Интересот на детето при развод на брак и одлука за издршка на деца
Анализа на д-р Милица Шутева на пресуда на Апелационен суд Скопје ГЖ. бр. 448/19.
Факти за случајот:
Лицето M.Г (тужител)
поднел тужба против Р.Т (тужената) за развод на брак. Тужбата ја поднел
до Основниот граѓански суд Скоје на ден 27.04.2017
година. Во тужбата навел дека со тужената имале три заеднички деца од кои
две малолетни. Тужителот ја поднел оваа тужба и
барал бракот да се разведе според чл.229
ст.1 в.в чл.40 и чл.41 од Законот за семејството, бидејќи брачните односи биле
до таа мера нарушени со што заедничкиот живот станал неподнослив, а сето тоа од
причини што карактерите на двајцата сопружници не можат да се усогласат,
брачната заедница не функционирала, ниту пак имало шанси сето тоа да се
надмине. Тужителот му предложил на судот да донесе пресуда со која ќе го усвои
тужбеното барање на тужителот и бракот ќе го разведе, а малолетните деца да се
доделат на чување, воспитување и делумно издржување на тужената, и да се
задолжи тужителот да плаќа месечен износ и тоа за секое дете по 6.000 денари
или вкупно 12.000 денари најдоцна до 20-ти во месецот како и тужената да биде
задолжена со трошоци по постапката. Tужената во
одговор на тужбата навела дека се согласува да се разведе бракот во
смисла на чл.40 од Законот за семејство, бидејќи неспорен факт е дека брачната
заедница фактички престанала со напуштање на семејството од страна на тужителот
во месец Ноември 2016 година. Исто така истакнала дека судот треба да има во предвид (при определувањето на
издршката), дека напушутањето на брачната заедница од
страна на тужителот е од Ноември 2016 година кој што и тој самиот го навел во
својот исказ на рочиште од 20.03.2019 година, и дека судот треба да го задолжи
со плаќање на издршката со престанокот од брачната заедница, а тоа е од Ноември
2016 година и да плаќа секој месец до 05-ти во тековниот месец. Во МЦСР на Град
Скопје, од страна на тужителот е дадена писмена изјава на записник
бр.3006-623/7 од 17.09.2018 година, во која се има произнесено дека нема
потенцијал бракот да продолжи, а во однос на малолетните деца и има дадено
согласност тие да бидат доверени на грижа, чување и воспитување на мајката, а
тој како татко да ги остварува родителските права и обврски кон малолетните деца.
Додека од страна на тужената до Центарот е пристигната по
пошта Изјава бр.2006-623/6 од 17.09.2018 година, во којашто тужената изјавила
дека е децидна во нејзиниот став бракот да се разведе и не прифаќа мировна
постапка и бара децата да и бидат доверени на чување, одгледување и воспитување
на неа како мајка. Стручниот тим, имајќи го предвид претходно наведеното
констатира дека мировната постапка е неуспешна. Понатаму, стручниот тим, врз
основа на увидот во списите по предметот и спроведената тимска консултација,
ценејќи ги ставовите на родителите пренесени на изјави, е на мислење дека е во
интерес на малолетните деца е да бидат доверени на непосредна грижа, чување и
воспитување на мајката, a таткото да ги извршува своите родителски права и обврски.
Процесни дејствија,
првостепена одлука:
Основниот граѓански суд во Скопје на
ден 19.07.2019 година донел пресуда П2-494/17 применувајќи го националното законодавство но
не водејќи грижа во целост за најдобриот интерес на детето. Имено, согласно пресудата,
судот бракот го развел согласно член 40 од Законот за семејството кој основ е
неспорен, имајќи во предвид дека од изјавите на тужителот и тужената децидно
произлегува дека нема основ за спроведување на постапка за мирење. Од пресудата на Основниот
граѓански суд Скопје II Скопје видно е
дека парничната постапка е поведена на 27.04.2017 а судот ја донел пресудата
на ден 19.07.2019 или поточно по 2 години и три месеци. Во постапките за вршење
на родителското право судот треба да постапува со посебно внимание. Имено,
самиот предмет на тужбеното барање укажува на фактот дека се работи за итни
постапки во кои судот е овластен, независно од диспозиција на странките, да се
раководи од принципот на најдобриот интерес на детето и да одлучи за начинот на
одржување на лични контакти на родителот со детето, до правосилно
завршување на постапката. Сметам дека судот не
постапил согласно начелото на итност и начелото на судење во разумен рок
односно не го применил член 223 од Законот за семејството, имајќи во предвид дека
одлучува за прашања кои се од интерес на децата, дотолку повеќе што
станува збор за посебни парнични постапки во кои начелото на итност е базично
начело на кое судот треба да внимава. Ова потсетува на ставот на Европскиот суд
за човекови права според кој е потребнo посебно внимание на надлежните органи во сите предмети кои се
однесуваат на личните односи и својства а особено во државите во кои
националното законодавство пропишува дека одредени судски постапки имаат итен
карактер (види пресуда на Боргесе против Италија од 26
февруари 1998 година став 28).
