Анализа на случајот Бутуруга против Романија

1. Воведни напомени и размисли

 

Семејното насилство во повеќето модерни правни држави, вклучително и Македонија, добива третман на потежок квалификаторен облик во кривичните дела против животот и телото. Поради истото, во постапките каде постои сомнеж дека се случило семејно насилство, или уште повеќе, дека е сторено кривично дело при вршење на семејно насилство, потребно е да биде заострено вниманието и подигнат прагот на сензитивност и деталност во преземените дејствија од страна на надлежните органи и институции во откривањето на фактите на случајот. Во пронаоѓањето на соодветна дефиниција што сé би се вброило под значењето на семејното насилство, домашната регулатива е солидна појдовна точка. Препознавајќи ја деликатноста на ова материја, компаративно погледнато, многу од законодавствата го третираат и регулираат семејното насилство и во кривичната и во граѓанската сфера. Но, Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) е исто така значаен регулативен контрибутор кон опфатот на дефиницијата на семејното насилство низ правото кое го воспоставува преку своите пресуди. Во случајот предмет на оваа анализа, Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП/Судот) наоѓа дека домашните власти во Романија не го истражувале случајот на апликантата низ перспективата на семејното насилство, односно насилството во брак за кое исто така имало основи на сомневање. Дополнително, властите воопшто не ги испитале елементите на сајбер насилство(cyberbullying) кои биле истакнати од страна на апликантката. Ваквото испреплетување на прашањата за семејно насилство, сајбер насилство во рамки на семејната заедница, па дури и своевидната родова дискриминација на апликантката, погледнати од аспект на недоволно преземените истражни дејствија од страна на Романија за целосно разоткривање на случајот, резултираат со едногласен заклучок на Судот дека постои повреда на позитивните обврски на државата Романија кои произлегуваат од одредбите од чл. 3 и чл. 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП).

 

2. Факти на случајот

 

Главните точки на кои се однесува конкретниот случај се: неуспехот на властите да пристапат кон кривичната истрага од перспектива на семејно насилство (а не само како помеѓу приватни индивидуи), почитување на кореспонденцијата (овде во смисла на електронска комуникација, документи и податоци), сајбер насилството како еден од аспектите на насилство против жени и девојки и како форма на семејно насилство, неуспех на домашните власти да се испита основаноста на покрената постапка за сајбер насилство како тесно поврзано со семејното насилство и потребата од сеопфатно разгледување на феноменот на семејното насилство во сите негови форми.

 

2.1. Постапки пред домашните органи

 

