Неказнивост за кривични дела против службена должност

ВОВЕД 

Со ова правна анализа се анализира една од одлуките од кривичните предмети кои беа иницирани и водени од страна на Специјалното јавно обвинителство а на кои се изврши директна интервенција преку Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во септември 2023 година. Собранието на РСМ по предлог на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија ги донесе измените на Кривичниот законик со кои беа намалени казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба доведе до ефект на побрзо застарување на кривичните дела кои беа предмет на судски постапки од најтешките до помалку тешките. Со оваа законска интервенција всушност се спроведе директна акција за неказнување на наводните сторители на кривичните дела против службената должност, вклучувајќи ги и судските предмети покренати преку обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство. Поради тоа, судиите беа исправени пред уште една ситуација во која за обвиненијата во кои согласно новите измени, настапува апсолутна застареност да донесуваат одлуки за запирање на судските постапки поради апсолутна застареност на кривичното гонење. Преку Решението III КОК бр. 11/23 на Основниот кривичен суд од 17.10.2023 година сакаме да направиме и кратка анализа на измените на Кривичниот законик од 2023 година. 

ФАКТИ НА СЛУЧАЈОТ 

Специјалното јавно обвинителство, постапувајќи по сознанијата од незаконското следење на комуникациите, на 30.06.2017 година до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт КО бр. 111/19 претходно НСК-КО бр.17/15 од 30.06.2017 година и против 6 лица за кривично дело Злосторничко здружување од членот 394 став 1 и кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со став 45 од Кривичниот законик поради незаконски следење на комуникации на повеќе од 300 физички и правни лице, во најголем број новинари, адвокати, актуелни и поранешни носители на јавни функции, политичари, судии и други кои во кривичната постапка имаа статус на оштетени. 
Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот акт и предлог на 26.02.2021 година донесе Пресуда КОК бр.47/17 и КОК бр. 39/18 со која ги огласи за виновни обвинетите и ги осуди со затворски казни од алтернативна мерка – условна осуда во траење од 2 години со услов да не сторат кривично дело во период од 5 години, до 12 и 15 години казна затвор за организаторите на злосторничкото здружување.
Обвинетите против Пресуда КОК бр.47/17 и КОК бр. 39/18 од 26.02.2021 година поднеле навремени жалби до Апелациониот суд Скопје, кој истите ги уважил и на 05.12.2022 година донел Решение КОКЖ-81/21 со кое ја укинал Пресуда КОК бр.47/17 и КОК бр. 39/18 од 26.02.2021 година и предметот го вратил на повторно постапување и одлучување. 
На 17.10.2023 година, Основниот кривичен суд донел Решение III КОК бр. 11/23 со кое ја запрел постапката поради постоење на околности кои што го исклучуваат гонењето – настапување на апсолутна застареност на кривично дело, притоа упатувајќи ги оштетените лица за евентуалното предјавено имотно правно барање – надомест на штета кон обвинетите да поведат граѓанска парница. 

АНАЛИЗА НА РЕШЕНИЕ НА ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ 

Овој кривичен предмет покренат против лицата од Министерството за внатрешни работи кои следеле или овозможиле следење на телефонски комуникации на голем број на граѓани и други лица на Република Македонија, во подолг временски период за што сведочат и збирките на снимки од сниманите телефонски разговори. Ова кривично дело беше централно во однос на сите останати кривични дела за кои СЈО водеше истрага и покрена обвинителни акти или предлози, од причина што сознанијата за останатите кривични дела произлегоа од содржината на снимените материјали од незаконски следените телефонски разговори. Оттука, овој судски предмет беше од посебен интерес за кривично-правниот систем на Република Северна Македонија и за остварување на кривичната правда пред националните судови, особено поради опсегот на кривичното дело и правото кое било повредено на граѓаните од страна на обвинетите. Сепак, и покрај заложбите за докажување на кривичното делот првично од страна на СЈО а потоа и од страна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, преку интервенција првично во постапката по жалба и преку законска интервенција, не беше овозможено судењето да заврши со правосилна пресуда туку истото беше запрено поради настапување на апсолутна застареност за гонење на обвинетите во конкретниот случај. 
Првичната незаконска интервенција беше направена во Апелациониот суд Скопје, од страна на судијата известител на начин што го одложувал изготвањето на одлука по жалбата бидејќи истата била изготвена и објавена дури 9 месеци по донесувањето, со што се оддолжило времето за првостепениот суд да постапи по истата и да донесе нова одлука. За оваа незаконска интервенција, Судскиот совет на Република Северна Македонија на судијата известител му изрече дисциплинска мерка намалување на платата од 20% од месечната плата на судија во траење од 6 месеци. 

