Анализа на пресуда на Апелациониот суд Скопје за клевета и штета нанесена на угледот и честа и повреда на личните права
Анализа на проф. д-р Игор Камбовски на Пресуда ГЖ бр.3811/18 на Апелациониот суд Скопје.
Факти за случајот:
Лицето Л. Ш.
(тужител) од К. е поранешна наставничка вработена во Основното училиште К. Р.
во К. На нејзино барање, со Решение на ОУ К.Р. К. бр 04-435/2 од 03.11.2015
година бил раскинат договорот за вработување Спогодбениот престанок на
работниот однос бил инициран како резултат на лична проценка на тужителката
која сметала дека истото е потребно ако се има предвид непријатната состојба во
која таа се наоѓала во тој момент. Имено, непосредно пред да го раскине
договорот за вработување, од страна на трето лице, со кражба на хардвер и со
неовластено влегување во комјпутерски систем, на тужителката и биле украдени
кориснички податоци за влез во нејзината електронска пошта и во нејзиниот Facebook
профил со што биле злоупотребени нејзините лични податоци. Поради таквиот
противправен чин тужителката го загубила непречениот пристап и владението над
својата електронска пошта и својот Facebook профил. Тужителката преку
електронска пошта на 27.09.2015 година испратила електронска порака до Дирекцијата
за заштита на лични податоци (тужен) на нивната службена електронска пошта info@privacy.mk со која побарала заштита од злоупотреба
на податоците од нејзиниот Facebook профил. Во дописот тужителката на тужениот
му ги соопштила своите лични податоци, адресата на живеење и се пожалила на
злоупотреба на личните податоци наведувајќи дека нејзината електронска пошта,
со која пристапувала на својот Faceboоk профил е хакирана, и дека истите повеќе
не се во нејзино владение. Со таквото дејствие тужителката побарала инспекциски
надзор и заштита од тужениот. Понатаму навела дека, во меѓувреме, третото лице
кое извршило упад во електронската пошта и Facebook профилот, неовластено
манипулирало со Facebook профилот и личните содржини, на начин што податоците и
фотографиите кои се наоѓале на профилот ги направило јавно достапни и видливи,
со што било повредено нејзиното право на приватност. На крајот од обраќањето,
побарала од тужениот во најкраток рок (следниот ден) да ја повика и да закаже
средба со неа, или да го стави нејзиниот Facebook профил под заштита, односно
да го оневозможи неовластеното користење и манипулирање со нејзините податоци и
фотографии на профилот. Врз основа на поднесеното барање од страна на
тужителката до тужениот, Дирекцијата донела решение УП 1 бр. 10-397 од
27.10.2016 година со кое ја прифатило иницијативата за вршење на инспекциски
надзор на тужителката, а воедно утврдила повреда на правото на заштита на
личните податоци.
Тужениот, во врска
со нејзината иницијатива за вршење инспекциски
надзор и одговорил на тужената дека истата е вклучена во месечниот план за инспекциски
надзор. Тужениот навел дека предметот е распределен кај овластеното лице за вршење
на инспекциски надзор и дека за исходот од постапката и начинот на кој ќе биде
одлучено, тужителката благовремено ќе биде информирана од страна на овластеното
лице. Овластеното лице вработено кај тужениот преку електронска пошта ја
известило тужителката дека социјалната мрежа Facebook ќе и обезбеди инструкции
за пристап, деактивирање и бришење на нејзиниот злоупотребен профил. Во
меѓувреме, третото лице стапило во контакт со тужителката и ја уценувало да
врши одредени работи во негова корист, со закана дека содржините и фотографиите
кои се наоѓале на Facebook профилот на тужителката јавно ќе ги објави. Откако
тужителката не одговорила на барањата и заканите, третото лице продолжило
неовластено и противправно да врши дејствија и активности на приватната
електронска пошта и на Facebook профилот на тужителката и објавувало во јавност
компромитирачки фотографии на тужителката. Како резултат на уцените и заканите, тужителката, свесна за
опасноста од нарушување на нејзината чест, углед и положба во општеството како
наставник и пример на своите ученици, побарала од директорот на училиштето
спогодбено да го раскине договорот за вработување. Фотографиите биле објавени и
на Телевизија Сител на 06.11.2015 година во посебен прилог насловен „Голата
наставничка си замина од катедрата, остана на Facebook“[i]. На прашање на новинарот -
на кој начин постапува Дирекцијата во вакви случаи на злоупотреба на Facebook
профили, од страна на овластено лице вработено во Дирекцијата за заштита на
личните податоци (тужениот) меѓу останатото била дадена изјава во која се
содржани невистинити факти штетни за честа и угледот на тужителката, и тоа во
делот каде се вели: „Она ги објавила фотографиите, она може да ги тргне. Ние
нема зошто тука да се мешаме во таа работа. Доколку се работи за злоупотреба од
некој друг на нејзини фотографии во тој случај можеме да реагираме. Но друг
надлежен орган во Република Македонија не постои“. Ваквата изјава на овластеното лице вработено кај тужениот била повод
тужителката да поднесе тужба за клевета изјавена преку средства за јавно
информирање поради нанесена штета на нејзината чест и углед против Дирекцијата
за заштита на личните податоци.