Апликантката Бутуруга (Џина-Аурелиа), државјанин на Романија, ја поднела апликацијата на 11.11.2015 на основ на наводи дека била жртва на семејно насилство, а романските надлежни органи-власти не презеле соодветни дејствија за разрешување на случајот и кривичните постапки кои ги водела пред домашните органи не ги корелирале со семејното насилство. Апликантката била во брак со лице со инцијали М.В. сé до 30.01.2014 година. Додека траел бракот, таа истакнала дека била жртва на семејно насилство до степен што била подложена на физичко насилство и закани за смрт. Апликантката во рамки на домашната правна рамка и регулатива, пред заведување на спорот пред ЕСЧП, активно презмела дејствија за заштита на нејзините права, поведувала кривични постапки и соработувала со надлежните органи. Во рамки на националниот систем, апликантката повела кривична постапка за два инциденти. (1) Таа  истакнала дека нејзиниот сопруг на 17.12.2013 се заканил дека ќе ја убие и ја фрлил од балкон во обид да прикаже дека апликантката се обидела да се самоубие; (2) на 22.12.2013 ја удрил на главата и се заканил дека ќе ја убие со секира. По ваквите дејствија, на 23.12.2013 апликантката прибавила лекарски извештај во кој било наведено дека ѝ се потребни три до четири дена лекување, и дека е можно повредите да се здобиени на 22.12.2013. Покрај постапките за овие два инциденти, апликантката реферирала и други, меќу кои тој на 09.10.2015 кога тогаш поранешниот сопруг ја бркал по улица. На 23.12.2013 и на 06.01.2014, апликантката поднела пријави пред јавен обвинител за гореопишаните настани, како и за наводните насилство и закани кои ги добивала. Подоцна побарала да биде вклучена и во граѓанска постапка за надомест на штета. На 18.03.2014 дополнително побарала да се изврши електронско пребарување на домашниот компјутер во насока на прибавување докази во кривичната постапка, а со наводи дека нејзиниот сопруг незаконито пристапил до нејзините електронски сметки, вклучително и на Фејсбук, и дека направил копии од нејзините приватни разговори, документи и фотографии. Ваквото барање било одбиено со наредба на полицијата од 02.06.2014, и со образложение дека доказите кои би се прибавиле на овој начин не би биле релевантни со истакнатите обвниенија дека сопругот ѝ се заканувал и вршел насилство врз апликантката. Во наредниот период (на 13.03.20114), апликантката добила решение со кое на нејзиниот сопруг меѓудругото, му било забрането да ѝ се приближува. На 11.09.2014 апликантката поднела поднела кривична постапка против нејзиниот сопруг за прекршување на тајноста на кореспонденцијата. Во рамки на преземените дејствија од надлежните органи, во насока на прибавување докази за повредите на апликантката, сослушани биле нејзината мајка, ќерка и золва. Апликантаката истакнала приговори на начинот на прибавување и некомплетноста на овие докази. Јавниот обвинител ја запрел кривичната постапката со одлука на 17.02.2015 на основ на кривичниот законик на Романија. Определил парична казна за сопругот; за настанот од 22.12.2013 истакнал дека апликантката не докажала дека сопругот ѝ ги нанел повредите, а по однос на пријавата за нарушена тајност на кореспонденција, ја отфрлил како ненавремена и не презел никакви дејствија. Апликантката се жалела на оваа одлука, прво пред повисокиот јавен обвинител, а потоа и пред суд наведувајќи дека не биле собрани доволно докази и дека воопшто не била испитана пријавата за нарушена тајност на кореспонденција. Судот ги потврдил наоѓањата на јавниот обвинител. Во поведената постапка пред ЕСЧП, како најзначајни апликантката ги истакнува наводите дека: надлежните власти не го испитале случајот низ призмата на семејно насилство-односно насилство во брак, туку само како насилство помеѓу приватни индивидуи без потребниот степен на квалификација; не била спроведена соодветна постапка за разоткривање на вистинските околности на случајот, особено имајќи предвид дека настаните се одвивале во приватни простории и биле тешки за докажување. Апликантката дополнително го покренува прашањето за пасивноста на властите, кои не презеле дејствија на испитување на соседите, не ги следеле комуникациите ниту пак искористиле други специфични истражни мерки. Повторува и нагласува дека дејствијата на повреда на тајноста на кореспонденцијата од страна на нејзиниот сопруг, не само што се кривични по својата природа, туку и се директно поврзани со нападите, заканите и заплашувањата кои ги наведува.

 

2.2. Постапка пред ЕСЧП

 

2.2.1. Применето право

 

