Говорот на омраза против сексуалните малцинства


Говорот на омраза против сексуалните малцинства стана актуелно прашање пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП или Судот). Онлајн медиумите и социјалните платформи ги зголемија можностите за изразување на лични мислења и коментари со омраза, поставувајќи го Судот пред задачата да ја исцртува линијата на заштита што ја дава Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП или Конвенцијата). Опсегот на правото на слобода на изразување (член 10 од ЕКЧП) е широк и Судот постојано нагласува дека Конвенцијата заштитува различни идеи, без оглед на нивната моќ да „навредуваат, шокираат или вознемируваат“. Сепак, слободата на изразување е право што доаѓа со „должности и одговорности“, особено кога таквите изразувања се во конфликт со „правата на другите“ (член 10 став 2). Случајот кој е предмет на оваа анализа, oдлуката на ЕСЧП во Бејзарас и Левицкас против Литванија од 14ти јануари 2020 година[1], дава пример за јасното неодобрување од страна на Судот на дискриминаторски однесувања засновани на сексуална ориентација и родов идентитет и конзистентно исклучување на хомофобичниот говор на омраза од опсегот на член 10.

Факти на случајот
Жалителите, Пујус Бејзарас и Мангирдас Левицкас се двајцата литвански државјани кои се во истополова врска. Во декември 2014 година, г-динот Бејзарас на својата страница на Фејсбук објавил фотографија на која тие се бакнуваат. Фотографијата која требала да го објави почетокот на нивната врска станала „вирална“, добивајќи стотици коментари во Литванија. Коментарите главно вклучувале повици жалителите да бидат „кастрирани“, „убиени“, „истребени“ и „запалени“ поради нивната хомосексуалност.[2]
Плашејќи се од одмазда, апликантите се обратиле до Литванската геј лига (ЛГЛ)[3], во која членувале и двајцата, барајќи таа да дејствува во нивно име, односно да го извести Јавното обвинителство за коментарите со омраза и да побара тоа да поведе кривична постапка за поттикнување омраза и насилство врз хомосексуалците. Неколку дена подоцна, ЛГЛ тоа и го направила.[4] 
Обвинителот сепак одлучил да не поведе предистражна постапка по пријавата (за поттикнување омраза и насилство врз хомосексуалците). Тој сметал дека авторите на коментарите само го „изразувале своето мислење“ и иако реагирале „неетички“, нивното однесување не наложувало кривично гонење. Обвинителот понатаму посочил дека неговиот заклучок е во согласност со практиката на Врховниот суд во вакви случаи.[5]
Домашните судови потоа целосно го поддржале ставот на обвинителот потврдувајќи ја ваквата одлука на сите нивоа. Во суштина тие биле на мислење дека однесувањето на жалителите било „ексцентрично“ и намерно провокативно. Според нив, жалителите можеле да предвидат дека објавувањето на слика од двајца мажи кои се бакнуваат нема да придонесе за социјална кохезија и промовирање на толеранција во Литванија, земја во која „традиционалните семејни вредности се многу ценети“. Ќе било подобро апликантите да ја споделат својата слика со „истомисленици“, особено затоа што Фејсбук дал можност да се ограничи пристапот само за пријатели.[6] Тие ги зајакнале аргументите против отворањето на постапка додавајќи дека „тоа би претставувало „губење на време и ресурси“, па дури и незаконско ограничување на правата на другите [т.е. на интернет-коментаторите]“, но и дека „кривичната постапка претставува крајна мерка и не ја заслужуваат сите дејствија”.[7]
Беизарас и Левицкас се жалеа пред Европскиот суд за човекови права, чија главна задача беше да утврди дали одбивањето на властите да покренат предистражна постапка за законитоста на коментарите објавени на Фејсбук претставува дискриминација на жалителите врз основа на сексуална ориентација.

