Негативна пракса на супсидијарна примена на закон и обезбедување на јавна расправа

Анализа на адвокат Емил Мифтари на Пресуда УЖ-3 бр.32/2016 од 06.07.2016 година на Вишиот управен суд и Пресуда У-5 бр.340/2015 од 27.08.2015 година на Управниот суд.

Факти на случајот
Тужителот е правно лице од Скопје кое се бави со градежништво, трговија и услуги. Во рамките на своето деловно работење Апликантот има користено градежни работи со цел изградба на Деловно-станбен објект во периодот 2005-2007 година. 
Во септември 2008 година, Министерство за финансии, Управа за јавни приходи, Регионална дирекција Скопје (УЈП Скопје) кај Жалителот извршила инспекциски надзор на данок на додадена вредност (ДДВ) за периодот 01/01/2005-31/12/2007 годинаи донело Решение број 15-111/112904, со кое го задолжил  тужителот со ДДВ во износ од 18.222.206,00 денари, за период од 01.08.2005 година, до 31.12.2007 год.
Незадоволни од Решението тужителот поднел навремена жалба до Министерот за финансии поради неправилна примена на материјалното право и неправилно утврдена фактичка состојба и со истата барал Министерот за финансии како второстепен орган да го укине Решението бр. 15-111/112904 од 16.10.2008 година како незаконито. Министерот за финансии одлучувајќи по жалбата на тужителот донел Решение У бр.16-4062/1 од 21.12.2009 година со кое жалбата ја одби како неоснована.
Незадоволен од Решението на Министерот за финансии, тужителот поднел навремена тужба до Управниот суд на РМ кој на 28.10.2010 година донел  Пресуда У-5 бр.170/2010 со која тужбата ја уважил, утуженото решение У бр.16-4062/1 од 21.12.2009 годинаго укинал и предметот го вратил на повторно одлучување пред Министерот за финансии.
При повторно одлучување Министерот за финансиии, на 14.12.2010 година, донел ново Решение У бр.16-4062/2со кое жалбата изјавена против Решението на Управата за јавни приходи, Регионална дирекција Скопје, број 15-111/112904 од 16.10.2008 година, ја уважил, обжаленото решение го поништил и предметот го вратил на повторна постапка пред првостепениот орган.
Во повторната постапка УЈП Скопје, има спроведено повторно постапка по која на 14.11.2011 година има донесено Решение бр.15-111/112904/2, со кое за периодот од 01.08.2005 година, до 31.12.2007 година, кај тужителот утврдил обврска на ДДВ во износ од -6.757.458,00 денари и притоа повторно го задолжил тужителот да плати ДДВ во износ од 16.898.094,00 денари.
Незадоволен од Решение на УЈП Скопје, тужителот поднел жалба до Министерот за финансии кој одлучувајќи по истата, донел Решение У бр.16-4333/1 од 03.04.3012 година со кое изјавената жалба ја одбил како неоснована. Против решение на Министерот за финансии тужителот поднел тужба до Управниот суд на РМ со предлог за закажување на јавна расправа по која Управниот суд на  14.01.2014 година донел Пресуда У-5 бр.1517/2012 со која тужбата на Жалителот ја усвоил додека решение на Минситерот за финансии го укинал и предметот го врати на повторно одлучување. Министерот за финансии при повторното одлучување донел ново Решение У бр.16-4333/2 од 16.05.2014 година со кое жалбата изјавена против Решението на УЈП Скопје, бр.15-111/112904/2 од 14.11.2011 г, ја уважи обжаленото решение го поништил и предметот го врати на повторно одлучување пред УЈП РД Скопје.
При повторното одлучување, УЈП Скопје донело ново Решение бр.15-111/112904/3 од 07.07.2014 година, со кое за периодот од 01.08.2005 година, до 31.12.2007 година, на тужителот му утврдило обврска да уплати ДДВ во износ од 16.898.094,00 денари, по основ на помалку пријавен данок.
Незадоволен од Решението на УЈП Скопје, тужителот поднел жалба до Министерот за финансии кој на 18.12.2014 година донел Решение У бр.16-1898/1 , жалбата ја одби како неоснована.
Тужителот против Решението на Министерот за финансии У бр.16-1898/1 од 18.12.2014 година поднел тужба до Управниот суд на Република Македонија со предлог за одржување на јавна расправа токму поради различните одлуки и правни ставови а со цел да се утврди правилно и целосно фактичката состојба и да се донесе правилна и законита пресуда. Управниот суд  на 27.08.2015 година на нејавна седница донел Пресудата У-5 бр.340/2015 со која тужбата ја одбил кaко неоснована. Во образложението на пресудата не е наведен ниту еден доказ врз основа на кој судот утврдил дека Жалителот не водел уредна и точна евиденција во поглед на основите за пресметување на ДДВ, особено на влезниот промет и претходниот данок кој може да го одбие така што за судот искажаните износи во ДДВ пријавите за контролираниот период не одговарале со реално извршениот влезен промет, односно книговодствено бил евидентиран повеќе остварен влезен промет отколку реално настанатиот што резултирало со одредени неправилности при остварувањето на правото на поврат на влезниот данок - даночно побарување, отколку реално настанатиот промет врз основа на валдина деловна документација т.е дека тужителот пријавил даночно побарување за периодот од 01.08.2005-31.12.2007 година во износ од -23.655.552,00 денари, додека контролата утврдила износ на даночно побарување за истиот период во износ од -6.757.458,00 денари настанат врз основа на веродостоен промет. Управниот суд во ниту еден дел на образложението на пресудата не навел зошто не бил земен предвид предлогот за оддржување на јавна седница истакнат и по втор пат од страна на тужителот како ни фактот зошто одговорот на тужениот наведен во пресудата не бил доставен до тужителот.
Тужителот незадоволен од Пресуда У-5 бр.340/2015 од 27.08.2015 година изјавил жалба пред Вишиот управен суд (Прилог 1) во која барал жалбата да биде уважена, Пресуда У-5 бр.340/2015 на Управниот суд од 27.08.2015 год. да биде преиначена на начин што тужбата против Решението на Министерот за финансии бр. 16-1898/1 од 18.12.2014 година, ќе ја усвои како основана и ќе утврди дека тужителот има право на поврат на влезен ДДВ или жалбата да ја уважи со што ќе ја укине Пресуда У-5 бр.340/2015 на Управниот суд од 27.08.2015 година и предметот ќе го врати на повторно одлучување. Во жалбата, тужителот посебно обрнал внимание на делот на апсолутната застареност на даночната обврска за плаќање на ДДВ за контролираниот период 01.08.2005-31.12.2005 година, од причина што жалбата била поднесена на 28.10.2015 година а апсолутната застареност би настапила на 01.01.2016 година.
Вишиот управен суд на 06.07.2016 год. донел Пресуда УЖ-3 бр.32/2016 (Прилог 2) со која жалбата на тужителот ја одби како неоснована. Во образложението на пресудата, Вишиот управен суд навел дека Управниот суд во целост правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба согласно која тужителот има обврска да уплати ДДВ во износ од -6.757.458,00 денари односно ДДВ во износ од 16.898.094,00 денари, по основ на помалку пријавен данок. Во делот на застареноста на даночната обврска, Вишиот управен суд навел дека утврдил дека во тужбата поднесена на тужителот на 27.02.2015 година нема истакнато приговор на застареност на даночните обврски, туку истиот бил истакнат во жалбената постапка додека во приговорот истакнат во жалбата против Пресуда У-5 бр.340/2015 од 27.08.2015 година, судот нашол дека е ненавремен бидејки согласно членот 341 став 2 од Законот за парничната постапка е предвидено ако странката во текот на првостепената постапка не истакнала приговор за застареност или приговор за пребивање односно некој друг материјално-правен или процесуално-правен приговор за прашања за кои првостепениот суд не внимава по службена должност, странката тој приговор не може да го изнесе во жалбата.

