварување на правата на жртвите на трговија со луѓе во судските постапки и нивниот пристап до правда, воопшто.
Оваа пресуда е добар пример на правилна примена како на меѓународните, така и на националните одредби во однос на процесната положба на жртвата на трговија со луѓе и заштита на нејзините права. Уште повеќе, пресудата претставува пример за добра соработка и комуникација меѓу судот, обвинителството, полицијата, адвокатот на жртвата и сите останати релевантни чинители, од кои зависи заштитата на жртвата на трговија со луѓе и нејзините права. 
Имено, овој случај е показател дека правилната примена на одредбите за заштита на правата на жртвите на трговија со луѓе, во светло на меѓународната регулатива, надополнета со добра соработка меѓу сите релевантни чинители, неминовно ќе доведе до ефективна заштита на исклучително ранливите жртви на трговија со луѓе, дури и во ситуација на отсуство или недоволна прецизност на определени законски одредби и непостоење на доволно ресурси.


[1] UN General Assembly, Protocol to Prevent, Suppress and Punish Trafficking in Persons, Especially Women and Children, Supplementing the United Nations Convention against Transnational Organized Crime, 15 November 2000
[2] UN General Assembly, United Nations Convention against Transnational Organized Crime, 15 November 2000

[3] Council of Europe, Council of Europe Convention on Action Against Trafficking in Human Beings, 16 May 2005, CETS 197 2
[4] Ристиќ, Ј. и Бошкова, Н., Заштита на жртвите на трговија со луѓе, Совет на Европа, 2021
[5] Член 12 (1)(д) од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе
[6] Член 15 (2) од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе
[7] Член 15 (13) од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе
[8] Член 30 од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе

[9] Закон за кривична постапка, Службен весник бр. 150/2010, 198/2018
[10] Закон за правда на децата, Службен весник бр. 148/2013, 152/2019, 275/2019
[11] Лажетиќ, Г. и Здравкова, И., Правата на жртвите на трговија со луѓе во судските постапки, Совет на Европа, 2020