Преглед на Одлуката на Европскиот суд за човекови права
ЕСЧП утврди дека коментарите на Фејсбук страницата на г-дин Бејзарас јасно влијаеле на психолошката благосостојба и достоинството на жалителите, со што фактите на случајот спаѓаат во опсегот на член 8 од Конвенцијата (право на почитување на приватниот и семејниот живот), а со тоа и на член 14 (забрана на дискриминација).[8]
Судот сметаше дека во оваа ситуација хомосексуалната ориентација на жалителите навистина одиграла улога во начинот на кој тие биле третирани од властите. Всушност, со фокусирање на она што тие го сметале за „ексцентрично однесување“ на жалителите, кривичните судови експлицитно се повикале на нивната сексуална ориентација во своите одлуки. Тие, дури, и сосема јасно изразиле неодобрување што жалителите така јавно ја демонстрирале својата сексуална ориентација кога одбивале да покренат предистражна постапка, наведувајќи ја некомпатибилноста на „традиционалните семејни вредности“ со општественото прифаќање на хомосексуалноста.[9]
Судот, исто така, директно истакна дека поради дискриминаторскиот однос на властите, жалителите не биле заштитени од отворени повици за напад врз нивниот физички и ментален интегритет, на што имале право во согласност со кривичното право. Тој најде дека коментарите со омраза биле инспирирани од фанатичниот став кон хомосексуалната заедница воопшто и дека „иста дискриминаторска состојба на умот била основата на неуспехот на властите да ја исполнат својата позитивна обврска да истражат на ефективен начин дали тие коментари претставувале поттикнување на омраза и насилство. Омаловажувајќи ја опасноста од ваквите коментари, властите во најмала рака нив ги толерирале. Следствено, Судот утврди дека жалителите претрпеле дискриминација врз основа на нивната сексуална ориентација и Владата не доставила никакво оправдување кое покажува дека разликата во третманот е компатибилна со стандардите на Конвенцијата. Според тоа, Судот утврди дека имало повреда на член 14, во врска со член 8 Конвенцијата.[10]
Во однос на членот 13 (право на ефикасен правен лек), ЕСЧП утврди дека судската пракса на Врховниот суд на Литванија, како што била применета од обвинителот, чија одлука пак потоа била потврдена од домашните судови, не предвидувала ефикасен домашен правен лек за жалби за хомофобна дискриминација. Конкретно, Судот повторно се повика на поимот „ексцентрично однесување“ и со загриженост забележа дека судската практика на Врховниот суд го нагласува „ексцентричното однесување“ на лицата кои припаѓаат на сексуалните малцинства и нивната должност „да ги почитуваат ставовите и традициите на другите“ кога ги остваруваат своите права.[11]
Освен тоа, извештаите на меѓународните тела потврдија дека во Литванија постои растечка нетолеранција кон сексуалните малцинства и дека на властите им недостасува сеопфатен стратешки пристап за справување со расистичкиот и хомофобичен говор на омраза. Според тоа, Судот утврди повреда и на членот 13 од Конвенцијата, бидејќи на апликантите им бил ускратен ефикасен домашен правен лек по нивните жалби за повреда на нивниот приватен живот поради дискриминација на основ на нивната сексуална ориентација.[12]