Процесни дејствија, првостепена одлука:
Во врска со
уцената и останатите противправни дела се поведени соодветни постапки пред
надлежни органи за кривично гонење - Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот
законик (КЗ)[ii],
Злоупотреба на лични податоци од член 149 став 1 од КЗ, Неовластено навлегување
во компјутерски систем по член 251 став 1 од КЗ и Уцена по член 259 став 1 од
КЗ. Во поглед на нанесената штета на нејзината чест и углед, тужителката
поднела тужба согласно член 8 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за
навреда и клевета (ЗГОНК)[iii] до Основниот суд Скопје
2-Скопје (Граѓански суд). Тужбата е поднесена против тужениот-Дирекцијата за
заштита на личните податоци, за утврдување на граѓанска одговорност за клевета
и надомест на штета. Основ за тужбата, односно тужбеното барање, е клеветата
содржана во изјавата на овластеното лице вработено кај тужениот, со која јавно
биле изнесени невистинити факти кои се штетни за нејзиниот углед и чест, а која
била објавена преку средствата за јавно информирање, во Дневникот на телевизија
Сител на ден 06.11.2015 година. По објавување на прилогот тужителката претрпела
нематеријална штета поради повреда на нејзините лични права, бидејќи била изложена
на срам и непријатности не само во семејството, поблиската средина туку и во општеството
воопшто, а кои резултирале и со нарушување на нејзината здравствена состојба.
Првостепениот граѓански суд донел Пресуда П5 бр.7/16 од 10.10.2017 година со која делумно го уважил тужбеното
барање, односно утврдил граѓанска одговорност за клевета, а во делот за
надомест на нематеријална штета за повреда на личните права тужбеното барање
било одбиено. Првостепениот
суд во постапката ги извел предложените докази од страна на тужителот и
тужениот и го применил материјалното право кое кореспондира со конкретното
тужбено барање. Законската рамка која е применета во конкретната ситуација ги
опфаќа: член
8 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета-за клевета
одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да
наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува
невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен
и може да знае дека се невистинити; и, во поширок контекст, член 25 од Уставот на РСМ[iv]- на секој граѓанин му се
гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот,
на достоинството и угледот; како и член 8 став 1 од Европската Конвенција за
заштита на човековите права[v]-секој човек има право на
почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Анализа на Пресуда ГЖ бр.3811/18 на Апелациониот суд Скопје
Второстепената
постапка која резултирала со Пресуда ГЖ бр.3811/18 на Апелациониот суд во Скопје од 12.09.2018 година, е иницирана по жалбата на тужениот, изјавена против пресудата на
Основен суд Скопје II Скопје П5бр.7/16 од 10.10.2017 година. Во жалбата
тужениот се повикува на два основи по кои може да се поднесе жалба согласно
Законот за парнична постапка (ЗПП)[vi], односно поради погрешно или
нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право,
како и поради одлуката за трошоци. Според тужениот, во жалбата е наведено дека спорната
изјава на неговиот претставник во прилогот објавен на телевизија Сител не
содржи елементи на клевета, па поради тоа истата не може да предизвика за
последица одговорност на тужениот за клевета во смисла на Законот за граѓанска
одговорност за навреда и клевета. Ова од причина што претставникот на
Дирекцијата за заштита на лични податоци на барање на редакцијата на Сител
Телевизија на ден 6.11.2015 година дал кратко интервју во врска со објавување
на спорните фотографии на тужителката на социјалната мрежа Facebook, при што
интервјуто ниту било тенденциозно, а уште помалку со намера да се наштети на
честа и угледот на тужителката. Според тужениот единствената цел на дадената
изјава е да се појасни што се случува кога се објавуваат фотографии на
социјалната мрежа Facebook и појаснување дека, доколку се работи за злоупотреба
од некој друг, во тој случај може да реагира Дирекцијата за заштита на лични
податоци како единствен надлежен орган за оваа цел во државата.
