Нечовечки и деградирачки третман кон малолетно лице со сериозни физички и ментални пречки - Случај Л.Р. против Република Северна Македонија
Анализа на д-р Елена Мујоска Трпевска на пресудата „Л.Р. против Република Северна Македонија“ на Европскиот суд за човекови права, жалба број 38067/15.
Вовед
Во 2013 година Националниот превентивен механизам
доставува информација до Народниот правобранител дека во рамките на редовното
остварување на посети во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“, е
затекнато дете со повеќекратни попречености кое е врзано за кревет со
образложение дека тоа е за негово добро[i].
Имено, станува збор за глувонемо дете на осумгодишна возраст со сериозни
физички и ментални пречки што се наоѓа во социјален ризик. Покрај тоа што
детето било врзано за кревет, никој не комуницирал со него и не ја добивало
соодветната грижа бидејќи вработените не го познавале гласовниот говор.[ii]
Случајот
одекнува во јавноста во 2014 година, кога Народниот правобранител на
прес-конференција за промоција на Извештајот за 2013 година ги обелоденува сите
податоци, по што детето е посетено од претставници на Хелсиншкиот комитет за
човекови права на РМ (Хелсиншки комитет) кои без одлагање иницираат постапка
пред Јавното обвинителство.
Во
2015 година, во име на детето, Хелсиншки комитет поднесува апликација пред
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) – „Л.Р.
против РСМ“ за нечовечки
и понижувачки третман вршен од страна на вработените во јавната институција
Завод за рехабилитација „Бања Банско“, што претставува прва апликација
поднесена во име на малолетно лица со сериозни попречувања што не е во можност
да даде согласност да биде застапувано. Пет години подоцна малолетниот Л.Р. го
добива случајот, кога е донесена пресуда со која се утврдува кршење на член 3
од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).
Позадина на случајот
Апликантот Л.Р. е малолетно лице, родено на 21 ноември
2004 година од родители со интелектуални пречки, кои се одрекуваат од него при
неговото раѓање. Кога Л.Р. има три месеци, неговата баба како единствен крвен
сродник се откажува од старателството и го предава на Центарот за социјални
работи (ЦСР). Во наредниот период Л.Р. е сместен во неколку државни институции за
социјална грижа. На негова 2-годишна возраст биле забележани првите пречки во
физичкиот развој и во говорот, а во ноември 2008 година, откако медицински тим
констатира посериозни ментални пречки, најсериозна форма на физички пречки (церебрална
парализа) и пречки во говорот, Л.Р. е сместен во Државен завод за
рехабилитација. Заводот како институција од отворен тип за рехабилитација на слух,
говор и глас, во повеќе наврати реагира и укажува дека не е соодветна да
постапува и да го третира малолетникот.
Во
јуни 2012 година е отпуштен од Заводот со образложение дека неговиот тамошен
престој и третман е неоправдан и без успех. На 21 јуни 2012, ЦСР добива
одобрение од Министерството за здравство и на 29 јуни 2012 го сместува Л.Р. во
Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ (ЗЗРББ). Во периодот што
следува ЗЗРББ повторно упатува писмени забелешки[iii] до ЦСР, укажувајќи дека Л.Р. е сместен во ЗЗБРР несоодветно, бидејќи е
институција првенствено наменета за третман на лица со физички а не ментални
пречки, во која нема доволно кадар[iv],
ниту соодветно квалифицирани лица да пружат постојана грижа на малолетниот Л.Р.
и дека не може да се воспостави комуникација но и тоа дека „[Л.Р.] почнал да се
самоповредува и ја користел секоја прилика да избега од установата ..“ (пар.10), со апел малолетното
лице да се смести во друга соодветна установа.
Во ноември 2013
година, НПМ остварува посета на ЗЗРББ и го наоѓа „[Л.Р.] врзан за
ногата за креветот, од безбедносни причини […]“(пар.11). По добиената медицинска
експертиза од март 2014, со која се потврдува горенаведеното, ЦСР го сместува
Л.Р. во Завод за рехабилитација каде што се наоѓа до донесувањето на пресудата
од ЕСЧП.
