Анализа на пресудата Вавричка и други против Чешката Република
Вавричка и други против Чешката Република
На 08.04.2021 година, Европскиот суд за човекови права ја донесе пресудата во случајот Вавричка и други против Чешката Република ([GC] - 47621/13, 3867/14, 73094/14 et al), која покрај вообичаениот интерес на стручната јавност, го привлече вниманието и на пошироката јавност – сосема очекувано имајќи предвид дека станува збор за пресуда која се однесува на задолжителна вакцинација, донесена во екот на пандемијата предизвикана од корона вирусот и кулминација на полемиките околу безбедноста на вакцините против Ковид-19. Покрај актуелната тема која е од исклучителна општествена важност, предметната пресуда е вредна за анализа од повеќе аспекти - врз основа на сеопфатна и компаративна анализа на националните законодавства, со оваа пресуда Судот изврши подетално утврдување на маргините на уважување кои им припаѓаат на државите во случаите на задолжителна вакцинација, а кои веќе беа начелно востановени со случајот Боффа и други против Сан Марино. Дополнително, како засегнати од исходот на поведената постапка пред ЕСЧП, во постапката интервенираат, односно како трети страни се вклучуваат четири држави и четири асоцијации, а во презентирањето на избрани одлуки од уставната јуриспруденција на други држави, Судот се осврнува и на одлука донесена од Уставниот суд на Р. С. Македонија. Соодветно внимание заслужува и издвоеното мислење на судијата Војтичек, особено од аспект на можноста Судот proprio motu да спроведе дополнителна истрага преку која ќе се прибават релевантни докази кои постојат, но не се доставени од страните во постапката.
Факти за случајот
Подносители на жалба до Европскиот суд за
човекови права се г-н Павел Вавричка - родител кој е парично казнет затоа што
не ги вакцинирал своите деца на училишна возраст и пет родители
во име на нивните деца на кои не им било дозволено да се запишат во детска
градинка затоа што не биле вакцинирани.
Жалителите бараа Судот да утврди дека со
последиците кои им се наметнати поради непочитување на задолжителната
вакцинација, државата сторила повреда на
член 8 (право на почитување на приватниот и семеен живот), член 9 (слобода на уверување,
совест и вера), член 2 (право на живот), член 6 (право на правично судење),
член 13 (право на ефективен правен лек) и член 14 (забрана на дискриминација)
од ЕКЧП, како и на член 2 од Протокол 1 кон ЕКЧП (право на образование).
Преглед на одлуката на Европскиот суд за човекови права
Судот одлучил поднесените жалби да ги
разгледува исклучиво од аспект на потенцијално сторена повреда на член 8 од Конвенцијата
(правото на почитување на приватниот и семеен живот).
Повикувајќи се на веќе востановената судска
пракса, Судот утврди дека задолжителната вакцинација несомнено претставува вмешување
на државата во практикувањето на правото на приватен и семеен живот,
гарантирано со член 8 од Конвенцијата. Имено, како што е утврдено со пресудата X
и Y против Холандија од
26.03.1985 година, телесниот интегритет на едно лице е составен дел на
концептот на „приватен живот“ заштитен со член 8 од Конвенцијата. Исто така, согласно
пресудите Салвети
против Италија иМатер
против Словачка,
задолжителната вакцинација како присилен медицински третман, претставува мешање
во правото на почитување на приватниот живот, што го вклучува физичкиот и
психолошкиот интегритет на една личност, заштитен со член 8 став 1 од
Конвенцијата. Во однос на случајот на Вавричка и други против Чешката
Република, Судот наведува дека без разлика на фактот што жалителите не биле
подложени на присилна вакцинација, воведувањето на обврска за вакцинирање и
непосредните последици кои им се наметнати на жалителите за непочитување на
оваа обврска, претставуваат вмешување на државата во правото на почитување на
приватниот и семеен живот од член 8 на Конвенцијата.