 

Релевантна национална и меѓународна легислатива и пракса
Закон за управните спорови – Член 1, член 7а, член 30, член 36
Закон за парничната постапка – Член 341
Закон за даночната постапка – Член 110
Европска конвенција за човековите права – член 6
Миткова против Република Македонија

Одлуки на Управниот суд и Вишиот управен суд
Пресуда У-5 бр.340/2015 од 27.08.2015 година на Управниот суд
Овој предмет во самата суштина укажува на два системски недостатоци на управната правда во Република Македонија кои се однесуваат на ефективно решавање на управните спорови во Република Северна Македонија.
Во Пресудата У-5 бр.340/2015 од 27.08.2015 година, Управниот суд по втор пат не обезбедил правично судење преку закажување и одржување на јавна седница и покрај фактот што бил должен тоа да го стори а тужителот изрично го барал тоа. Имено, тужителот по трет пат поднел тужба пред Управниот суд за иста правна работа односно за задолжување за помалку платен ДДВ и веќе вторпат поднесувал предлог за одржување на јавна седница за полесно утврдување на фактите и изведување на доказите согласно членот 30 во врска со членот 40 од Законот за управните спорови, но Управниот суд ниту во првата ниту во втората постапка се произнел по предлогот на тужителот за одржување на јавна расправа. Управниот суд постапил спротивно на членот 30 во врска со членот 36 ставот 3 од Законот за управните спорови кој предвидуваат дека Управниот суд одржува јавна расправа ако во истиот спор веќе еднаш е поништен управниот акт, а надлежниот орган не постапил во целост по пресудата, судот ќе ја утврди фактичката состојба и врз основа на така утврдената фактичка состојба ќе донесе пресуда. Доколку се земе предвид дека тужениот орган постапувал на ист начин три пати, а тужителот два пати дал предлог за одржување на јавна расправа и Управниот суд на непроменета фактичка состојба одлучувајќи по третпат ја одбил тужбата на тужителот, јасно е дека одржувањето на јавна расправа било повеќе од потребно да се обезбеди. Управниот суд не само што постапил спротивно на одредбите на Законот за управните спорови туку постапил и спротивна на членот 6 од Европската конвенција за човековите слободи и права како и правнотот стојалиште на Европскиот суд за човековите права изразено во предметот Миткова против Република Македонија (параграф 62 и 63). Европскиот суд за човековите права во овој случај констатирал дека апликантката изрично барала одржување на усна расправа на која судот би ги сослушал сведоците (види, спротивно, Döry, цитиран погоре, § 44). Управниот суд, меѓутоа, воопшто не дал причини зошто сметал дека одржувањето на расправа не е неопходно (види, mutatis mutandis, Alge v. Austria, no. 38185/97, § 30, 22 јануари 2004). 63. Во светло на горенаведеното, Судот не е убеден во постоењето на било какви исклучителни околности кои го оправдуваат отсуството на усна расправа. Оттука, постои е јасно воочливо дека Управниот суд во случајот на тужителот сторил повреда на членот 6 § 1 од Конвенцијата поради тоа што не обезбедил јавна расправа по однос на неговото задолжување да плати повеќе ДДВ.

