Еуромак Метал ДОО против Република Македонија: Принцип на праведност и рамномерност во оданочувањето
Анализа на д-р Елена Нешовска Ќосева на пресудата „Еуромак Метал ДОО против Република Македонија“ (жалба бр. 68039/14) од Европскиот суд за човекови права.
Оваа анализа се
однесува на пресудата во случајот ,,ЕУРОМАК МЕТАЛ ДОО против РЕПУБЛИКА
МАКЕДОНИЈА”, која Европскиот суд за човекови права (во понатамошниот текст:
Судот) ја донел во корист на компанијата – жалител на седница одржана на
22.5.2018 година. Во овој случај, Судот одлучил
дека има повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1 на Европската конвенција за
заштита на човековите права, кој се однесува на правото на заштита и мирно
уживање на сопственоста.
Случајот бил покренат
по поднесена жалба до Судот против Република Македонија од страна на
компанијата ЕУРОМАК МЕТАЛ ДОО (во понатамошниот текст: компанија – жалител), семеен бизнис чија основна дејност била трговија со старо железо. Во
постапката пред Судот компанијата – жалител била застапувана од г-дин Игор
Спировски, адвокат од Скопје.
Во овој случај,
компанијата – жалител тврдела дека била обврзана да плати данок на додадена
вредност, со засметана камата, кој веќе претходно го одбил врз основа на
влезните фактури издадени од нејзините добавувачи. По спроведена контрола,
Управата за јавни приходи донела решение во кое констатирала дека компанијата –
жалител направила грешка при пресметување на износот кој се побарувал од
државата по основ на поврат на ДДВ, платен при набавка на стоки, бидејќи
нејзините добавувачи не го пријавиле или платиле данокот на додадена вредност
кон државата. Од оваа причина, и компанијата – жалител немала право на одбиток
на претходно платениот ДДВ. Во подоцнежната постапка, овие наоди на УЈП, биле
потврдени од Министерството за финансии и управните судови во Република
Македонија.
Повикувајќи се на
чл.1 од Протоколот бр. 1 на Европската конвенција (заштита на правото на
сопственост), компанијата – жалител тврдела дека, и покрај фактот што истата
уредно и навремено ги исполнила сите свои законски обврски како даночен
обврзник за целите на ДДВ предвидени со Законот за данокот на додадена вредност[1],
македонските даночни власти ја лишиле од правото на одбиток на ДДВ, поради
неисполнување на даночните обврски од страна на добавувачите, што секако претставуваат
околности кои што не зависат од компанијата – жалител.
Факти за случајот
Компанијата – жалител
била основана во 1998 година како друштво со ограничена одговорност, во
сопственост на брачните другари Жанета и Рашко Павловски. Компанијата – жалител
се занимавала со трговија со старо железо и за таа цел купувала отпаден
алуминиум, бакар, железо и други матели, ги преработувала, а потоа производот
го продавала.
Компанијата – жалител
била регистрирана како даночен обврзник за целите на ДДВ и уредно ги
исполнувала сите обврски пропишани во соодветниот Закон, во смисла на
искажување на ДДВ во сите излезни фактури, поднесување на даночни пријави и
остварување на правото на поврат на повеќе платениот ДДВ искажан во влезните
фактури, согласно методот на даночен кредит.
Во периодот октомври
– ноември 2009 година компанијата – жалител била предмет на контрола од страна
на Управата за јавни приходи при што предмет на контрола бил периодот од
1.1.2005 – 30.6.2009 година. На 6.11.2009 година УЈП донела решение во кое
констатирала дека некои од добавувачите на компанијата –жалител, кои биле регистрирани
за даночни цели на ДДВ, немале пријавено или платено ДДВ кон државата, иако ДДВ
бил искажан во фактурите кои ù биле издадени на компанијата – жалител. Ваквиот
заклучок УЈП го темелела на претходно спроведени контроли во тие компании, но
без да бидат дадени дополнителни појаснувања. Дополнително, со контролата било
утврдено дека во некои од фактурите недостасувале адреси на добавувачите. И
конечно, било констатирано дека компанијата – жалител им ги платила сите
фактури на добавувачите и дека ДДВ бил искажан во сите фактури кои ги издала
компанијата – жалител. По однос на наодите поврзани со добавувачите, УЈП во
решението заклучила дека компанијата – жалител не ги
исполнила неопходните услови за одбивка на претходниот данок, согласно чл.33 и
34 од Законот за ДДВ.