Откако,
согласно востановената судска пракса Судот утврдил дека со воведувањето на
задолжителна вакцинација државата сторила вмешување во почитувањето на правото
на приватен и семеен живот, Судот пристапил кон утврдување на оправданоста на вмешувањето од аспект на член 8 став 2 од Конвенцијата. Во оваа насока, Судот утврдил дека мерката задолжителна
вакцинација е заснована на закон, односно е содржана во достапна и предвидлива одредба
( Законот за заштита на јавното здравје). Понатаму, за воведувањето на мерката задолжителна вакцинација постои
легитимна цел – заштита на здравјето на граѓанте од болест која претставува
сериозен ризик, како за оние лица кои ќе бидат вакцинирани, така и за лицата
кои поради здравствени причини не можат да бидат вакцинирани. Клучната задача
на Судот, која се однесува на оценување на оправданоста на вмешувањето на државата
во право гарантирано со Конвенцијата, за кое веќе е утврдено дека е засновано
на закон и за чие воведување постои легитимна цел е да утврди дали вмешувањето
е неопходно во едно демократско општество. Досегашната судска пракса има
воспоставено повеќе критериуми кои треба да се користат при проценката на
неопходноста од задолжителна вакцинација – во случајот Соломахин
против Украина, во
кој жалителот против своја волја бил вакциниран од дифтерија за време на
пандемија, Судот оценувал дали вмешувањето на државата во практикувањето на
право гарантирано со Конвенцијата е заради контрола на ширење на заразна болест
заснована на оправдана грижа за јавното здравје, како и дали во конкретниот
случај биле преземени неопходните мерки на претпазливост при вакцинирање на
конкретната личност. Дополнително, во
услови на нецелосна усогласеност помеѓу националните законодавства на државите
членки во однос на неопходноста од воведување на мерката задолжителна
вакцинација на децата, еден од критериумите на оценување на оправданоста на
вмешувањето е опсегот на маргините на уважување, кои според Грир,
заедно со пропорционалноста и
недискриминацијата, претставуваат секундарни принципи на Конвенцијата, кои се
надоврзуваат на трите примарни принципи – „демократија“, „права“ и “приоритет
на правата“. Маргините на уважување кои
им припаѓаат на државите во случаите на задолжителна вакцинација, начелно
утврдени во предметот Боффа
и други против Сан Марино, со пресудата во предметот Вавричка и други против Чешката Република се дополнително
проширени. Имено, според согледувањата на Судот, во услови на непостоење на
консензус помеѓу државите кој се однесува на задолжителна вакцинација на деца,
неопходноста од социјална солидарност во поглед на заштита на здравјето на сите
членови на општеството и консензусот кој што постои помеѓу договорните страни и
релевантните меѓународни тела во однос на успешноста и економичноста на вакцините како интервенции за заштита на
јавното здравје, упатуваат на неопходноста државите да располагаат со пошироки
маргини на уважување во предметната област. Притоа, Судот утврдува дека
тужената држава пристапила кон воведување на задолжителна вакцинација на
децата, поради постоење на акутна социјална потреба – заштита на личното и
јавното здравје кое би можело да биде загрозено со ниски стапки на вакцинација.
Од овие причини, Судот смета дека законодавството на тужената држава кое
предвидува задолжителна вакцинација на деца е усогласено и со принципот на
најдобар интерес на децата. Конечно,
по утврдување на маргините на уважување и постоењето на акутна социјална
потреба, Судот пристапил и кон оценување на пропорционалноста на вмешувањето од
страна на државата во уживањето на право гарантирано со член 8 од Конвенцијата. Наведувајќи дека националното
законодавство на тужената држава предвидува обврска за примање на вакцини
против болести за кои постои консензус во научната зедница дека се ефективни и
безбедни, а исто така предвидува исклучоци од вакцинација по основ на можни
контраиндикации, надомест на штета во случај на последици по здравјето
предизвикани од вакцините и не содржи одредби согласно кои вакцинацијата може
да биде присилно спроведена, Судот утврдува дека мерките се пропорционални со
легитимната цел и неопходни во едно демократско општество. Наспроти ставот на Судот во случајот Боффа
и други против Сан Марино, согласно кој жалителите треба да ги докажат односно сторат веројатни
наводите дека вакцината може да им наштети на нивното здравје, во пресудата
која е предмет на оваа анализа, Судот утврдува дека обврска на државата е да ја
следи безбедноста на вакцините и да врши проценка на можните контраиндикации за
секој индивидуален случај.
