Формалното толкување на законските одредби го ограничува правото на пристап до судот

Анализа на Борјанка Моневска на Решение ГЖ-1215/18 од 18.10.2018 година на Апелациониот суд Битола.

 

1.Фактите за случајот

Со Решение П1-20/17 од 23.04.2018 година на Основниот суд Битола, жалбата на тужениот поднесена преку полномошник адвокат против Пресуда на Основниот суд Битола П1-20/17 од 13.03.2018 година, се отфрла согласно член 98 став 4 вв со член 101 од ЗПП. Со предметното Решение ГЖ-1215/18 од 18.10.2018 година на Апелациониот суд во Битола, жалбата на тужениот се одбива, а Решението на Основниот суд Битола П1-20/17 од 23.04.2018 година, се потврдува.
Имено, причината поради која првостепениот суд ја отфрлил жалбата на тужениот поднесена преку полномошник адвокат, е тоа што како што ценел овој Суд, во жалбата не бил наведен податок за електронското сандаче на полномошникот адвокат на тужениот како што било предвидено во одредбата од член 98 став 4 од ЗПП, а наведената е-маил адреса во жалбата не содржела и податок за електронско сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон.
Во жалбата против ваквата одлука на првостепениот суд тужениот преку својот полномошник адвокат укажал дека е погрешен ставот на првостепениот суд, бидејќи во меморандумот од поднесената жалба бил внесен податок vip_advokat@t-home.mkшто претставувало е-маил адреса односно електронско сандаче бидејќи тоа било едно исто, како и другите синоними кои се користеле за овој поим (електронска пошта, електронска адреса, е-маил, и-меил, електронско сандаче и слично). Дополнително во жалбата било наведено дека електронскиот систем за судска достава воопшто не функционирал кај полномошникот на тужениот сега жалител подолг временски период за што било пријавено во информатичкиот центар на Судот и информатичкиот центар на Врховен суд, поради што полномошникот на тужениот бил исклучен од овој систем и електронската достава нe функционирала за него.
Во објаснувањата дадени од страна на судијата на првостепениот суд пред второстепениот суд  согласно член 349 став 2 од ЗПП, дополнително е наведено дека во член 126-а од ЗПП било уредено како се врши електронска достава, како и дека преку проверка во акмис програмата се утврдило дека полномошникот адвокат немал функционално електронско сандаче за прием на писмена, но сепак бил должен во жалбата да наведе податоци за електронско сандаче.
Со ставот на првостепениот суд во целост се согласил и второстепениот суд поради што нашол дека не биле сторени повреди на одредбите од парничната постапка од страна на првостепениот суд и ја одбил жалбата на тужениот како неоснована.
Во образложението на предметното решение второстепениот суд навел дека смета дека законодавецот употребил различни термини во одредбите од член 98 став 3 и став 4 од ЗПП, со цел јасно да конкретизира е-маил и електронско сандаче како различни поими, па во жалбата морало да биде наведена не само е-маил адресата туку и податоците за електронското сандаче за достава на писмената регистрирано согласно закон, а како овој податок тужениот го немал наведено во ниту еден претходен поднесок.