Релевантна домашна и меѓународна
законска регулатива
Согласно чл.142 од
Кривичниот законик на РСМ (КЗ)[v],
изрично е забрането мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко
постапување и казнување од страна на вработено лице кое при вршење на својата
служба предизвикува тешко телесно или душевно страдање. Казната предвидена за
ваквото прекршување на законската одредба е затвор од три до осум години, а ако
поради делото настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за
оштетениот, тогаш сторителот се казнува со затворска казна од најмалку четири
години. Членот 143 од КЗ предвидува казна затвор од една до пет години за
лицето што за време на вршење на службата малтретира друг, го застрашува, го
навредува или на било кој друг начин и постапување го понижува неговото човечко
достоинство и човековата личност. Законот за кривичната постапка (ЗКП)[vi] пак, предвидува кои права му следуваат на оштетениот (чл.57), но и околноста
дека за малолетни лица кои се наполно лишени од деловна способност, предлог за
кривично гонење поднесува нивниот законски застапник (чл.59 ст.1). Воедно, ЗКП
уредува дека во вакви случаи законскиот застапник е овластен да ги дава сите
изјави и да ги презема сите дејствија во корист на оштетениот (чл.66 ст.1) како
и тоа дека оштетениот и неговиот законски застапник своите права во постапката
можат да ги вршат преку полномошник (чл.67).
Од
меѓународната регулатива, релевантна за овој случај, најнапред се издвојуваат
Принципите на ОН за заштита на лицата со ментално заболување и подобрување на
здравствената заштита на овие лица[vii];
Конвенцијата за правата на лицата со инвалидитет[viii] и Извештај од специјален известувач за тортура на ОН[ix].
Од меѓународната регулатива што не е дел од системот на ОН, се издвојува
Конвенцијата на СЕ за заштита на човековите права и биомедицината[x] и
Препораката на Комитетот на Министри од 2004[xi].
Крајно,
најважна за конкретниот случај е забелешката наведена во Извештајот на
Комитетот за спречување тортура (CPT) од 2014, во кој е наведено дека „[вработените] во државните
центри за социјална работа не ги посетуваат редовно пациентите и не ги
спроведуваат неопходните третмани […] треба да се спроведат сериозни чекори за промена на тие
практики..“[xii]
Факти на
случајот
Имајќи ги
предвид горенаведените околности, во јули 2014 година, Хелсиншки комитет
поднесува кривична пријава против директорот на ЗЗРББ и вработени лица, за
сторени кривични дела од чл.142 и чл.143 од КЗ. И покрај утврдените прекршувања
на домашната и меѓународната регулатива односно дека малолетниот Л.Р. е сместен
во несоодветна установа и не му е пружена потребната медицинска помош и грижа,
а надлежните од Заводот со своите секојдневни практики го изложиле на суров, понижувачки
и нечовечен третман, Јавното обвинителство на 24 ноември 2014 година донесува
одлука со која ја отфрла кривичната пријава, согласно чл.288 од ЗКП, со
образложение дека „[не] постои
сомневање дека директорот и вработените со своето постапување сториле некакво
кривично дело[…] (пар.20). Побивањето
на оваа одлука од страна на Хелсиншки комитет останува без успех и во декември
2014 кога Вишото јавно обвинителство ја потврдува првостепената одлука на ЈО и
во јуни 2015 година кога Јавниот Обвинител на РСМ ја
потврдува одлуката на пониските обвинителства.
Одлука на
судот
Хелсиншки комитет поднесува тужба пред ЕСЧП без потребната
писмена согласност од малолетниот Л.Р. поради неговата деловна неспособност (види случај Post v. the Netherlands, no 21727/08 (dec.), 20 January 2009). Судот ја прифаќа тужбата (спротивно на
одлуката донесена во случајот Centre for Legal Resources on behalf of Valentin
Câmpeanu v. Romania ([GC],
no. 47848/08, §§ 104-111, ECHR 2014) со образложение дека неговиот законски застапник (ЦСР) е обвинет и пред
домашните надлежни органи и пред ЕСЧП за негрижа и нечовечно постапување. Оваа
одлука Судот ја поткрепува и со фактот дека РСМ не назначила друг законски
застапник после обелоденување на случајот и поднесените обвинувања до надлежните
јавни обвинителства. Дополнително, Хелсиншки комитет остварува неколку
последователни посети откако се дознава за случајот, ги известува засегнатите
државни институции и поднесува кривична пријава без одлагање (види слично во случајот: Centre for Legal Resources on behalf of Valentin Câmpeanu, § 111, и Association for the Defence of Human Rights in
Romania, Helsinki Committee on behalf of Ionel Garcea v. Romania,
no. 2959/11, § 43, 24 March 2015; види спротивно во случајот: Comité Helsinki Bulgare
c. Bulgarie,nos. 35653/12 and 66172/12, § 56-57, 28 June 2016). На тој начин ЕСЧП и de facto го назначува Хелсиншки комитет за законски застапник на Л.Р. нагласувајќи
ја специфичноста на конкретниот случај, и ја отфрла околноста за недостаток од locus standi (види op.cit.Valentin
Câmpeanu v. Romania).