Врз
основа на погоренаведеното, Судот одлучил дека со воведувањето на задолжителна
вакцинација и пропишувањето на последици за оние лица кои не се вакцинирани,
тужената држава не сторила повреда на член 8 од Конвенцијата.
Што се однесува до членот 9 на ЕКЧП, Судот потсети
дека не сите мислења или убедувања претставуваат уверувања заштитени со оваа
одредба. Имено, забележувајќи го
недостатокот на конзистентност на филозофските и религиозните аспекти на
приговорите на жалителите во постапката пред домашните институции, Судот
установи дека апликантите не успеале да докажат дека нивното критичко мислење
за вакцинацијата е доволно уверливо, сериозно, кохерентно и значајно за да
претставува верување заштитено според членот 9 на ЕКЧП. Од овие причини, Судот
утврди дека жалбите во делот кој се однесува на повреда на членот 9 од ЕКЧП се
недопуштени.
Преглед на уставна јуриспроденција на други држави
Во
прегледот на уставно-судската пракса на повеќе држави, Судот се осврнува и на
Решението на Уставниот суд на Р. С. Македонија У. Бр. 30/2014 согласно кое не
се поведува постапка за оценување на уставноста на член 33 став 2 и член 67
став 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести, односно член 46
став 2 од Законот за основното образование. Во цитираните извадоци од
образложението на предметното решение, Уставниот суд помеѓу друго има наведено:
„Задолжителната вакцинација, која со
оспорениот член 33 став 2 од Законот е предвидена, во ниту еден момент не може
да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот, а посебно на член
39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има
право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на
другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за
издржување и воспитување на децата.
...
Според Судот, обврската за задолжителна
вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на
засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава
заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други
лица.Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото
за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена
личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет( член 11 од
Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење
таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот.
При градењето на правното мислење Судот
го имаше во вид и фактот дека бенефитот од задолжителната вакцинација за
здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминува
последиците од вмешувањето( ограничувањето) на уставните права на поединците,
но според Судот задолжителната вакцинација, определена со Законот, не е
прекумерна мерка.“
Издвоено мислење на судијата Војтичек
Преку
издвоено мислење, судијата Војтичек се осврнува на неколку аспекти, на кои
според него, не им било посветено соодветно внимание од страна на Судот при
разгледувањето на жалбените наводи и донесувањето на пресудата. Тој потсетува на можноста Судот proprio motu
да спроведе дополнителна истрага преку која ќе се прибават докази кои не биле
доставени од страните во постапката, а кои несомнено постојат и се релевантни
за утврдување на материјалната вистина. Како што нагласува судијата Војтичек, постоечката пракса на ЕСЧП е многу
нејасна и двосмислена во однос на улогата на Судот и целта на постапката
(утврдувањето на формалната или материјалната вистина). Притоа, доколку Судот се придржува до начелото
на утврдувањето на формалната вистина и одлучува исклучиво врз основа на
доставените докази од страните во постапката, исходот во постапката би можел (а
не би требало) да зависи од квалитетот на поднесоците. Бидејќи, во конкретниот случај, Судот
одлучувал по прашања од важност за сите држави кои ја имаат ратификувано
Конвенцијата, а поднесоците на страните во постапката не содржат доволно докази
кои се однесуваат на ефикасноста и безбедноста на вакцините, Судот требало да
ја искористи можноста proprio motu да спроведе дополнителна истрага и да ги
прибави доказите кои постојат, а кои не биле доставени до Судот. Како што појаснува судијата Војтичек, ниту
еден национален документ кој содржи прецизна проценка на ефикасноста на
различните вакцини и придружните ризици не бил презентиран пред Судот, како