Во жалбената постапка, Апелациониот
суд испитувајќи ја обжалената пресуда во граница на жалбените наводи, ја одбил
жалбата на тужениот како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда П5
бр.7/16 од 10.10.2017 година на Основниот суд Скопје 2, Скопје. Апелациониот
суд, согласно чл.354 ст.1 од ЗПП внимавајќи по службена должност на сторени
суштествени повреди на одредбите на парничната постапка од чл.343 ст. 2 т.
1,2,3,5,10,11,13,14 и 15 од ЗПП, констатирал дека со донесување на обжалената
пресуда не е сторена ниту една од суштествените повреди на кои овој суд внимава
по службена должност. Во поглед на жалбените наводи за погрешна примена на
материјалното право, Апелациониот суд сосема кратко, во еден став, констатира
дека и материјалното право е правилно применето кога првостепениот суд одлучил
како во изреката на обжалената пресуда. Истата концизност се забележува и во
делот за трошоците, каде Апелациониот суд проценил дека првостепениот суд
согласно чл. 148 од ЗПП правилно ги одмерил и досудил парничните трошоци со кои
го задолжил тужениот, со јасно образложени причини на кои преземени процесни
дејствија истите се однесуваат. Што се однесува до образложението на жалбените
наводи за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба, Апелациониот суд во
целост ги прифатил аргументите на првостепениот суд содржани во првостепената
пресуда и жалбените наводи на тужениот ги отфрлил како неосновани. Апелациониот
суд особено го прифаќа образложението на првостепениот суд кој оценил дека
тужениот не постапувал со доволно ниво на претпазливост преку давањето на
изјавата на овластеното службено лице во делот кој се однесува на тужителката.
Имено, тужениот не смеел да си дозволи да изнесува невистинити факти во јавност,
затоа што тужителката, пред да биде објавен телевизискиот прилог, побарала
заштита од тужениот заради злоупотреба на податоците на нејзиниот Facebook
профил, а нејзиното барање било усвоено со решение со кое воедно е утврдена и
повреда на правото на заштита на личните податоци на тужителката. Исто така, во
изјавата на овластеното лице објавена во прилогот на телевизија Сител, акцентот
е ставен токму на тужителката, односно се тврди дека тужителката самата ги
објавила компромитирачките фотографии и дека самата таа може да ги тргне.
Првостепениот суд утврдил дека токму во овој дел изјавата на сведокот содржи
невистинити факти кои можат да наштетат на честа и угледот на тужителката,
затоа што тужителката на овој начин пред јавноста е претставена како личност
која објавува лични компромитирачки материјали (фотографии) на социјалната
мрежа Facebook, што може да се смета како неморално
однесување во средината во која живее и работи тужителката. Интересно е да се
спомне тоа што првостепениот суд го утврдил, а и Апелациониот суд истото го
наведува и потврдува во образложението, дека професијата на
тужителката е потенцирана во насловот на прилогот на телевизија Сител. Овој
објавен податок на кој тужениот неспорно не влијаел, ниту можел да влијае, во
контекст на изјавата дава уште поголемо значење за тежината на повредата на
личните права на тужителката и на нејзината чест и углед. Ова можело да
претставува основ за тужба и против телевизијата Сител, односно против авторoт
на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно
информирање и правното лице, но тужителката, од за неа познати причини и побуди,
не иницирала таква постапка против средството за јавно информирање. Понатаму,
во тој контекст, тужениот во жалбата направил обид да се повика на основот за
исклучување на одговорност предвиден во член 9 став 2 и член 8 став 3 од ЗГОНК,
каде таксативно се наброени лицата кои можат да одговараат за клевета доколку
изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку
средство за јавно информирање, кој се однесува на круг на лица во кои не спаѓа
тужениот. Сепак, правилно првостепениот суд утврдил, а Апелациониот суд ја
потврдил одговорноста на тужениот за клевета спрема тужителката сторена на
опишаниот начин согласно член 8 став 1 од ЗГОНК. Што се однесува до делот на
тужбеното барање во кој тужителката бара да и биде определен надомест за
причинета нематеријална штета, првостепениот суд, и покрај утврдената
одговорност за клевета и навреда, утврдил дека не се исполнети условите за
досудување на паричен надомест на нематеријална штета на тужителката поради
повреда на нејзините лични права на чест и углед. Дадено е образложение дека судот
досудува справедлив паричен надомест ако најде дека тежината на повредата и
околностите на случајот го оправдуваат тоа. Судот сметал дека доволна и реална