Во однос на неискористеноста на сите правни лекови во државата (и
неподнесувањето тужба за надомест на штета во граѓанска постапка, види повеќе
во: Khlaifia and Others v. Italy ([GC],
no. 16483/12, § 52,
15 December 2016) и за усогласеноста за
шестмесечното правило[xiii],
Судот носи одлука дека не е прекршен чл.35 став 3(а) од ЕКЧП и ја смета тужбата
за дозволена.
На 23 јануари 2020 година, Судот носи едногласна одлука дека е сторена
повреда на чл.3 од ЕКЧП за забрана за нечовечки и деградирачки третман, дека
малолетниот Л.Р. е несоодветно сместен во ЗЗРББ, дека не му е пружена соодветна
помош ниту грижа, и дека Л.Р. бил изложен на нечовечки и понижувачки третман. Понатаму,
со шест гласа за и еден против[xiv],
Судот носи одлука дека е сторена повреда на чл.3 од ЕКЧП во однос на
истрагата, односно дека надлежните органи не спровеле соодветна истрага
за случајот. Судот воедно едногласно одлучува дека нема потреба да се преиспита
жалбата во однос на чл. 13 од ЕКЧП. Дополнително, Судот ја задолжува
Република Северна
Македонија да исплати 18.000 евра на малолетниот Л.Р. за нематеријална штета и 1.650 евра за
трошоци.
Заклучок и
значење на пресудата
Случајот на Л.Р. ја прикажува реалната слика на функционирањето на
државните институции, нивната неможност да се справат со вакви специфични
случаи, постојаното префрлање на одговорноста од една на друга институција и
генерално, целокупното системско (не)функционирање и лошата слика што ја
прикажуваат надлежните органи во државата. Уште позначајно е дека „Л.Р. против РСМ“ е прв случај пред ЕСЧП
каде што е прифатена апликација за заштита на правата на деловно неспособно
малолетно лице, што не е во можност да даде согласност да биде застапувано пред
Судот. Според Хелсиншки комитет, малолетниот Л.Р. по објавувањето на пресудата
е сместен во мал групен дом и неговата рехабилитација и целокупната здравствена
состојба внимателно се следи.[xv] Покрај разрешувањето на случајот на Л.Р., Народниот правобранител изјави дека
во изминатиот период помогнал и во други три случаи на несоодветно постапување
со малолетни деца со посебни потреби, преку укажување на надлежните институции
за изработка на нова категоризација и нивно сместување во соодветни институции. [xvi]
[i]Извор:http://ombudsman.mk/MK/novosti_i_nastani/241620/sluchajot_so_maloletnikot_vrzuvan_za_krevet_koj_go_obelodeni_narodniot_pravobraotel_dobi_sudska___.aspx, последна посета 15.2.2020.
[ii] „Одделението за заштита на правата на децата и лицата со
посебни потреби, покрена постапка по сопствена иницијатива и се обрати до
Министерството за труд и социјална политика со барање за соодветно згрижување
на овие лица и третман, согласно нивната попреченост“, извор:
http://ombudsman.mk/upload/Godisni%20izvestai/GI-2013.pdf, последна посета 15.2.2020.
[iii] ЗЗРББ непосредно
пред сместувањето и во текот на неговиот престој таму (1 година и 9 месеци) упатува
забелешки за несоодветно сметување на малолетниот Л.Р. и до надлежното
министерство и до надлежниот инспекторат.
