Oдговорност на државата за меѓународно штетен акт
29.09.2022
Вовед и релевантна процесна и фактична историја
Случајот се однесува на Апликација на жалителот до Европскиот суд за Човекови права а во врска со загадување од гробишта лоцирани многу блиску до неговата куќа и соседната парцела. Гробиштата постепено се проширувале во правец на куќата на апликантот од 1991 година. Ова доведе до тоа локалните жители да се жалат до локалните власти, кои наредија затворање на гробиштата во 1995 година. Властите утврдиле дека е постигнат максималниот капацитет на гробиштата и дека секое понатамошно погребување би било во спротивност со здравствените прописи.
Во 2010 година, жалителот и неговите соседи се пожалиле до органите за заштита на потрошувачите дека погребите биле повторно обновени. Властите потоа издале до погребната служба на градот најмалку три опомени.
Г-дин Солјаник го изнесе предметот пред судовите во 2013 година. Судовите утврдија дека погребите на гробиштата се вршени во спротивност со здравствените прописи и последователно му наложија на градскиот совет да создаде зона за здравствена заштита околу гробиштата до 31 декември 2014 година. наредбата сè уште не е спроведена.
Апликација до ЕСЧП
Жалителот особено изнел наводи дека континуираното користење на гробиштата во близина на неговиот дом довело до контаминација на почвата на неговата парцела и загадување на неговиот единствен извор на вода за пиење, со што го спречиле нормално да го користи својот дом и неговите погодности и негативно влијае на неговото и на неговото семејство физичкото и менталното здравје, што го прекршува членот 8 од Конвенцијата.[1]
Судот особено забележал дека гробиштата постепено се прошириле кон имотот на апликантот и дека постојат форензички извештаи кои откриваат дека почвата и водата на неговата земја биле опасно контаминирани. Оттука, судот утврдил дека членот 8 е применлив во случајот иако нема докази за вистинска штета на здравјето на жалителот. Воедно, Судот заклучил дека гробиштата работат со очигледно кршење на домашното право, и покрај опомените од органите за заштита на потрошувачите и судската наредба да се создаде 500 метри здравствена заштитна зона околу нив.
Резиме на Одлуката на ЕСЧП
Според сето ова понапред изнесено, Судот смета дека имало мешање во правото на апликантот на почитување на неговиот дом и приватниот и семеен живот и дека тоа мешање достигнало доволен степен на сериозност за да предизвика примена на член 8 од Конвенцијата. Што се однесува до прашањето дали мешањето било во согласност со законот, Судот забележа дека градската погребна служба не ги почитувала опомените што и биле изречени поради тоа што не создала зона за здравствена заштита.
Понатаму, нотирано е дека судската одлука со која се наложува на погребната служба и на градскиот совет да создадат здравствена заштитна зона сè уште не е спроведена. Владата не дала објаснување за ваквото одложување. Ниту, пак, дале информации за тоа дали се разгледани алтернативни мерки, како што е преместување на апликантот или извршување на деконтаминација на неговата земја. Судот заклучил дека гробиштата се користеле со очигледно кршење на домашните здравствени прописи, лишувајќи го апликантот од ефикасна заштита на неговите права според член 8.
ЕСЧП особено нотирал дека “Иако задачата за разграничување на предложената санитарна заштитна зона и докажување на нејзината големина околу гробиштата требаше да биде завршена до крајот на 2014 година, до 5 јули 2017 година не беше постигнат напредок во тој поглед, а предлогот влезе во раните фази дури до крајот на 2019 година.... “во конкретниот случај, без очигледна или сигурна причина, властите не направија напори да ја извршат горенаведената пресуда, и им беа потребни речиси пет години по доставувањето на таа пресуда само да го започнат процесот на развивање на споменатиот проект. Во меѓувреме, погребите продолжија да се вршат, спротивно на домашните здравствени прописи, а жалителот мораше да живее на својата загадена парцела. Судот, исто така, забележува дека Владата не доставила информации за тоа дали можеби било изводливо да се преземат други мерки додека траела извршната постапка, како што е привремено преместување на апликантот или извршување на работи за деконтаминација на неговиот имот по пат на неутрализирање на ефектите од отсуството на санитарна заштитна зона. Судот повторува дека е свесен за тешкотиите и одложувањата со кои вообичаено се среќаваат властите при пронаоѓањето и распределбата на релевантните технички и логистички ресурси и обезбедувањето на потребното финансирање за проекти за јавни работи како што е оној во конкретниот случај .......“Сепак, тој смета дека употребата на гробиштата Лесноје со очигледно кршење на релевантните домашни здравствени прописи - заедно со необјаснето одложување на извршната постапка, што ја продолжи незаконитоста на дејствијата на властите - го лишило жалителот од ефикасна заштита на неговата права од член 8.“[2]
“Оттука произлегува дека спорното мешање не било „во согласност со законот“; Овој наод сам по себе е доволен за Судот да утврди дека има повреда на членот 8 од Конвенцијата, без да се испита дали тоа исто така следело „легитимна цел“ или било „неопходно во едно демократско општество“ (види Фадејева, цитирана погоре, § 95, и M.M. против Холандија, бр.39339/98, §§ 45-46, 8 април 2003 година).[3]
Дискусија
Овој предмет ставен во контекст на нашиот правен поредок е интересен од неколку причини а пред се бидејќи во себе содржи неколку аспекти:
Прво, тој може да се гледа како чист управен предмет, каде што градските гробишта се под јурисдикција на управните органи, кои издаваат дозволи и истите ги одземаат, и соодветно на тоа вршат надзор од областа на административните правила и прописи. Домашните судови во Русија навистина дале определена правна заштита на начин што наредил да биде направена соодветна заштитна зона.Соодветно на тоа, случајот ја прикажува можноста на судовите да влијаат во полна јурисдикција врз извршната власт, но и го покажува отсуството на ефикасен начин на извршување на овие наредби. Тоа е во рамките на домашното право.