Како резултат на
контролата, компанијата – жалител била обврзана да ù плати на државата дополнителен
износ од 3.827.546 денари, со засметана камата, по основ на ДДВ, бидејќи во
контролираниот период погрешно го одбила претходно платениот ДДВ. На 22 март
2010 година, пак, УЈП пратила писмена опомена до компанијата – жалител во која
истата се обврзувала да ја плати целата сума, зголемата за висината на
каматата, односно вкупен износ од 6.050.124 денари.
Компанијата – жалител
го обжалила ваквото решение на УЈП, најпрвен до министерот за финансии, а потоа
во два наврати, и со тужба до Управниот суд. Управниот суд ја отфрлил тужбата
со образложение дека компанијата – жалител не ги исполнувала кумулативните
услови за да се оствари право на одбивка на претходно платениот данок со оглед
дека некои од нејзините добавувачи не го пријавиле или платиле ДДВ-то. Дополнително,
Судот навел дека компанијата – жалител имала обврска да знае и да биде свесна
за субјектите со кои се впушта во деловна активност и, во оваа смисла, истата
треба да сноси одговорност за нивните противзаконски дејствија. Во меѓувреме,
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
покренало тужба против некои од физичките лица кои се јавувале како
добавувачите на компанијата – жалител за злоупотреба на положба и даночно
затајување, поради постоење на сомнение дека ги користеле компаниите за
издавање на лажни фактури. Компаниите – снабдувачи како правни лица, пак, не
биле опфатени со тужбата.
Во февруари 2017
година компанијата – жалител била избришана од Централниот регистар, поради
неподнесување на завршна сметка за 2014 година, и престанала да постои. Во
моментот на затварање, банкарската сметка на компанијата – жалител била
блокирана и УЈП не успеала да го наплати даночниот долг.
Во 2014 година,
компанијата – жалител поднела жалба до Европскиот суд за човекови права
повикувајќи се на чл.1 од Протолот бр.1[2].
Во жалбата компанијата - жалител тврдела дека истата имала оправдани очекувања
по однос на остварување на право на одбиток на претходно платениот данок и дека
државата го повредила нејзиното право на мирно уживање на сопственост, поради
околности кои не зависеле од компанијата – жалител.
Пресуда
Одлучувајќи по
поднесената жалба, Судот одлучил дека: (1) жалбата е допуштена, и (2) жалбата е
основана.
По однос на прашањето за допуштеност, Судот ги отфрлил тврдењата на Владата на Република Македонија аргументирајќи дека компанијата – жалител постоела во моментот на поднесување на жалбата и дека нејзините основачи имаат легитимен интерес за донесување на конечна одлука пред Судот. Дополнително, Судот одлучил дека компанијата – жалител, поднесувајќи жалба и тужба по даночното решение донесено од УЈП, ги исцрпела сите правни лекови предвидени со домашното законодавство во врска со предметот на жалбата поднесена до Судот.
Судот утврдил повреда на чл.1 од Протоколот бр.1 на Европската конвенција за заштита на човековите права. Иако во овој случај било очигледно дека со мешање во правото на сопственост државата имала за цел ,,да осигура плаќање на даноци”, Судот го потврдил општо прифатениот принцип дека иако државата има широки овластувања во областа на оданочувањето, во случај на мешање мора да воспостави ,,правична рамнотежа” помеѓу барањата на општиот интерес на заедницата и потребата за заштита на основните права на поединецот.
Судот забележил дека, без сомнение, компанијата – жалител имала право да бара одбиток на претходниот данок најмалку во висина на
оправданите очекувања за остварување на правото на слободно уживање во
сопственоста. Понатаму, Судот посочил дека компанијата – жалител навремено и
целосно ги исполнувала сите свои законски обврски согласно Законот за данокот
на додадена вредност, дека не постоела измама во системот на ДДВ за кој истата
имала сознанија и дека не знаела ниту, пак можела да знае дали нејзините
добавувачи ги исполниле своите даночни обврски. Судот утврдил дека истата не
треба да ги сноси последиците поради тоа што нејзиниот добавувач не пријавувал
или плаќал ДДВ со тоа што ќе ù биде одземено правото на поврат на претходно
платеното ДДВ при набавка на добра и ќе биде задолжена повторно да плати ДДВ со
засметана камата. Судот сметал дека ова претставува прекумерен индивидуален
товар за компанијата – жалител кој се коси со принципот на рамнотежа помеѓу
барањата на заедницата и потребите за заштита на правото на сопственост. И
конечно, Судот ја задолжил Република Македонија да ù плати на компанијата –
жалител 4.000 евра во денарска противвредност на име надоместок на нематеријална
штета и 1.500 евра во денарска противвредност на име надомест на трошоци.
