Анализа на пресуда која утврдува дискриминација по основ на личен статус, семејна и брачна состојба

Анализа на Благоја Пандовски на пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ-1019/18.

 

1. Фактичка ситуација  
Тужителката М.М. Ј.од , К., била вработена кај тужениот ООУ„Х.Т.К.“ с.Д., со седиште во , Општина С.Н., а своите работни обврски, ги обавувала на работно место-Училишен педагог. Во оваа смисла, тужителката, кај тужениот, за прв пат, засновала работен однос на определено време, во траење од 3 месеци, по што работниот однос, продолжил врз основа на повеќе склучувања договори за вработување на определено време при што последниот договор бил склучен на ден 01.09.2015 година во траење од 3 месеци. Вкупниот работен стаж на тужителката, кај тужениот, од потпишување на првиот Договор за вработување на определено време, до последниот таков договор, изнесувал 4 години и три месеци. Во текот на учебната 2015 година, директорката на училиштето, односно, сега тужената С. С., доставила документи со барање за трансформација на работниот однос од определено во неопределено време, до надлежната Општина С.Н. и тоа, како за тужителката, така и уште 5 други вработени, на различни работни места во училиштето. Работното место, на кое работела тужителката-училишен педагог, во јули 2011 година, останало испразнето поради заминување во пензија на претходниот работник, од каде што произлегува дека, наведеното работно место било трајно испразнето. Во месец јули 2015 година, откако претходно била поднесена документацијата за трансформација на работниот однос на тужителката од определено во неопределено време, тужителката, на работното место, јавно соопштила дека е во четвртиот месец на бременост. Второтужената С.С., го повлекла барањето за транформација на работниот однос на тужителката, без налог или барање од која било институција, односно по сопствена одлука. Сите други барања за транформација на работниот однос од опредлено во неопредлено време освен на тужителката резултирале со трансформација на работниот однос во неопредлено време. Факт е и дека по контрола на Државниот просветен инспекторат извршен на ден 19.11.2015 година е утврдено дека тужителката ги исполнувала сите предуслови за трансформација на нејзиниот работен однос од работен однос на опредлено во работен однос на неопредлено време и дека директорката на учичиштето второтужена во постапката неосновано го повлекла барањето за трансформација на работниот однос кога е во прашање тужителката. На ден 24.11.2015 година, во јавен оглас е објавено пополнување на работното место - педагог во ООУ Х Т К, Општина С Н кое е всушност работното место на кое работела тужителката. Од ова се забележува дека првотужениот ООУ Х Т К, Општина С Н имал реална потреба од работник за позицијата на која работела тужителката. Тужителката веднаш се пријавила на овој оглас во училиштето и поднела молба заедно со пропратна документација, со цел задржување на своето работно место – училишен педагог. Меѓутоа на 12.12.2015 година, до тужителката било доставено известување од училиштето, со кое ја информираат дека со Одлука за склучување на договор за прием на кандидати по Оглас од 24.11.2015 година за работно место педагог е примено друго лице со која ќе биде потпишан Договор за вработување на определено време. Ова лице и денес работи на наведената позиција со договор за неопредлено време.                                                           
2. Процесни дејствија, тек на постапката, одлука на понискиот суд
Тужителката поднела тужба до Основниот суд во Куманово со која барала да се утврди дека тужениот ООУ„Х.Т.К.“, со седиште во с. Д, општина СН и директорот на училиштето СС од Куманово извршиле дискриминација по основ на личен статус, семејна и брачна состојба односно родителство. Исто така барала да се задолжат тужените, ООУ„Х.Т.К.“ с.Д., со седиште во , Општина С.Н. и директорот С.С. од К. населба К., солидарно, да и платат на тужителката, на име надомест на нематеријална штета, износ во висина од 100.000,00 денари во рок од 8 дена по приемот на пресудата. Во Првостепената постапка се донесени две пресуди. Првата пресуда е донесена на ден 13.04.2017 година но истата е укината со пресуда на Апелациониот суд во Скопје. Втората Пресуда II РО бр.17/2018 е донесена на ден 03.05.2018 година и со истата се усвојува тужбеното побарување на тужителката во целост, и со истата се констатира повлекување на тужбата во делот да се задолжи тужениот да ја врати тужителката на своето работно место и да потпише нов договор за вработување. Оваа пресуда во дел е потврдена со пресудата на Апелациониот суд во Скопје РОЖ- 1019/18 од 26.09.2018 година а во дел е преиначена. Првостепениот суд во постапката ги извел предложените докази од страна на тужителот и тужениот и го применил материјалното право кое кореспондира со конкретното тужбено побарување. Законската рамка која е применета во конкретната ситуација ги опфаќа чл.14 од Европската конвенција за заштита на човековите права , чл.1 од протоколот 12 кон Европската конвенција за заштита на човековите права, чл.2, чл.3, чл.5 ст.1 т.3, чл.14 ст.1 т.8, чл.36 ст.1 , чл.38 ст.1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација како и чл.9-Б ст.1 и член 10 од Законот за работни односи на РМ.