2.Значење и примена на одредбата од член 98 став 4 од ЗПП

Имено, во одредбата од член 98 од ЗПП насловена како „Поднесоци“, се уредуваат основните елементи што треба да ги содржи секој поднесок за да може по истиот да се постапува. Одредбите од став 3, 4, 5 и 8 од член 98 од ЗПП, се донесени со Законот за изменување и дополнување на ЗПП од 01.09.2010 година објавен во Службен весник бр.116/2010, кои измени се донесени како резултат на животната реалност во врска со користењето на интернетот помеѓу физичките и правните лица, кој интернет се покажа како главен економски двигател во многу области, а со донесувањето на многу закони и легислативно се регулираше областа на информатичкото општество и во комуникацијата меѓу државните органи и граѓаните па и во комуникацијата меѓу самите граѓани.
Впрочем, донесените измени на оваа одредба се во смисла на начелото на економичност на постапката и судење во разумен рок, со цел надминувањето на проблемот со одолговлекувањето на постапката и неможноста да се постапува по поднесок заради недоволен број на примероци, нецелосни податоци во поднесокот како и да се обезбеди посериозен пристап од страна на странките и нивните полномошници уште при поднесување на поднесоците до судовите.
Во одредбата од став 3 е предвидено дека, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив, а покрај другите податоци се наведува дека треба да содржат и е-меил адреса.
Во одредбата од став 4 од член 98 од ЗПП, се предвидува дека поднесоците на одредени учесници во постапката (адвокати, државни органи, односно органи на локалната самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања) кои можат да се разменуваат по електронски пат, потребно е да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно закон.
Одредбата од став 4 од член 98 од ЗПП, е конкретизирана и преку одредбите од член 125-а и 126-а од ЗПП, кои се донесени со истите измени на ЗПП, и предвидуваат дека доставувањето на писмената на адвокати и другите лица наведени во член 98 став 4 од ЗПП, се врши по електронски пат во електронско сандаче и дека доставувањето по електронски пат се врши преку информатичкиот систем на судот на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата.
Интенцијата на законодавецот употребувајќи го терминот „електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон“, во одредбата од член 98 став 4 од ЗПП, која се однесува на поднесоците поднесени од адвокати и други лица кои согласно закон се должни да бидат регистрирани на системот за е-достава со свое електронско сандаче односно е-маил адреса, била да стави до знаење дека наведените лица во поднесоците мора да ја наведат онаа е-маил адреса со која се регистрирани во системот за електронска судска достава, а не некоја друга е-маил адреса.
Во таа смисла законодавецот прецизирал дека во овие поднесоци поднесени од лица со кои Судот има електронска комуникација, мора да биде наведена адресата на електронското сандаче со која корисникот се регистрирал во системот за електронска судска достава, а со цел Судот да нема пречки при размена на писмена на регистрираната адреса на електронското сандаче.
Додека пак во одредбата од член 98 став 3 од ЗПП, законодавецот го употребил поширокиот термин „е-маил адреса“, од причина што оваа одредба има поширока примена и се однесува на поднесоците поднесени од странките физички и правни лица, без разлика дали се поднесени преку полномошник адвокат или лично од самите странки. Ова со оглед дека физичките лица и правни лица како странки не се должни да бидат регистрирани на системот за електронска судска достава со своја е-маил адреса односно електронско сандаче согласно закон, како што е на пример адвокатот.
На тој начин, законодавецот кога употребил различни термини, не сметал дека ќе создаде недоследности во примената на одредбата од член 98 став 3 и 4 од ЗПП, бидејќи термините се наведени така како што налага потребата за исполнување на целта на одредбата. Притоа, сметајќи на тоа дека судиите ќе бидат соодветно обучени за примена и толкување на одредбите за електронската достава и ќе имаат елементарно познавање на терминологијата во оваа смисла.
Согласно стручната литература од областа на информатиката, електронската пошта (е-маил) е сервис на Интернет кој овозможува размена на електронски пораки меѓу корисниците на електронската пошта на Интернет. За да може да се користи електронската пошта секој корисник мора да има своја електронска адреса, или е-маил адреса. За секоја електронска адреса се доделува електронско сандаче. Електронско сандаче (e-mail box) е простор на хард дискот на компјутерот е-mail сервер, во кој се чуваат електронските пораки на корисникот. E-mail сервер е компјутер поврзан на Интернет кој ги прима и испраќа електронските пораки на корисниците на електронската пошта. За да може да користи електронската пошта, секој корисник мора да има своја електронска адреса. E-mail адресата ја избира корисникот. E-mail адресата се состои од два дела: корисничко име кое го избира корисникот при креирање на e-mail адресата и име на e-mail серверот, кои се одделени со знакот @.
Дека е-маил адресата како податок е податокот за адресата на електронското сандаче произлегува и од дефиницијата за „електронско сандаче“ која се користи во Условите за користење на системот за електронска достава на судски документи, а тоа е онаа е-маил адреса која на барање на корисникот, Судот ја одобрува, регистрира на web порталот е-достава, и преку која се извршува безбедно електронско доставување и примање на судски документи.
Со оглед дека како што се наведува во жалбата на тужениот, полномошникот адвокат во жалбата го имал наведено податокот за е-маил адресата со која бил регистриран во електронскиот систем за судска достава, што значи податокот за неговото електронско сандаче, и покрај тоа што истото не функционирало, произлегува дека не биле исполнети условите од член 101 став 1 од ЗПП, жалбата на тужениот поднесена преку полномошник адвокат, да биде отфрлена. Следи дека Судовите сториле погрешна примена на одредбата од член 98 став 4 од ЗПП, кога нашле дека покрај внесениот податок за е-маил адреса полномошникот на тужениот бил должен да внесе и дополнителен податок за електронското сандаче.