сатисфакција за претрпената штета на тужителката како резултат на преземените
дејствија на тужениот претставува самото утврдување на одговорноста на тужениот
за сторената клевета. Уште поиндикативно е што тужителката воопшто не изјавила
жалба против првостепената пресуда во делот на надомест на штета. Исто
така, во овој контекст сметам дека тужителката можела да иницира постапка и да го
насочи тужбеното барање, особено во делот на надомест на штета, кон средството
за јавно информирање-телевизијата Сител. Иако субјективната одговорност е на
страната на тужениот-Дирекцијата, а телевизијата Сител е медиумот преку кој
клеветата е дистрибуирана во јавност, Сител како телевизија со национална
концесија и со голема гледаност би можел да одговара за прилогот во кој е
изнесена клеветата и верувам дека судот би пресудил во корист на тужителката и
би досудил правичен паричен надомест. Во тој контекст, во нашата судска пракса
постојат голем број одлуки во кои е досуден справедлив паричен надомест за
нематеријална штета поради повреда на личните права и честа и угледот, сторени
од страна на средствата за јавно информирање. Што се однесува до
поширокиот контекст на постоење реален ризик и закана за повреда на
приватноста, личните права и злоупотреба на личните податоци, со потенцијален
ефект на штета на честа и угледот, секој корисник на социјалната мрежа Facebook
се соочува со таков ризик. Причината лежи во фактот што сите содржини поставени
на платформата на социјалната мрежа стануваат јавни и се подложни на
злоупотреби. Степенот на јавност и достапност го определува самиот корисник,
согласно Политиката за податоци[vii] на Facebook и опцијата
за технички подесувања (поставување, измени, бришење). Facebook често е на мета
на напади и тужби поради начинот на кој ги собира, чува и користи личните
податоци на корисниците, но од компанијата Facebook изјавуваат дека прават силни
напори за соодветна техничка и правна заштита на личните податоци, фотографии и
содржини на корисниците. Сепак, искуството и праксата покажуваат дека постојат
пропусти и „протекувања“ на податоците во јавност, најчесто од злонамерни или
лукративни побуди.
Заклучок
Апелациониот суд Скопје во постапката на одлучување по жалба одлучувал согласно
надлежностите кои произлегуваат од Законот за парнична постапка, како
второстепена инстанца. Судот внимателно ги анализирал жалбените наводи на
тужениот, по сите основи за жалба, истите ги отфрлил како неосновани и ја
потврдил првостепената одлука со темелно и прецизно образложение. Генерален
впечаток е дека Пресудата на Апелациониот суд е во согласност со домашното
законодавство и востановената судска пракса, пред се од формален аспект. Сметам
дека судскиот совет кој ја донел второстепената одлука немал големи дилеми во
процесот на одлучувањето, пред се поради прецизноста и јасноста на обжалената
првостепена пресуда која била предмет на преиспитување и анализа. Но, гледано
во поширок контекст, целата постапка добива поинаква димензија бидејќи станува
збор за своевиден преседан во македонската судска пракса. Имено, во постапката
во својство на тужена странка се јавува државен орган со јасни законски
ингеренции во функција на заштитата на личните податоци. Предмет на заштита е
субјективно граѓанско право-правото на приватност, угледот и честа и правото на
заштита на личните податоци. Но, она што го прави предметот посебен е фактот
што, посредно, повредата на субјективните граѓански права се врши преку еден
современ јавен медиум (социјалната мрежа Facebook) кој служи, пред се, за забава, но и за комуницирање и јавно споделување
лични мислења, ставови, фотографии, аудио и видео материјали и други содржини. Таквите содржини во својата
суштина претставуваат ризичен објект на заштита, поради заканите за
повреда на приватноста, личните права и злоупотребата на личните податоци, со можен
негативен ефект на честа и угледот на корисниците на Facebook.
[i] https://www.youtube.com/watch?v=dfYT3wEypCA
[ii] „Службен весник на Република
Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006,
73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12,
55/13, 82/13 и 27/14, 28/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15 и
97/17
[iii] „Службен весник на Република Македонија“ број 143/2012
[iv] https://www.sobranie.mk/content/Odluki%20USTAV/UstavSRSM.pdf
[v] https://www.echr.coe.int/Documents/Convention_MKD.pdf
[vi] „Службен весник на Република
Македонија” бр.7/2011/пречистен текст/ и бр. 124/2015
[vii] https://www.facebook.com/about/privacy/update