Со тужбеното барање покрај предлогот за развод на брак тужителот
дава предлог и за издржувањето на двете малолетни деца.
Во делот од пресудата кој се
однесува на утврдување на висината на издршката на малолетните деца, судот правилно и целосно ја утврдил
фактичката состојба и правилно го применил
материјалното право кое важи во национаното законодавсто (чл.179 ст.1 и чл.194 од
Законот за семејство). Имено, неспорно
е дека судот при определување на висината на издршката ја зел во предвид имотната
состојба на тужителот, способноста за работа, можноста за вработување,
здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за
неговите потреби. Но, во однос на исплатата
на издршката за малолетните деца која тужената барала да започне од фактичкиот
прекин на брачната заеднцица (кој е неспорен и од страна на тужителот дека ја
напуштил брачната заедница во ноември 2016 година), судот погрешно го применил материјалното право
од причина што во пресудата (во одговорот на барањето) се повикал на
одредбата од член 202 од Законот за семејството (со која законодавецот упатува дека со посебнатужба
може да се бара надоместок на сторените трошоци за издршка на лицето, доколку
тие биле оправдани). Ова, од причина што во конкретниот случај не станува збор
за трошоци, односно за направени трошоци кои лицето кое имало обврска треба да
ги врати, туку станува збор за должност на родителот да ги издржува своите деца. Имено, обврската на родителите да
ги издржуваат своите малолетни деца е заедничка за двајцата родители без оглед
на тоа кој од родителите го врши родителското право и дали воопшто врши родителско право. Оваа одредба на која се
повикува судот, упатува на надоместување/надоместок на даденото, која има основ
и во одредбата од член 207 од ЗОО. Правото на регрес на издатоците за издржувањето на
некое лице не зависи од тоа дали извршувањето е
извршувано по некоја морална обврска, туку дали тоа е сторено со намера со тоа
да се обврзе оној кој според
закон бил должен да плаќа придонес за издржувањето. Законската
одредба на која упатува судот не соодветствува на барањето на тужената. Сметам
дека поради целисходност и правилно одлучување, а имајќи во предвид дека условите
за стварна и месна надлежност на судот се исполнети, судот требал да одлучи по
истото, во истата постапка, односно да го уважи или одбие барањето на тужената
повикувајќи се на законска регулатива која соодветствува на барањето.
Одлуката за вршење на
родителското право мора да содржи одлука за доверување, чување и воспитување на
заедничките деца на еден од родителите (кое е неспорно утврдено во оваа
пресуда), одлука за висината на издршката
од страна на другиот родител како и одлука за начинот на одржување на личните
контакти на детето со родителот со кој не живее. Она што е интересно во оваа пресуда
е она што судот во пресудата не одлучил
за начинот на остварување на контакти на тужителот со децата (не го применил
член 80 став 3 од Законот за семејството).
Анализа
на пресуда ГЖ448/19
на Апелациониот суд Скопје
Против пресудата од
Основниот граѓански суд Скопје II Скопје П2-494/17 донесена на ден 19.07.2019 година, тужената
поднела жалба до Апелациониот суд во Скопје. Апелационата постапкакоја
резултирала со пресудата на Апелациониот суд во Скопје ГЖ448/19
е иницирана по поднесена жалба од страна на тужена во постапката по сите основи
по кои може да се поднесе жалба согласно Законот за парнична постапка на
Република Македонија, односно поради суштествена повреда на одредбите на
парничната постапка, поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба и
поради погрешна примена на материјалното право и одлуката за трошоците. Апелациониот суд во Скопје, по
разгледување на приложените списи кон предметот и по оценка на обжалената
пресуда, жалбата на тужената ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената
пресуда на Основен граѓански суд Скопје II Скопје П2-494/17 од 19.07.2019
година.
Во пресудата Апелациониот
суд навел дека е неоснован жалбениот навод за сторена суштествена повреда на
одредбите на парничната постапка од чл.343 ст.2 т.14 од ЗПП, бидејќи обжалената
пресуда била јасна и разбирливани истата ги содржи причините за решителниге
факти од кои се раководел првостепениот суд при одлучувањето. Навел дека поради
нарушените односи тужителот некаде октомври односно ноември месец 2016 година
го напуштил нивниот заеднички дом и отишол да живее со неговата паргнерка во
стан на партнерката, којшто стан е во нејзина сопственост а со која и ден денес
живее, додека тужената останала да живее со трите деца, но не се впуштил да
одлучи по барањето на тужената во однос на исплатата на издршката за
малолетните деца која тужената барала да започне од фактичкиот прекин на брачната
заедица, за што сметам дека сторил суштествена
повреда на одредбите на постапката (ова прашање е веќе анализирано/апсолвирано
во првостепената пресуда).