3. Образложение на пресудата на Апелациониот суд во Скопје РОЖ- 1019/18 од 26.09.2018 година.
Апелационата постапка која резултирала со пресудата на Апелациониот суд во Скопје РОЖ- 1019/18 од 26.09.2018 година, е иницирана по поднесена жалба од страна на тужените во постапката по сите основи по кои може да се поднесе жалба согласно Законот за парнична постапка на Република Македонија односно поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка, поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба и поради погрешна примена на материјалното право.
Апелациониот суд во Скопје постапил во рамките на своите надлежности утврдени со Законот за парнична постапка на Република Македонија каде се утврдуваат неговите ингеренции по поднесената жалба. Во Апелационата пресуда судот ја испитува првостепената пресуда во оној дел во кој се побива со жалбата, во границите на жалбените причини, а по службена должност внимава на примена на материјалното право и на повреда на одредбите на парничната постапка.
Во конкретниов случај Апелациониот суд во Скопје делумно ја усвоил поднесената жалба од полномошникот на тужените. Во поглед на обемноста и издржаноста на образложението кое го дал Апелациониот суд со донесување на предметната пресуда предмет на оваа анализа  можат да се забележат два различни типови на образложение. Во делот каде ја потврдува првостепената пресуда Аплелациониот Суд дава обемно и издржано образложение повикувајќи се на изведените докази во првостепената постапка, одредби од материјалното право и процесни членови. Во делот каде одлучува мериторно односно се преиначува првостепената пресуда при што самиот одлучува за висината на име надомест на нематерјална штета, која тужените треба да и ја исплатат на тужителката може да се забележи дека Апелациониот суд не дал поконкретно образложение зошто и согласно кои причини смета дека износот кој го досудил е правичен и следствено на тоа дека претходно досудениот износ од првостепениот суд е неправичен.
Во делот каде се испитуваат повредите на одредбите од парничната постапка може да се каже дека Апелациониот суд во своето образложение се задржал само на еден дел од суштествените повреди што укажува на тоа дека жалителот истакнал жалбени наводи поврзани со повреда само на оваа околност. Имено судот испитувал само во делот на суштествените повреди дали пресудата има недостатоци поради кои не може да се испита, дали изреката на пресудата е неразбирлива, дали истата противречи сама на себеси или на причините за пресудата, односно дали во пресудата не се наведени причините за решителните факти и дали тие причини се нејасни или противречни како дали за решителните факти постои противречност помеѓу причините на пресудата и доказите. Сепак не е правило дека судот овие околности ги испитува само кога ќе се истакнат во жалба бидејќи судот по службена должност внимава на повреда на одредбите на парничната постапка кои се од суштествена природа. Фактот што судот не дал образложение по основ на другите околности во врска со суштествени повреди а на кои внимава по службена должност може да се толкува дека жалителот не истакнал жалбени наводи по основ на овие околности но и дека судот не нашол неправилности во примената на истите. Гледано во целост образложението на Апелациониот суд во делот на суштествените повреди на одредбите на парничната постапка е објаснето со една реченица на страна 2 од пресудата каде ценел дека обжалената пресуда е јасна, разбирлива и содржи доволно образложени причини за решителни факти од кои се раководел првостепениот суд во одлучувањето без подетално да навлезе во елаборирање на овој заклучок.
Во делот каде судот навлегол во анализа на жалбените наводи поврзани со погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба утврдил дека во побиваната пресуда фактичката состојба е правилно и целосно утврдена и пресудата содржи образложени причини за решителните факти. За разлика од делот на суштествените повреди на одредбите на парничната постапка, каде како што напоменав не е навлезено во подетална елаборација на заклучокот на судот , во овој дел судот детално го образложува својот заклучок држејќи се до жалбените наводи на жалителот, со оглед дека фактичката состојба не е нешто што се испитува по службена должност туку само по истакнати наводи на жалителот. Во оваа насока судот најпрвин ги навел жалбените наводи на жалителот на кои се повикува во жалбата , а потоа детално елаборирајќи ги истите во контекст на оценката на првостепениот суд дал доволно образложение од кое може да се заклучи зошто смета дека истакнатите жалбени наводи во овој дел се неосновани. Особено е интересно дека во делот на утврдената фактичка состојба Апелациониот суд дал посебна анализа на доказите во смисла на одредбите од Законот за спречување на дискриминација каде е наведено дека ако странката во судска постапка тврди дека согласно со одредбите на истиот закон и е повредено правото на еднакво постапување е должна да ги изнесе сите факти и докази кои го оправдуваат нејзиното тврдење а докажувањето дека нема дискриминација паѓа на товар на спротивната странка. Притоа судот во оваа насока утврдил дека тужените не дале докази од кои може да произлезе дека не постои дискриминација во конкретниот случај. Исто така Апелациониот суд ги елаборирал и заклучоците на првостепениот суд во делот каде се утврдени постулатите на самата дискриминација односно нееднаквиот третман па напишал дека и останатите работници биле во аналогна односно слична ситуација со тужителката но останатите работници имале поповолен третман од каде што произлегува дискриминаторскиот однос према тужителката. Ваквата анализа на Апелациониот суд во Скопје во делот на наводите за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба е навистина темелна и е добро образложена.