Заклучни коментари
Во случајот Беизарас и Левицкас против Литванија, Европскиот суд за човекови права донесе една важна и добро документирана пресуда. Тој утврди дека литванските власти ја прекршиле Европската конвенција за човекови права затоа што не ги исполниле своите позитивни обврски за заштита на таргетираните лица од дискриминација (член 14) и од повреда на нивната приватност (член 8). Судот, исто така, дојде до заклучок дека Литванија не одговорила ефективно на жалбите на апликантите за дискриминација поради нивната сексуална ориентација, и дека тоа претставува повреда на член 13 од Конвенцијата.[13]
Одлуката на Судот во овој случај на хомофобичен говор на омраза на Фејсбук беше очекувана и се заснова на неговата веќе постоечка пракса. Иако не воведува нови стандарди, таа е сепак од големо значење бидејќи придонесува во развојот на радикално неодобрување од страна на Судот на хомофобичниот говор на омраза. Исто така, одлуката ја истакнува кохерентната примена на различните принципи на Конвенцијата со цел заштита на ранливите гурпи од изразување на омраза и нетолеранција.
Па така, ЕСЧП ги гради своите наоди врз „позитивната обврска на државните органи да обезбедат ефективно уживање на правата и слободите гарантирани со ЕКЧП“, „обврска која е од особено значење за лицата кои имаат непопуларни ставови или припаѓаат на малцинствата, бидејќи тие се поранливи на виктимизација“.[14]
Понатаму, Судот ја потврди важната улога што Интернетот ја игра во пристапот до информации и олеснување на ширењето на информациите воопшто, но исто така повтори и дека тие слободи доаѓаат со „должности и одговорности“. При разгледувањето на должностите и одговорностите на оние што ги пласираат таквите информации, потенцијалното влијание на засегнатиот медиум е важен фактор. Дури и објавувањето на еден коментар со омраза, а камо ли дека таквите лица треба да се „убијат“, е доволно за да се земе за сериозно.[15]
Коментарите кои претставуваат говор на омраза и поттикнување насилство, а со тоа се јасно незаконски, во принцип може да бараат од државите да преземат позитивни мерки. Притоа, поттикнувањето омраза не мора да повлекува повик за акт на насилство или други криминални дејствија. Нападите врз лица извршени со навреда, земање на потсмев или клеветење одредени групи може да бидат доволни за властите да ја ограничат слободата на изразување практикувана на неодговорен начин.[16] Според пресудата, властите треба да се борат против говорот на омраза и хомофобичните дела од омраза со примена на кривичното право, што во такви случаи се смета како оправдано и неопходно мешање во правото на слобода на изразување.[17]
И конечно, или можеби почетно, додека заштитата на семејството во традиционална смисла е, во принцип, сериозна и легитимна причина што може да оправда различен третман, државата може да спроведе широк спектар на мерки за да се постигне таа цел. Државата е слободна да одлучува за видовите средства за заштита на семејството и за обезбедување на почитувањето на семејниот живот. Сепак, таа мора да ги земе предвид промените во перцепцијата на социјалните, граѓанско статусните и релационите прашања, вклучувајќи го и фактот дека не постои само еден начин или еден избор во сферата на живеење на семејниот или приватниот живот.[18] Во секој случај, ставовите или стереотипите кои преовладуваат во одреден временски период кај мнозинството членови на општеството не можат да послужат како оправдана основа за дискриминација на лицата исклучиво врз основа на нивната сексуална ориентација или за ограничување на правото на заштита на приватниотживотот.[19]




[1] ECtHR, Beizaras and Levickas v. Lithuania, no. 41288/15, 14 January 2020; https://hudoc.echr.coe.int/fre#{%22itemid%22:[%22001-200344%22]}
[2] Judgment Beizaras and Levickas v. Lithuania - online hate comments about same-sex kiss.pdf
[3] Национално здружение за правата на лезбијките, геј лицата, бисексуалните и трансродовите лица
[4] Параграф 16 и 17.
[5] Judgment Beizaras and Levickas v. Lithuania - online hate comments about same-sex kiss.pdf
[6] Ибид.
[7] Параграф 23.
[8] Параграф 117.
[9] Параграф 120 и 121.
[10] Параграф 129 и 130.
[11] Параграф 152. Дополнително, иако Врховниот суд претходно испитувал хомофобичен говор, тој никогаш не бил толку сериозен како во случајот на жалителите и затоа судот немал можност да ги разјасни стандардите што треба да се применат, параграф 155.
[12] Параграф 155 и 156.
[13] Dirk Voorhoof, European Court of Human Rights: Beizaras and Levickas v. Lithuania, IRIS 2020-3:1/21, IRIS Merlin (coe.int)
[14] Параграф 108.
[15] Параграф 127.
[16] Параграф 125.
[17] Voorhoof, види фуснота 13. Судот повтори дека кога делата претставуваат сериозни прекршоци против менталниот или физичкиот интегритет на една личност, кривичниот закон ќе обезбеди соодветна заштита, пара. 128.
[18] Судот потсети на растечката општа тенденција да се гледаат односите помеѓу истополовите двојки во рамките на концептот на „семеен живот“ (Bayev and Others v. Russia, 67667/09 and 2 others, § 67, 20 Јуни 2017), параграф 122.
[19] Параграф 125.
Говорот на омраза против сексуалните малцинства | Justice Observers