3.Заклучок

Со предметното решение се сторени повреди на постапката со оглед дека второстепениот суд не ги отстранил суштествените повреди сторени во првостепената постапка по член 343 став 1 вв член 98 став 4 и член 101 став 1 од ЗПП и член 343 став 2 точка 7 од ЗПП.
Сторените повреди од страна на првостепениот суд кои не се отстранети од страна на второстепениот суд, се поради погрешната примена на одредбата од 98 став 4 од ЗПП, а која погрешна примена повлекува и повреда по член 343 став 2 точка 7 од ЗПП.
На овој начин на тужениот му е одземена можноста да расправа пред второстепениот суд односно му е повредено правото за пристап пред суд загарантирано член 6 од Европската конвенција за човекови права. Имено, процесните начела имаат значење не само за законодавецот туку и за оној кој ги применува, а тоа се судиите во постапката за давање правна заштита поради што не може истите да не водат сметка за примената и интерпретацијата на процените начела, меѓу кои и принципот на правичност.
Дотолку повеќе што, во конкретниот случај е дискутабилно дали Судот навистина се грижел за остварување на целта на законската одредба за уредноста на жалбата како поднесок, ако се земе во предвид дека, како што е наведено, според Судот полномошникот на тужениот во ниту еден претходен поднесок немал наведено електронско сандаче. Оттука, се поставува прашањето зошто и како, претходно поднесените поднесоци од полномошникот биле уредни за Судот да расправа и одлучува по нив и да предизвикува трошоци за судскиот буџет и за странките, а сега прв пат жалбата како поднесок ја сметал за неуредна и нашол дека не може да се расправа по истата, ограничувајќи му го на тужениот уставно загарантираното право на пристап до Суд.
Заклучокот е дека со ваквиот формален и непрактичен пристап кон начинот на толкување на законските одредби, се одбегнува суштинската примена на процесните начела и се остава простор за сомнеж дека на судиите, одредбата од член 98 вв член 101 од ЗПП, им служи во намерата да прикажат поголем број на решени судски предмети кои ќе влезат во нивната судска норма со што истите би добиле повисока оцена од страна на судскиот совет. Но во борбата за повисока оцена, поголеми бенифиции и лично напредување, судиите забораваат дека истите вршат судска функција чија основна улога е правораздавањето, преку мериторно одлучување за некое право или правен однос, а се со цел остварување на поголема правна сигурност и предвидливост во правниот промет.

Токму правната сигурност е една од придобивките која се очекува да се постигне во пресрет на реформскиот процес кој што му следи на судството во Република Северна Македонија, од која причина дополнително е значаен придонесот на судиите во овој процес, преку правилно и целесообразно толкување и примена на законските одредби во изречените одлуки, а во насока на зачувување и промовирање на основните човекови права и слободи.

Формалното толкување на законските одредби го ограничува правото на пристап до судот | Justice Observers