Значење на пресудата
Најзначајна
карактеристика кај данокот на додадена вредност претставува самоконтролниот
механизам, што што придонесува овој даночен облик да биде најтежок за даночна
евазија. Во оваа смисла, даночните обврзници меѓусебно се контролираат во
процесот на набавка и продажба на производите. Тие се мотивирани да внимаваат
дали нивниот претходник, во процесот на производство, продажба или
дистрибуција, го пресметал и искажал данокот во издадените фактури. Евиденцијата
и документацијата претставуваат conditio sine qua non за непречено
функционирање на ДДВ. На ваков начин, даночните обврзници се стекнуваат со
право на одбиток на претходно платениот ДДВ, согласно методот на даночен кредит
како највитален елемент на овој данок.
Согласно позитивното даночно законодавство на Република
Македонија, кое во најголема мера е хармонизирано со
законодавството на ЕУ во однос на ДДВ, правото
на одбиток на претходно платениот данок не се остварува автоматски, туку ако
кумулативно се остварени следните услови: (1) ако даночниот обврзник набавува
или увезува добра за цели на неговата стопанска дејност, и (2) врз основа на
издадени фактури во кои е посебно искажан платениот данок, а истите се
евидентирани во книговодството на даночниот обврзник. Сето ова го потврдува
тврдењето на компанијата – апликант дека истата, исполнувајќи ги условите
пропишани со Законот за ДДВ, имала легитимно право да бара и да оствари поврат
на ДДВ, и дека на никаков начин не извршила повреда на Законот, што од друга
страна е потврдено низ долгогодишната работа на компанијата и во образложението
на даночното решение на УЈП.
Исполнувањето на
обврските, пак, од страна на компаниите добавувачи на ниту едно место во
Законот за ДДВ не се предвидува како услов за остварување на право на одбиток
на претходно платениот данок. Сепак, ова е главниот аргумент за изречената
санкција од страна на УЈП.
Со оваа пресуда, Судот
уште еднаш го потврдува принципот дека еден
совесен ДДВ даночен обврзник, кој уредно и навремено ги исполнува сите законски
пропишани обврски, има право на поврат на ДДВ, согласно т.н механизам на
даночен кредит, кое не може да биде условено од однесувањето на другите даночни
обврзници во системот на ДДВ. Ова е од причина што ниту еден даночен
обврзник не може да одговара за однесувањето на своите добавувачи во смисла на
тоа дали тие го пријавуваат и плаќаат ДДВ-то на државата. Впрочем, Управата за
јавни приходи е надлежна и одговарна, како за утврдување и наплата на даноците,
така и за контрола на даночните обврзници за почитување на даночните правила и
прописи и исполнување на законските обврски.
Од друга страна, пак,
оваа пресуда е од особено значење и за останатите компании – регистрирани ДДВ
обврзници за даночни цели, гарантирајќи им правна
сигурност при остварување на правото на одбиток на претходно платениот ДДВ,
при набавка на добра, во услови кога ги имаат исполнето сите свои законски
пропишани даночни обврски спрема државата.
И конечно, во
даночно-правна смисла, пресудата на Судот е сразмерна и праведна. Во иднина, во
постапката на утврдување и наплата на даноците, даночните власти и управните
судови во Република Македонија треба да водат сметка за примена на принципот на праведност и рамномерност во
оданочувањето. Оданочувањето во ниту еден случај не смее да претставува
прекумерен товар за даночниот обврзник.
[1] Сл.весник на РМ, бр. 44/99, 59/99,
86/99, 11/00, Уставен суд бр. 93/00, 8/01, 21/03, Уставен суд бр. 17/04, 19/04,
33/06, 45/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11,
135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16 и
198 од 31.10.2018 година
[2] Чл.1 од
Протоколот бр.1 гласи: ,,Секое физичко или правно лице има право на мирно
уживање на сопственоста. Никој не треба да биде лишен од неговата сопственост,
освен кога се работи за јавен интерес и според условите предвидени со законот и
општите начела на меѓународното право. Сепак, претходните одредби на никој
начин нема да го нарушат правото на државата да спроведе такви закони кои ги
смета за неопходни заради контрола на користењето на сопственоста во согласност
со општиот интерес или за да го осигура плаќањето на даноците или други
придонеси или казни.”