Пресуда УЖ-3 бр.32/2016 од 06.07.2016 година на Вишиот управен суд
Вишиот управен суд со Пресуда УЖ-3 бр.32/2016 од 06.07.2016 година постапил спротивно правните принципи во делот на застарувањето на штета на тужителот. Ставот на Вишиот управен суд дека тужителот требал во тужбата против Решението У бр.16-1898/1 на Министерот за финансии од 18.12.2014 год. изјавена до Управниот суд  да истакне приговор за застареност на ДДВ за периодот 01.08.2005-31.12.2005 година согласно член 7а од Законот за управните спорови во врска со членот 341 од Законот за парничната постапка  е арбитререн од причина што не е јасно како тужителот би знаел дека треба да истакне приговор кога ја доставил тужбата до Управниот суд во текот на постапката за дел од даночното задолжување ќе настапи апсолутна застареност. Ова од причина што тужителот штом дознал дека постои можност за настапување на апсолутна застареност веднаш го истакнал тоа во жалбата која ја доставил до Вишиот управен суд на 27.08.2015 год односно 4 месеци пред настапувањето на застареноста.
Вишиот управен суд спротивно на правната култура во државата ги сметал управната односно даночната постапка и управниот спор како парнични постапки, во кои по правило би требало да постојат најмалку две страни со спротивставени барања, а не како постапки во кои е службена должност на органите и судовите да утврдат незаконитост во работата и одлучувањето на управните органи како во останатите предмети. Ова стојалиште не соодветствува со членот 1 од Законот за управните спорови во кој се наведува дека „Заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, Управниот суд, во управни спорови она државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители најавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите донесени во прекршочна постапка.“ Поради ова сметаме дека Вишиот управен суд бил должен по службена должност да внимава на апсолутната застареност на даночната обврска кое застарување и му било предочено од страна на самиот тужител а не да постапува како во парничната постапка односно да остави на диспозиција на странките да истакнат приговор доколку постои застарување. Вишиот управен суд воспоставил нееднаква судска пракса бидејќи за разлика од даночните предмети, во прекршочните предмети внимава на застареноста по службена должност. Оттука е очигледна арбитрерноста во доктрината на супсидијарната примена на Законот за парничната постапка која ја застапува Вишиот управен суд во делот на застарувањето на даночните обврски на граѓаните и правните лица.

Значење на Пресуда УЖ-3 бр.32/2016 од 06.07.2016 година на Вишиот управен суд и Пресуда У-5 бр.340/2015 од 27.08.2015 година на Управниот суд
И двете одлуки, едната на Управниот суд а другата на Вишиот управен суд имаат негативен импакт во однос на заштита на правата на граѓаните во Република северна Македонија. Пресуда на Управниот суд само ја потврдува неефективноста на судот поради неодржување на јавни расправи со цел да се утврдат правилно и целосно фактите и да се донесе правилна и законита одлука. Управниот суд во најмала рака треба да обезбеди аргументација за непостапувањето по двата предлога на тужителот но наместо тоа се одлучил воопшто да не даде одговор со што и влијае на трендот на зголемување на негативната перцепција за управните судови како неефикасни, неефективни и нетранспаретни.
Вишиот управен суд со својата одлука всушност втемелува негативна судска пракса која во основа ја поткопува правната доктрина во разликите на јавното и приватното право. Во исто време Вишиот управен суд внимавање на апсолутната застареност во прекршочните предмети по службена должност но истото не го прави и покрај фактот што е должен согласно Законот за даночната постапка.
Оттука сметаме дека и Управниот и Вишиот управен суд имаат воспоставено и сеуште обезбедуваат негативна судска пракса која оди на штета на граѓаните и другите лица во Република Северна Македонија.  

Негативна пракса на супсидијарна примена на закон и обезбедување на јавна расправа | Justice Observers