Она што ја прави значајна оваа пресуда е фактот што ЕСЧП предметот го анализара низ призмата на насилство врз жените, семејното насилство и сајбер насилството како манифестна форма или потенцијално и предизвикувач на семејно насилство. Со тоа, креира прецедент за начинот на третирање на овој тип на случаи од страна на државите-потписнички. Почнува со анализа на домашното романско право, но особено внимание посветува и на интернационалниот правен систем воспоставен од Обединетите нации преку Комитетот за елиминација на дискриминацијата против жените, Советот на Европа низ одредбите на Конвенцијата за спречување и сузбивање на насилството против жените и семејното насилство и на Извештај на работна група на Совет на Европа за сајбер насилство; Европската Унија, повторно во насока на подобро разбирање на длабочината на поимот на сајбер насислството, како и предизвикот на дистингвирање помеѓу онлајн и офлајн насилство и нивниот третман. Во поглед на анализата на случајот низ перспективата на ЕКЧП, по принципот на jura novit curia, ЕСЧП го испитува случајот во светло на одредбите на чл. 3 и чл. 8 од Конвенцијата. Судот потсетува на веќе добро вопоставените принципи дека земјите потписнички на конвенцијата имаат обврска да преземаат мерки за да се осигураат дека лицата под нивна јурисдикција не се подложени на тортура или нечовечки или деградирачки третман или казнување, дури и кога истите се спроведуваат од приватни лица. Позитивните обврски се состојат во обврска да се преземат разумни мерки, насочени кон спречување на незаконит третман за кој властите знаат или требало да знаат и процедуралната обврска да спроведуваат ефективна официјална истрага онаму каде личност покренува поплака заради незаконит третман. Што се однесува до заштитата од семејно насилство, судот потсетува дека државите имаат позитивни обврски да воспостават и спроведат ефективно систем кој би ги казнувал сите форми на семејно насилство, како и да обезбедат доволно заштитни мерки за жртвите. Она што вреди да се напомене како обсервација е фактот што иако сајбер насилството може да се набљудува и низ призмата на чл. 3 (пример, доколку доведе до сериозен емоционален стрес, страв или психолошки тегоби) и на чл. 8 (пример, во случај на повредана приватноста и неовластено споделување онлајн податоци), во анализата на овој случај ЕСЧР не прави јасна дистинкција во елаборирањето на повредите, туку се добива впечаток дека анализата е преклопена. При примената на генералните принципи врз околностите на конкретниот случај, судот прави анализа преку поделба на две точки на испитување:

 

2.2.2. Истрагата по однос на незаконитото постапување, каде ги изведува следнитерелевантни заклучоци:

 

i. Властите не ги испитале околностите на случајот низ перспективата на насилство во брак, додека јавниот обвинител ја прекинал поведената постапка исклучително на основ на одредбите кои санкционираат насилство помеѓу приватни индивидуи, но не и на одредбите кои посериозно го казнуваат брачното насилство.

ii. Потребно е посебно внимание во случаите на семејно насилство и специфичната природа на семејното насилство мора да биде земена предвид во домашните постапки.

iii. Иако домашните власти не побиваат дека апликантката се здобила со сериозни повреди, не презеле дополнителни дејствија за изнаоѓање други докази по однос на сторителот и потеклото на таквите повреди.

iv. Не се пронаоѓа недостаток на активност на страната на апликантката, особено имајќи ја предвид природата на постапката, односно случај на семејно насиство каде психолошкиот ефект игра огромна улога.

v. Овој случај мора да се анализира од аспект на семејното насилство, особено бидејќи никаков доказ не бил презентиран од домашните власти за спротивното.

 

2.2.3. Истрагата по однос на нарушувањето на тајноста на кореспонденцијата, каде како најзначајни заклучоци се издвојуваат:

 

i. Семејното насилство опфаќа и психичко насилство и прогонување.

ii. Во контекст на семејното насилство, сајбернасилството често се спроведува од страна на интимниот партнер на жртвата.

iii. Дејствијата на незаконито следење, пристап или зачувување на кореспонденцијата на партнерот може да биде земена предвид од страна на домашните власти при испчитување на случаи на семејно насилство. Наводите за нарушена кореспонденција побаруваат властите да спроведат истрага на основаноста на истите за сеопфатно да се сузбие семејното насилство во сите негови форми. iv. Домашните истражни власти не треба да настапуваат премногу формалистички во испитувањето на случаи од ваков карактер (во конкретниот случај пронаоѓа преголем формализам во постапувањето на романските власти).

v. Домашните власти не ја воделе кривичната постапка од аспект на насилство во брак. Истрагата за нападот има недостатоци, а воопшто не се испитале основаностите на пријавата за нарушена тајност на кореспонденција, што согласносудот, е тесно поврзана со пријавата за насилство. ЕСЧП едногласно заклучува дека не е постапено согласно позитивните обврски кои произлегуваат од чл. 3 и чл. 8 и пронаоѓа повреда на овие одредби.