Како
и во првестепената пресуда, Апелацониот суд навел дека тужителот
од месец јануари 2016 година не е во редовен работен однос, и истиот повремено
работел на проекти како предавач и има повремени примања зависно од тоа кога
има ангажмани а некогаш може да се случи цел месец да нема никаков ангажман. Oбврската
за издршка на детето има апсолутен карактер и претставува основна и најзначајна
обврска на родителите. Околноста што родителот не е во во работен однос
не претстаува причина за ослободување на родителите од обврската да ги
издржаваат своите малолетни деца.
Согласно начелото на
еднаквост и рамноправност, мајката и таткото се еднакви во правата и
должностите кои ги имаат спрема детето, поради што ги остваруваат заеднички.
Ваквата одредба е во согласност со начелото на заедничка одговорност на
родителите, предвидено со членот 18 од Конвенцијата на ООН за правата на
детето, според кое двајцата родители имаат заедничка одговорност при
одгледувањето и развојот на децата
Тужената во тужбата
истакнала дека одлуката на првостепениот суд е погрешна и
незаконита, бидејќи судот не утврдил колку деца се родени во бракот кој се
разведува, поради што го оневозможил правото на полнолетниот како редовен
студент во иднина да може да бара издршка од тужителот и тужената. Апелациониот
суд ги ценел овие жалбени наводи, меѓутоа истите ги одбил како неосновани со
образложение дека судот одлучува во границите на истакнатото тужбено барање,
дека полнолетното дете не било опфатено со тужбата а од друга страна во ситуација
кога е неспорно за странките дека е полнолетен, истиот може своите права да си
ги остварува во друга постапка заснована на закон. Неспорно е дека полнолетното дете може своите
права да ги остварува во друга постапка но она што отвара можност за дискусија
е фактот што судот по ова барање на странката, во пресудата наведува дека судот
одлучува во границите на истакнато барање. Имајќи во предвид дека станува збор
за посебни итни постапки постои одредено отстапување на начелото на
диспозиција. А дотолку повеќе што судот
треба да внимава кога се работи за интерес на детето (без оглед што детето е
полнолетно судот требал да го земе во предвид член 179 став 2 од Законот за
семејството). Начелото на најдобар интерес на детето е едно од најзначајните
начела предвидени и загарантирани со Конвенцијата на ООН за правата на детето.
Согласно членот 3 став 1 од Конвенцијата: „Во сите активности кои се однесуваат
на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа да ли
ги спроведуваат јавните и приватните институции за социјална заштита, судовите,
административните органи или законодавните тела.
Заклучок
Од анализата на предметната пресуда на Апелациониот
суд се заклучува дека судот требал да даде подетално а не паушално објаснување
на наводите на кои тужената ја засновала жалбата. Имено, од пресудата видно е
дека второстепениот суд ја потврдил првостепената пресуда и ја засновал на
истите образложенија кои ги истакнал Основниот граѓански суд Скопје II Скопје
без притоа да земе во предвид дека се одлучува за интересите на децата. Со
тоа што Апелациониот суд се задржал на вообичаеното, формално образложение, не
ја искористил можноста за соодветно и исцрпно образложение, не ги искористил
одредбите на Конвенцијата за правата на детето како и праксата на Европскиот
суд за човекови права да испрати порака до надлежните органи како треба да постапуваат
кога се во прашања интересите на децата. Во нашето семејно законодавство
принципот на најдобар интерес на детето не е предвидено како основно начело во
Законот за семејството. Од друга страна, најдобриот интерес на детето треба да
биде првенствена и највисока грижа на државните органи секогаш кога се одлучува
за правата и интересите на децата. Изречно, принципот најдобар интерес на
детето е предвиден само во делот на одредбите со кои се уредува посвојувањето.
Една од најсериозните
недостатоци на македонското семејно законодавство е неусогласеноста на законите
со меѓународните документи кои нашата држава ги има ратификувано. Алармантна е потребата од измени на постојните
законски решенија кои ги ставаат во неповолна позиција не само децата тука и
родителите. Еден од најзначајните членови на Конвенцијата на ООН за правата на
детето е членот 12, според кој на детето посебно му се дава можност да биде
сослушано во сите судски и административни постапки кои се однесуваат на него,
било непосредно или преку застапник или соодветен орган, на начин кој е во
согласност со процедуралните правила на националниот закон. Со него се
овозможува детето да биде вистински субјект на правото, а не само пасивен
објект на заштита што треба да ја обезбедат родителите или надлежните државни
органи.
Закон за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015).
Закон за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013).
Закон за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).
Конвенција за права на детето
http://www.childrensembassy.org.mk/WBStorage/Files/konvencija%20celosna.pdf
Borgese v. Italy, 26 Feb. 1992, §18; Ridi v. Italy, 27 Feb. 1992, §28.