Во делот на Анализа на жалбените наводи поврзани со погрешна примена на материјалното право, судот одлучувал по жалбените наводи на жалителот но и првостепената пресуда ја испитувал по службена должност со оглед дека согласно одредбите од Законот за парнична постапка судот по службена должност внимава на примена на материјалното право. Од образложението на судот во овој дел кое е обемно може да се каже дека Апелациониот суд ги образложил сите релевантни членови од Законот за работни односи и Законот за спречување и заштита на дискриминацијата кои се применливи во конкретната ситуација. Она што е интересно во овој дел и е навистина за пофалба е дека во делот на испитување на материјалното право кое го применил првостепениот суд Апелациониот суд, дал и анализа на одреби од Европската конвенција за човековите права и слободи и нејзиниот Протокол 12. Имено Апелациониот суд ја потврдил како исправна примената на членот 14 од Европската конвенција за човековите права и слободи за забрана на дискриминација и членот 1 од Протоколот 12 на Конвенцијата кој се однесува на општа забрана за дискриминација по било која основа. Примената на одредби од Европската конвенција за човековите права и Слободи, особено кога се работи за дискриминација од страна на домашните судови е секако есенцијална која мора да премине во пракса на судовите. Може да се заклучи дека образложението на Апелациониот суд во делот на примената на материјалното право е опсежна, доволна и во рамките на Законот за парнична постапка.
Во делот на Пресудата каде што Апелациониот суд ги образложува причините поради кои ја преиначил првостепената пресуда во делот на досудената нематеријална штета можат да се забележат неколку интересни работи. Имено Апелациониот суд во овој дел ја анализирал фактичката состојба изведена од првостепениот суд , претежно концентрирајќи се на медицинското психијатриското во кое утврдува интензитетот и времетраењето на душевната болка која ја претрпела тужителката и притоа не утврдил дека првостепениот суд погрешно го утврдил времетраењето на душевната болка и нејзиниот интензитет. Сепак Апелациониот суд ценел дека првостепениот суд превисоко ја определил висината на нематеријалната штета во износ од 100.000 денари и истата ја преполовил односно ја утврдил на износ од 50.000 денари. Сепак Апелациониот суд освен тоа што сметал дека според него овој износ е справедлив и не оди во спротивност со природата на правото на надоместок, не навлегол во подетално образложување на основ на кои реални показатели и факти дошол до ваквиот заклучок. Имено кога повисокиот суд ја преиначува првостепената постапка дирекно навлегува во одлучување на меритумот на спорот или во конкретниов случај на дел од спорот, па оттука истиот мора да даде детално образложение за тоа зошто одлучил како што одлучил. Користењето на законската терминиологија “справедлив” и “не оди во спротивност со природата на правото на надоместок” без да се наведе кои се основите со кои се утврдува справедливоста и правото на надоместок не е доволно образложение за мериторно одлучување. Исто така во овој дел може да се забележи квантитативна разлика на образложението во споредба со образложението во делот каде првостепената пресуда се потврдува при што во овој дел образложението е доста пооскудно.
4. Заклучок
Генерален заклучок е дека Апелациониот суд во одлучување по жалбата се задржал во рамките на своите надлежности утврдени со Законот за парнична постапка, и тоа во сите три области во кои се истакнати жалбените наводи.
Понатаму, од предметната пресуда може да се заклучи дека судот извршил грижлива оценка на жалбените наводи истакнати од жалителот, и дал добро образложение кои жалбени наводи смета дека се неосновани а кои смета дека се основани. Уште повеќе во постапката Апелациониот суд во Скопје ги разгледал жалбените наводи во поширок и во потесен контекст односно во своето образложение ја ценел нивната основаност користејќи поголем број на законски одредби но не отишол надвор од смислата и причините поради кои овие наводи биле истакнати.
Од анализата на предметната пресуда на Аплеациониот суд во делот во кој одлучувал мериторно и ја преиначил првостепената пресуда се заклучува дека требал да даде потемелно објаснување на причините поради кои ја преиначил пресудата. Имено доколку веќе судот во овој дел одмерувал висина на нематеријална штета за конкретната тужителка морал да образложи зошто досудениот износ од 50.000 денари смета дека е посправедлив од претходно досудениот износ од 100.000 денари со првостепената пресуда. Справедливоста на нематеријалната штета е околност која мора да се цени конкретно со околностите на индивидуата која и се досудува и поседиците кои произлегле за истата од дејствието кое ја предизвикало штетата. Паушалното објаснување дека одреден надомест е справедлив а друг не е како субјективно согледување на судиите не е доволно образложена причина за одлучувањето.