 

 

3. Значење на анализираниот случај

 

Случајот на апликантката Бутуруга е, со право, вброен и издвоен во листата на клучни случаи на ЕСЧП (key cases). Истиот претставува силен прецедент на база на кој допрва ќе се продлабочува праксата како на Судот, така и во домашните системи на земјите-потписнички. Оттука, и во Македонија, потребно е заклучоците на Судот прво да ги анализираме, а потоа и да ги спроведеме. Во претходната глава беа сумарно прикажани најважните заклучоци на судот. Овде, заокружуваме со размисли за нивното практично значење. Пред сé, заднинска нишка во овој случај е семејното насилство, врз кое се надоградуваат кривичните дела на напад и закани врз апликантката, а потоа и сајбер насилството. Семејното насилство е екстремно сензитивна материја, каде жртвата претрпува цела низа негативни последици. Меѓу нив се вбројуваат психолошки тегови, стрес и страв кои неретко предизвикуваат ваквите дела воопшто да не бидат пријавени. Заради истото, онаму каде постои пријава за семејно насилство, од најголемо значење е одговорните власти да реагираат со зголемен степен на внимание и пријавата да ја испитуваат детално, сеопфатно и широкогледно. Во таа смисла, дури и ако примарно е пријавено друго кривично дело, а постои сомнеж дека е вршено семејно насилство, и самото кривично дело треба да се набљудува од аспект на семејното насилство. Во овој случај, судот определува дека романските власти настапиле премногу формалистички. Тоа значи дека иако формално во Романија постоела правна рамка што обезбедувала некаква заштита за апликантката, но сепак истата не била доволна за целособразно да се заштитат правата, туку властите требало да преземат дополнителни дејствија за да се расчисти случајот. Последното е релевантно за сите земји-потписнички. Иако понекогаш се чини дека правната регулатива е солидна, нејзиното ефектуирање во пракса може да биде со недостатоци. Во конкретниот случај, судот дури испитува дали начинот на кој е применета важечката регулатива од страна на властите е толку дефектна што истата претставува повреда на одредбите на Конвенцијата. Значи, дури и во услови на постоечка регулатива, повторно нејзината имплементација е клучна. Во овие ситуации, примарната улога мора да ја одиграат надлежните власти кои преку својата работа би се погрижиле секој случај да биде добро воден, а жртвите заштитени. Понатаму, иако ЕСЧР не дистингвира по која повреда го подведува сајбер насилството овде, сепак заклучоците во овој дел се исто така многу важни, особено имајќи предвид дека овој тип на насилство е сé почеста појава. Затоа, што поблиското дефинирање на самиот поим, што овде несомнено се прави , придонесува кон негово подобро препознавање и сузбивање во иднина. Дополнително, клучен е заклучокот и дека сајбер насилството може да се подведе под семејното насилство, а во одредени случаи може да биде и предизвикувач на таквото насилство (Овде, апликантката изнесува дека поради стореното сајбер насилство односно неовластениот пристап до нејзините електронски конверзации и податоци, подоцна поранешниот сопруг прибегнал и кон физичко насилство). Донесен е и заклучокот дека дејствијата на незаконито следење, пристап или зачувување на корспонденција на партнерот треба да биде земено предвид од домашните власти кога се испитуваат случаи на семејно насилство . Поврзувајќи го ова со претходно кажаното, и овој елемент на семејното насилство треба да се третира во корелација со него, а не како засебна појава . Само низ испитување на „големата слика“ во вакви ситуации може да се постигне правилна и целосна заштита на правата заштитени и со Конвецијата и со домашните закони.

Анализа на случајот Бутуруга против Романија | Justice Observers