Второ, ова е истовремено и предмет од областа на граѓанското право, бидејќи задира во институти на граѓанското право, како на пример вознемирување на правото на сопственост, надомест на штета, итн.Исто така, како и првиот аспект, тоа е пред се прашање на домашното право и можноста односно неможноста навремено да се адресираат проблемите од овој аспект и да се даде ефикасна правна заштита, односно да се отстрани изворот на вознемирување односно опасност.
Трето, овој предмет , според толкувањето на ЕСЧП задира во лични права, како правото на приватност и семеен живот, и тоа ставен во контекст на Конвенциското право. Ова е интересен аспект кој заслужува подлабока анализа.
Четврто, ваквите предмети, каде што како извор на опасност по живот, тело или имот се јавува ентитет кој извршува јавни дејности, секогаш се гледа низ построг критериум кон изворот на опасноста, вознемирувањето или загадувањето, особено ако тие доаѓаат од областа на јавното право.
Петто, иако ова е апликација на едно лице во заштита на неговите Конвенциски права, всушност на некој начин претставува actio popularis, бидејќи преку индивидуално истакнатото правозаштитно барање, всушност се штити и поширок правен и јавен интерес.
Шесто, во сегашниот степен на развиток на правото, екологијата и заштитата на човековата околина и природата се права издигнати на највисоко ниво, и се повеќе и повеќе правната заштита се дава на индивидуите, наспроти традиционалните начини на заштита како што се казнената или административна одговорност.
Значење
Самите аспекти наведени погоре ги отсликуваат на некој начин и контурите на импактот кој оваа Пресуда ги има. Веќе е прилично јасно дека одговорност на државата за меѓународно штетен акт, не е само по основ на нејзина директно дејствие, туку и поради нејзино пропуштање.[4] Веќе е далеку одминато времето кога правните поредоци на државите се изолирани острови во морето, кои не можат да бидат предмет на оцена на меѓународниот правен поредок.Со самото ратификување на Конвенцијата, сите одредби и уште поважно правни принципи (со должна почит кон принципот на Маргина на толеранција), стануваат и дел на домашните правни поредоци.
Понатака, толкувањето на ЕСЧП дека постои повреда на правото на приватен и семеен живот во конкретниов случај, претставува навистина (оправдано) широко толкување на оваа одредба од Конвенцијата.
Она што е особено интересно, е што и во домашниот правен поредок на Русија, тамошните судови наредиле на градската администрација и општинската погребна служба до 31 декември 2014 година да подготват планови со кои ќе се илустрира и поткрепи предложената демаркација на санитарна заштитна зона околу гробиштата, што всушност и не било направено од страна на властите односно авторитетите.[5] Ова ефективно значи дека Судот, одлучувајќи во полна јуридсдикција може да нареди легислативна односно административна интервенција. Но, иако од една страна домашните судови наредиле да бидат подготвени соодветни планови, од друга страна тие одбиле да забранат извршување на погреби. Она што претставувало повреда на правата на Жалителот е всушност неможноста ефикасно да се спроведе наредбата за подготовка на соодветни планови, но и мешањето на државата во приватниот и семеен живот на жалителот, преку ефективно неизвршување на нивните обврски. Второто е особено важно бидејќи (оправдано) ја проширува обврската на државите кон меѓународниот правен поредок, принципи и права и на пропуштањето да се дејствува, а не само на активното дејствие како штетно дејствие.
[1] „1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, неговиот дом и неговата кореспонденција.
2. Нема да има никакво мешање од страна на јавна власт во остварувањето на ова право, освен она што е во согласност со законот и е неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната безбедност или економската благосостојба на земја, за спречување на неред или криминал, за заштита на здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите“.
[2] Солјаник против Русија, Пресуда 10 Мај 2022, пасус 53
[3] Ibid, пасус 54.
[4] Нацрт Членови за Одговорност на државите за меѓународно погрешни акти, со коментари 2001 година
Текст усвоен од Комисијата за меѓународно право на нејзината педесет и трета седница, во 2001 година, и доставен до Генералното собрание како дел од извештајот на Комисијата кој ја покрива работата на таа сесија (А/56/10). Извештајот, кој содржи и коментари на нацрт членовите, се појавува во Годишникот на Комисијата за меѓународно право, 2001 година, кн. II, Втор дел, како што е поправено.
Член 2. Елементи на меѓународно штетен акт на една држава
Постои меѓународно погрешен чин на една држава кога однесувањето се состои од дејство или пропуст:
(а) се припишува на државата според меѓународното право; и
(б) претставува прекршување на меѓународната обврска на државата.
[5] Пресуда на ЕСЧП, пасус 16 et seq