[iv] Во Извештајот
на народниот правобранител за 2013 година, меѓудругото, е наведено дека во
Заводот во тековната година биле вработени 46 лица од кои само 1 лице на
раководна позиција, види Извештај за следење и примена на начелото на соодветна
и правична застапеност за 2013 година, стр.52.
[v] Кривичен законик
(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002,
43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009,
51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014,
27/2014, 28/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015,
226/2015, 97/2017 и 248/2018). Одлуки на Уставниот суд на Република Македонија:
У. бр. 220/2000 од 30 мај 2001 година, објавена во „Службен весник на Република
Македонија“ бр. 48/2001; У. бр. 210/2001 од 6 февруари 2002 година, објавена во
„Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2002; У. бр. 206/2003 од 9 јуни
2004 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2004;
У. бр. 228/2005 од 5 април 2006 година, објавена во „Службен весник на
Република Македонија“ бр. 50/2006 и У. бр. 169/2016 од 16 ноември 2017 година,
објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 170/2017.
[vi] Закон за кривичната
постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010, 100/2012,
142/2016 и 198/2018). Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр.
2/2016 од 28 септември 2016 година, објавена во „Службен весник на Република
Македонија“ бр. 193/2016.
[vii] Принцип 1
за Фундаментални слободи и основни права, Принцип 9 за Третман, Принцип 11 за
Согласност за третман и Принцип 12 за Поука за правата на пациентот, достапни
на:
https://www.who.int/mental_health/policy/en/UN_Resolution_on_protection_of_persons_with_mental_illness.pdf, последна
посета 20.2.2020.
[viii] Чл.15 што
се однесува на Слобода од тортура или сурово, нечовечко и понижувачко
постапување или казнување, достапна на: https://www.un.org/development/desa/disabilities/convention-on-the-rights-of-persons-with-disabilities.html, последна
посета 20.2.2020.
[ix] Во
случајот, релевантен е извештајот на специјален известувач за тортура Mr. Juan
E. Mendez, достапен на: https://www.ohchr.org/documents/hrbodies/hrcouncil/regularsession/session22/a.hrc.22.53_english.pdf, последна
посета 20.2.2020.
[x] Член 6 За
заштита на правата на лица кои не се способни да дадат согласност и чл.7 за
заштита на лицата со ментални пречки, достапна на: https://rm.coe.int/168007cf98, последна
посета 20.2.2020.
[xi] Чл.27 за
Изолација и забрана од Поглавје V, достапна на:
https://www.coe.int/t/dg3/healthbioethic/Activities/08_Psychiatry_and_human_rights_en/Rec(2004)10%20EM%20E.pdf, последна
посета 20.2.2020.
[xii] Види повеќе
на: https://www.coe.int/en/web/cpt/-/council-of-europe-anti-torture-committee-carries-out-targeted-visit-to-the-former-yugoslav-republic-of-macedonia-, последна
посета 20.2.2020.
[xiii] Поднесување на апликација до ЕСЧП по изминување
на шест месеци се исцрпени што во
конкретниот случај од самиот почеток е извесно дека ќе е без успех.
[xiv] Согласно
чл.45 ст.2 од ЕКЧП и Правило 74 ст.2 од Правилата на Судот, издвоеното мислење
на судијата Wojtyczek е приложена во анекс на пресудата, стр.33, достапна на: https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22fulltext%22:[%22Macedonia%22],%22sort%22:[%22kpdate%20Descending%22],%22documentcollectionid2%22:[%22GRANDCHAMBER%22,%22CHAMBER%22],%22itemid%22:[%22001-200433%22]}, последна
посета 20.2.2020.
[xv] Види повеќе
на: https://mhc.org.mk/news/presuda-na-evropskiot-sud-za-chovekovi-prava-po-aplikacija-na-helsinshkiot-komitet-prekrsheni-pravata-na-osumgodishno-dete-so-poprechenost-koe-beshe-vrzuvano-zaradi-negova-bezbednost/,л, последна
посета 20.2.2020.
[xvi]Извор:http://ombudsman.mk/MK/novosti_i_nastani/241620/sluchajot_so_maloletnikot_vrzuvan_za_krevet_koj_go_obelodeni_narodniot_pravobraotel_dobi_sudska___.aspx, последна
посета 20.2.2020.