таква проценка никогаш да не била направена во тужената држава или никогаш да не
била предмет на јавна расправа. Дополнително, тој наведува дека жалителите
немале пристап до документите кои се однесуваат на ефикасноста и безбедноста на
вакцините. На овој начин, покрај неопходноста Судот да ги прибави релевантни
докази кои му се достапни а кои би можеле да имаат влијание врз донесување на
одлуката, судијата Војтичек адресира до стручната и пошироката јавност едно исклучително важно
прашање - дали граѓаните имаат право на неограничен пристап до документите кои се
однесуваат на ефективноста на вакцините и постојните ризици за нивното здравје,
однодно vice versa кои вредности се поважни од животот и здравјето на граѓаните
за да преовладејат при донесувањето на одлуката дали овие документи ќе и бидат
достапни на јавноста. Понатму, како што
наведува судијата Војтичек, лицата засегнати од обврската за вакцинација имаат
право да бидат запознаени не само со деталниот ризик за секоја болест, туку и
како тој ризик бил пресметан и оценет од оние кои донеле одлука да воведат
обврска за вакцинација. Имено,
жалителите навеле бројни недостатоци во процесот на одлучување на домашно ниво,
наведувајќи помеѓу другото судир на интереси на лицата вклучени во процесот на
донесување одлуки и недостапност на документите кои се однесуваат на
ефективноста и безбедноста на вакцините. Според судијата Војтичек, постапката
на оценување на безбедноста и ефикасноста на вакцините не е доволно да биде
правична, туку истовремено треба да ги увери граѓаните во нејзината правичност,
а во спротивно се зајакнува недовербата на граѓаните vis-à-vis демократските
институции. Во рамки на издвоеното мислење, судијата Војтичек го споделува и
неговото согледување дека жалбите содржат доволно аргументи prima facie за да
бидат разгледувани како допуштени жалбените наводи кои се однесуваат на
потенцијална повреда на член 9 од ЕКЧП, како и лично согледување дека во услови
на непостоење на консензус околу неопходноста од задолжителна вакцинација, државите
треба да имаат потесни маргини на уважување, а степенот на оправдување на
рестрикцијата на правото на избор на граѓаните треба да биде исклучително висок. Во заклучокот на издвоеното мислење,
судијата Војтичек наведува дека според него постојат силни аргументи кои одат
во прилог на заклучокот на Судот дека во конкретниот предмет не е сторена
повреда на одредбите на ЕКЧП, аргументи кои би преовладале дури и доколку бидат
применети построги стандарди на проверка. Притоа, како што наведува, несомнено,
вакцините спасуваат бројни човечки животи и спречуваат значителна штета по
здравјето на луѓето, но постојат процедурални недостатоци кои имаат влијание на
донесената пресуда, односно недостасуваат прецизни фактички елементи во
материјалите кои се поднесени до Судот од страна на тужената држава, а кои би го
оправдале вмешувањето на државата во практикувањето на правата на жалителите
гарантирани со Конвенцијата.
Пресудата во случајот Вавричка и
други против Чешката Република, несомнено претставува „landmark“ пресудa,
која ќе има влијание и врз идната пракса на ЕСЧП. Врз основа на истата, можеме да заклучиме
дека ставот на Судот, во однос на воведување на потенцијални мерки на
задолжителна вакцинација во услови на пандемија, веројатно ќе биде во насока на
утврдување на усогласеност на мерката со одредбите на ЕКЧП, доколку притоа се
земени предвид сите мерки на претпазливост и е предвиден надоместок на штета во
случај на последици по здравјето на граѓаните предизвикани од вакцините. Несомнено, покрај грижата за сопственото
здравје, секој граѓанин има обврска да се грижи и за заштита на јавното здравје
кое е основ и оправданост на вмешувањето на државата во практикувањето на
правото на приватен живот на граѓаните заштитен со член 8 од ЕКЧП. Сепак, се
чини дека некои од аргументите во презентираното издвоено мислење кои се
однесуваат на транспарентноста, односно обезбедувањето на достапност на сите документи
поврзани со ефективноста и безбедноста на вакцините, се вредни за
размисла, како од аспект на користење на
можноста Судот proprio motu да прибави докази кои се релевантни при утврдување
на материјалната вистина, така и од аспект на зголемување на довербата на граѓаните
во институциите.