Втората и клучна интервенција, ја направи Собранието на Република Северна Македонија, кое на предлог на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој беше објавен во Службен весник бр. 188/2023 од 07.09.2023 година. Оваа законска интервенција беше проследена со повеќе  
контроверзии. Првично, Министерот за правда како надлежен за кривично прво, не беше подносител на предлог законот, туку подносител беше Претседателот на Владата на Република Македонија, додека повереник кој го престави текстот во Собранието на РСМ беше Заменичката министер. Втората контроверзија беше дека актуелната Работна група за изработка на нов Кривичен законик воопшто не беше запознаена со овие измени на Кривичниот законик, ниту беше објавено кој е изготвувач на истите. Запознавањето на Работна група за изработка на нов Кривичен законик беше нормално да се направи од причини што освен измените во делот на кривичното дело Злоупотреба на службената должност и овластување и кривичното дело Злосторничко здружување останатите измени се однесуваа на кривични дела и квалификации кои таа работна група ги воведе во текстот на новиот Кривичен законик како и фактот дека измената на ова кривично дело воопшто не кореспондираше со текстот во новиот Кривичен законик. 
Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (Службен весник бр. 188/2023 од 07.09.2023 година) всушност направи една малициозна состојба на која доведе до неказнување на најголем дел на лицата кои се обвинети за кривичното дело Злоупотреба на службената должност и овластување и кривичното дело Злосторничко здружување посебно во делот на злоупотреба и оштетување на Буџетот на РСМ. Начинот на кој тоа е изведено се однесува на драстично намалување на казните во делот на кривичното дело Злоупотреба на службената должност и овластување и кривичното дело Злосторничко здружување, а потоа и со бришење на дел од квалификациите. Имено, со измените на членот 353, посебно е интересно начинот на кој е сторена интервенцијата, која се состои во тоа што се менува ставот „(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.“ со нов став „Ако сторителот во делото од став (1) на овој член со намера прибави за себе или за друг значителна имотна корист или нанесе значителна имотна штета, ќе се казни со затвор од една до пет години.“ Втората голема интервенција е бришење на ставот 5 од претходниот член „ (5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.“ со што повеќе не постои посебна заштитата на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата од страна на самата држава. Истовремено, е извршена и интервенција во членот 394 Злосторничко здружување на начин што е пропишана измена и тоа во ставот (1) зборовите : „до десет години“ се заменуваат со зборовите: „до три години“, додека во ставот (2) зборовите: „од шест месеци до пет години“ се заменуваат со зборовите: „до две години.“ 
Оттука е очигледно дека Собранието преку Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (Службен весник бр. 188/2023 од 07.09.2023 година) драстично ја намалува политиката на казнување што има директен ефект на актуелните кривични предмети кои се во судска постапка, односно најголем дел од нив поради оваа законска измена ќе бидат запрени поради настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што и покрај фактот што за време на 
сторување на кривичните дела политиката на казнување била многу построга, а која подоцна со измените е поблага, судовите согласно членот 3 од Кривичниот законик се должни Член 3 да го применат принципот на примена на поблаг закон односно да го применат ставот (2) од членот 3, „Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот.“ 
На крајот сакам да истакнам дека и покрај обидот да се оправда дека измените на членот 353 и членот 394 со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (Службен весник бр. 188/2023 од 07.09.2023 година) е усогласување со политиката на казнување на Европската Унија, истото е неосновано бидејќи неговиот ефект е директен напад на уставната темелна вредност Владеење на правото, бидејќи самата држава се откажува од ефикасна и ефективна борба со криминалот обезбедувајќи неказнивост на наводните сторители посебно за предметите иницирани од страна на СЈО. 
Во конкретниот случај, во судскиот предмет III КОК бр. 11/23, штетата која е нанесена со измените на членот 353 и членот 394 од Кривичниот законик, оневозможија истражните органи како и судовите беа оневозможени правно да ја разрешат најголемата афера за незаконско следење на повеќе од 300 а се претпоставува на илјадници граѓани преку злоупотреба на службената должност и овластувања на лица вработени во Министерството за внатрешни работи, со што се нарушува принципот на Владеење на правото но и еклатантната повреда на правото на приватност на граѓаните и другите лица во Република Северна Македонија.